Драган Цветковиќ од Куманово има банка со 200 семиња од старите, заборавени македонски земјоделски сорти

- Advertisement -

Адут ГВН во мисија да  ги обнови автохтоните сорти од домашни растенија, за свој мерак, но и да го врати незаборавниот некогашен вкус на храната

Новинар – Александрија Николовска

Страста кон развивање и одржување на природното и органско производство и желбата за навраќање на корените го натералата Драган Цветковиќ да се врати во село, со цел да произведува  чиста и здрава храна со вкус кој потсетува на некогашниот. Така во близина на Куманово, во чистата рурална средина Тромеѓа и далеку од индустриските објекти, Цветковиќ го лоцирал погонот на фирмата „Адут ГВН”, која се првично се занимавала со конфекционирање на основни додатоци во исхраната, за веќе во втората фаза да се зафати со заштита,обновување и производство на стари автохтони сорти на растенија кои успеваат на нашето поднебје. Тие, на македонскиот пазар станаа прeпознатливи по производството на индиско чили во македонски услови, но и одгледувањето и продажба на старите сорти на наут, бела пченица, ловор. Сето тоа за свој мерак, но и потрошувачите да ги навратат на некогашните добро препознатливи вкусови на храна одгледана на македонско поднебје.

- Advertisement -

Нешто по што се препознатливи е селекцијата на генетска колекција (Банка) од околу 200 семиња на обоени или како што ги викаат шарени гравчиња. Денеска под закрилата на „Адут ГВН”, има 114 производи, вклучени со двата бренда ,,Зелена Долина“ и ,,Директно од природата“.

Инаку, под бренд „Зелена долина“ се пакуваат, конфекционираат производи кои ги произведуваат други земјоделци: ориз, леќа и други зрнести и прашкасти производи. Додека под брендот „Директно од природата“ се пласираат органски и диворастечки производи, кои претежно сами ги произведуваат или собираат во природата, ги сушат, мешаат и пакуваат.

- Advertisement -

Во „Адут“ се застапени две програми, сува – сушење и дехидрирање на овошје, зеленчук и зачини, како и сопствени насади на органски гравчиња, житни култури, магдонос, оригано, различни зачински пиперки, чили и друго. Втората е мокра програма-оцетара, каде се произведува оцет од аронија, од модра слива и од јаболка.

Како започнува приказната на Адут ГВН, од каде идејата за ваш бизнис?

- Advertisement -

Приказната за Адут започнува 1993 година во Скопје. Имено после студии со сопругата Благица продолживме да живееме и работиме во Скопје.Таму ја основавме првата наша заедничка фирма ,, БИД Комјуникеишн,, која се занимаваше со маркетинг и дистрибуција. Судбинатане наведе да станот и деловните простории бидат на самиот градски плоштад, каде не само што ја трпевме целокупната градска галама на Скопје туку и учествувавме на сите настани што секојдневно се случуваа на плоштадот во Скопје, од причина што тие се одвиваа под нашите прозорци. Бидејќи сопругата е од Македонска Каменица, град во чиста природа а јас одраснав на  село, тешко се навикнувавме на Скопје. Јас постојано ја наметнував темата како не треба да се навикнуваме на Скопје туку да се вратиме и  живееме таму каде што мислиме дека ни е убаво. Како дополнителна тежина на  одлуката допринесе и одлуката да го смениме и бизнисот, бидејќи во тие години маркетингот го користеа за многу невистинито представување на бизнисот. Не сакавме да ги лажеме луѓето заради профит на фирма која нарачуваше одредена камања а при тоа ни сервираа невистини податоци. Предложив да се вратиме во Куманово, да си изградиме дом на село, да започнеме бизнис со нешто што луѓево ќе можат да го видат,допрат,вкусат и сами да го проценат квалитетот. Сопругата ме подржа и го регистриравме Адут, кој раснеше со години а и наставката му раснеше како ни се раѓаа децата и бараа нивни иницијали да ги има на фирмата. Така да денес Адут има полн назив Адут ГВН, Горјан,Вања и Нина.

Кои производи можат да се најдат во вашата понуда на производи?

Последните осум години компанијата се вброи меѓу првите во Македонија кои произведуваат индиско чили, приспособено на домашни услови. Всушност ние  во 2015 година први посадивме индиско чили, кое денес е застапено свежо и суво во специјални ресторани. Токму по овој производ за прв пат не препознаа на пазарот. Меѓутоа, чилито не е единствениот производ по кој нашата  компанија стана препознатлива меѓу органските производители. Во 2016 година обновивме стара автохтона сорта на бела пченица. Во Македонија има неколку села што се именувани како Белица, но луѓето не знаат зошто нивните села го носат тоа име. Малкумина се свесни дека всушност нивните предци со години ја одгледувале само таа пченица. Како што Буково е именувано по буковецот.

