Платформата EZtoTrack и GPS уредите за следење на возила на компанијата „Брансис“ се целосно македонски производи
Македонската компанија „Брансис“ е добро позната на домашниот, но и на северно-амариканскиот пазар со својата платформа EZtoTrack. Се работи за решение кое веќе пет години им овозможува на транспортните компании да ја организираат, менаџираат и контролираат нивната логистика, возниот парк, алатите и опремата која се користи и транспортира од една на друга локација.
Пандорка Чушкова-Мишкова од маркетинг и ХР секторот на „Брансис“ најавува дека компанијата во моментов работи и на креирање целосно нова платформа, која треба да биде готова до крајот на годината. Ќе применува нови технологии и ќе овозможи многу побрза и поквалитетна услуга за компаниите, но и нивна побрза адаптација кон електрични возила, а со тоа и намалување на емисијата на штетни гасови и почиста животна средина.
Новинар – Сања Наумовска
Пандорка, кажете ни нешто повеќе за вашата платформа EZtoTrack.
EZtoTrack е решение кое веќе пет години активно им помага на компаниите да ја организираат, менаџираат и контролираат нивната логистика, од возен парк, па сѐ до алати и опрема која се користи и транспортира од една на друга локација. На самиот почеток оваа платформа беше развиена исклучиво за следење и менаџирање на возила, а со текот на годините се надгради со повеќе различни софтверски модули, како и со интеграција на различен хардвер – сензори, од следење на температура, гориво, па сѐ до притисок на гуми и системи за превенција од сообраќајни незгоди.
Овој систем, денес опфаќа не само in-house развиен софтвер, туку и сопствени хардверски уреди за GPS следење, кои се произведуваат во нашата држава. Бидејќи секогаш се држиме до новите трендови и технологии, во моментов се работи и на една целосно нова платформа, која со примена на новите технологии ќе овозможи и многу побрза и поквалитетна услуга на самите корисници. Нашиот тим за истражување и развој секојдневно работи на подобрување и унапредување на нашите производи, кои денес опслужуваат илјадници возила од Африка до Северна Америка. За таа цел овој период работиме и на проширување на тимот во Македонија, па сите кои би сакале да се насочат кон специјализиран развој на производи (backend and embedded engineers) или специјализирана B2B продажба и поддршка за клиенти, се добредојдени во нашите простории каде ќе можат да го запознаат тимот и да дознаат малку повеќе околу работењето на компанијата или пак да не контактираат преку jobs@bransys.com
Какви услуги им нудите на клиентите преку платформата EZtoTrack?
Платформата за fleet & asset management има неколку различни модули зависно од индустријата во која оперираат самите компании. Решението опфаќа модули за транспорт и логистика, превоз на патници, градежништво, рударска индустрија, менаџирање на отпад и тн. Со овој систем самите компании можат да ги следат во реално време нивните возила, како и опремата, вклучувајќи контејнери, алати, машини и сл. Покрај основната функционалност за следење во живо, достапни се и низа посебни извештаи, како историска реконструкција на рута, статуси на возила, посетеност на точки од интерес, патни налози, температура во возила и во производи кои се транспортираат, потрошувачка на гориво, сервисни интервенции итн. Сѐ ова заедно, им овозможува на компаниите да имаат целосен детален увид во своето работење, следење на трошоците, како и можност да го оптимизираат работењето преку соодветно менаџирање на своите ресурси.
Самата платформа од софтверска страна вклучува веб и мобилни апликации кои се развиени од нашиот тим и истите се отворени за надградби и адаптација според потребите на самите клиенти, додека од хардверска страна вклучива уреди за GPS следење на возила со и без вклучена батерија, Bluetooth и RFID тагови и читачи за следење на опрема, сензори за гориво, температура, притисок на гуми и сл.
Кои се бенефитите за компаниите од користењето на овој тип услуга?
Со користењето на EZtoTrack платформата, компаниите имаат можност да го оптимизираат своето работење со подобро менаџирање на ресурсите, намалување на трошоците во самиот возен парк, како и подобрување на безбедноста на возачите и нивната сообраќајна култура, благодарение на можностите од примена на системот за превенција од незгоди. Но, покрај директните бенефити за компаниите, од особена важност за околината е тоа што ова решение, индиректно, помага во намалување на емисијата на издувни гасови и поздрава животна средина за сите.
Рековте дека платформата функционира веќе пет години. Кажете ни некои примери на имплементација на EZtoTrack во компании. Каков е нивниот фидбек?
Голем број компании, со различна големина на возен парк, денес се корисници на EZtoTrack платформата. Пекабеско, Кока Кола, ТНТ се само дел од клиентите корисници во нашата држава. Иако националниот и регионалниот пазар ги опфаќа почетоците на нашето работење, сепак во портфолиото на Брансис, најголем дел од клиентите кои ја користат оваа платформа, се компании кои работат во Северна Америка. Особено значајно е што EZtoTrack системот има еден уникатен модул за waste management, кој им помогна на голем број компании во Америка да ги автоматизираат целосно своите процеси на работа, да имаат целосна контрола не само врз контејнерите, возилата и оперативните процеси, туку и врз наплатата која ја имаат за нивните услуги. За жал, овој систем, и покрај валидираната примена кај многу компании, во овој регион сѐ уште не се применува, поради тоа што нашите комунални претпријатија не се отворени за дигитализација на своите процеси и примена на нови технолошки решенија, кои се од големо значење не само за нивното работење, туку и за животната средина.
Што беше мотивацијата за вашиот тим кога решивте да почнете да работите на платформата EZtoTrack?
Нашиот тим е специјализиран за развој и имплементација на решенија за automotive industry. Токму поради овој наш фокус, секогаш сме насочени кон продлабочување на проблематиките во оваа индустрија и развој на решенија за сите актуелни проблеми во индустријата со примена на нови технологии. Новите IoT трендови ни отворија врата кон проширување на примената на нашите системи. Дополнително, со почетоците на производство на сопствен хардвер, се отвори можност за проширување на дејноста и следење не само на возила, туку дури и на мали ситни алати, кои се од голема вредност за претпријатијата, бидејќи се дел од нивните основни средства за работа. Уште поголема мотивација за специјализиран развој на еден продукт кај нас беше и фактот дека сме фокусирани кон специјализација на самите тимови кон одредена технологија. Во моментов R&D тимот опфаќа подтимови за backend, frontend, embedded развој и QA. На овој начин им овозможуваме на нашите тимови да се специјализираат во одредени технологии и да се фокусираат кон развој на нови иновативни IoT решенија на проблемите на самиот пазар.
Во јануари се претставивте и на CES 2022. Кои се придобивките од светската промоција?
„Брансис“ уште од самите почетоци, па до денес има изложувано на повеќе од 20 саеми насекаде низ светот. Покрај промоција на брендот, настани како CES22 ни овозможуваат да стапиме во директен контакт со многу светски бренови, да ја следиме динамиката на пазарот и секогаш да бидеме во чекор со новите трендови. Ние соработуваме со доста производители на електронски компоненти, кои се клучен дел за нашето производство на хардвер, а на најголемиот саем за електроника во светот – CES, успеавме да склучиме доста значајни договори кои ќе ни помогнат да го унапредиме производството и да се фокусираме кон квалитетни производи по сите светски стандарди.
Кажете ни нешто повеќе за Bransys, колку време постои компанијата и со какви проекти се занимава?
Bransys е продукт ориентирана компанија, која веќе 14 години активно развива свои бизнис решенија за аутомотив индустријата. Нашите почетоци, тука во Македонија, опфаќаа неколку различни решенија за ГПС следење на возила, аеродромски системи, диспечерски системи за такси индустријата, па се до системи за станици за технички преглед на возила. Иако овие решенија, ден денес се активни и се користат од многу компании, сепак низ годините решивме да се фокусираме исклучиво кон копнен превоз, менаџирање и оптимизирање на работењето на возните паркови на компаниите и да им понудиме целосни дигитални решенија за пооптимално искористување на ресурсите и времето.
Денес, „Брансис“ е со канцеларии во Скопје, каде е најголем дел од нашиот R&D тим. Во Велес е лоцирано производството на хардвер, а дополнително во нашите канцеларии во Белград, Србија и во Чикаго, САД имаме колеги кои се фокусираат најмногу на продажба и поддршка на клиентите.
Она што е најново за „Брансис“ е тоа што во тек е подготовка на новата канцеларија која ќе оперира во Силиконската долина во САД, што ќе ни овозможи да бидеме во центарот на иновациите и да се вклучиме во поставувањето на нови иновативни основи за развој на современи IoT решенија со голем фокус кон безбедноста и електронската иднина во сообраќајот.
Кои се вашите планови за иднина?
Нашите планови, во моментов опфаќаат една голема миграција кон новата платформа која веќе една година активно се развива. Оваа платформа ќе ги опфати не само моменталниот систем EZtoTrack, туку и ELD платформата, која е исклучиво развиена за американскиот пазар и е сертифицирана согласност со законските регулативи во САД. Оваа платформа очекуваме да биде пуштена во функција во целост до крајот на годинава, а во моментов пристап до неа имаат неколку наши поголеми клиенти, кои се активно вклучени во дизајн на процесите на истата.
Оваа платформа се развива како одговор на неколку различни проблематики во транспортот, но за разлика од другите решенија достапни на пазарот, голем фокус е ставен на сајбер безбедноста, еколошката компонента на дигитализацијата и поддршка за новите електрични флоти возила. Со оваа платформа и со новите батериски ќелии кои ќе се развиваат во нашиот производен погон, ќе овозможиме побрза адаптација на бизнисите кон примена на електрични возила, а со тоа и намалување на емисијата на штетни гасови на возилата и почиста животна средина за сите нас.