Прво ја обновивме пченицата, а потоа и други стари автохтони сорти на сите билки кои ги има во Македонија. Годинава започнуваме со обнова на стар автохтон див лен, доколку ни дозволат институциите. Исто така сакаме да ги обновиме и сортите на кафен и бел мак (што своевремено најмногу успеваше на полињата во Кочани и Велес), затоа што Македонија не е позната по плавиот мак. Ние сме во постојана потрага и акција за заштита на стари автохтони видови зеленчук и овошје. Така на пример, сега е во тек процедурата за заштита на еден вид на круша, која овој стопанственик ја нашол само на Козјак и само едно дрво. Крушката меѓу народот е позната под називот смокварка, лубеничарка. Но, тоа се измислени имиња,  кои произлегуваат од изгледот на крушката кога ќе се пресече наполу. Плодот на крушата од надвор е зелена, а во внатрешноста целосно црвена.  Како лубеница или смоква и зрее исклучиво на 18-19 август.

Периодов, интензивно соработуваме со неколку манастири во Македонија за спроведување на акцијата околу заштита на автохтониот ловоров лист.

„Замислете ние имаме ’Струшки вечери на поезијата’ со награда „Ловоров венец за поезија“. Зошто? Исто така, во грбот на Македонија стојат афион, памук, ловор. Зошто? – затоа што тие култури биле одлика на македонското стопанство.Со години се увезува ловор, а нашиот ловор кој успева и кај нас и во Србија е многу квалитетен и се распаѓа кога ќе се свари.

Дали се она што во понудата на конфекционирана храна го имате е ваше производство или набавувате и од други?

Започнавме како фирма која само ги конфекционираше основните продукти за кујна. Втора фаза беше заштита, обновување и производство на растенија кои се со посебен квалитет, потоа започнаме договорно производство со кооперанти низ цела Македонија. потоа се проширивме со сушара и оцетара. Од некаде 2015 година започнавме со органско производство. Така да денес имаме 114 производи под нашите два бренда ,,Зелена Долина“ и ,,Директно од природата“, а работиме производи за четири фирми од Македонија и една од Косово под нивна трговска марка.

„Адут ГВН” соработува со Земјоделскиот факултет, со катедрата за генетика и селекција, со кој за свој мерак, но и за пласман на пазарот, имате своја колекција гравчиња. За што се работи?

Да соработуваме со Земјоделски факултет од Скопје , поточно со професорките од катедрата за генетика, со кои прво ја селектиравме нашата генетска колекција( Банка )од околу 200 семиња на обоени или како што ги викаат шарени гравчиња, потоа на наша парцела ја обновивме и опишавме и генетската банка или колекција на семиња што професорките ги имаа  собирано со години.  Зрната од шареното гравче, ги собираме, селектрираме и умножуваме, ги садиме на нашите ниви, и кај кооперанти во поширокиот кумановски регион, кон Крива Паланка и Свети Николе. Низ годините ја постигнав целта, да се соберат доволни количини на умножен семенски материјал кој ќе остане во Македонија. Шареното гравче, утврдил Институтот за генетика се разликува од белиот грав по својствата. Поради влакната и богатството од витамини, Б1, Б6, фолна киселина, манган, калиум, бакар, железо се препорачува за дијабетичарите, може комбинирано да се користи со цели зрна како што се кафеав ориз, пченица, јачмен. Ова македонско гравче, претставува здрав и висококвалитетен оброк. Шареното гравче се вари половина час, многу побргу од белото гравче. Шареното гравче кое го произведуваме може да се најде во продавниците за здрава храна. Производите се нудат исклучиво во Македонија.

Така со сопствени средства ја направивме единствената генетска банка на семиња на грав во Македонија. Морам да додадам дека за оваа наша би рекол авантура, слушнаа и во Швајцарија. Дојдоа од КООП, ФИБЛ, Проспециерара и Сатива од Швајцарија да се одушеват на колекцијата и да земат узорци.Дури и Американскиот амбасадор Господинот Џејмс Бејли дојде да ја види таа толку голема и единствена колекција. А ниедна наша државна институција до денес не не побара за средба ниту да произнесе интерес за да ја сочуваме и умножиме во Македонија.

Иновативноста на компанијата е препознаена и од МАНУ, преку проектот „Бугарско-македонска прекугранична соработка за градење на капацитетите за конкурентност и иновативност”, преку кој имате добиено директна поддршка за зголемување на конкурентноста и иновативноста.За што станува збор?    

Да бевме избрани за најиновативна компанија од Македонија, во проектот што го изработија Македонска Академија на Наука и Уметност и Бугарската Комора на Наука во селекција помеѓу 600 компании, но освен плакета и сликање на наш трошок, не добивме никаква подршка, како што прашувате. Имаме изработено и успешно имплементирани проекти со ,,ЦЕЕД“, ,, УСАИД“, ,, Европска Банка за Обнова и Развој“, ,,Швајцарската Агенција за Подршка на Развојот ,,ИМЕ“, ,, SWG“ и други.Иако постоиме и функционираме во рурална средина, со години битките кои ги водиме со предизвиците не се само за развој и раст на компанијата туку на товар ги  носиме сите еколошки и инфраструктурни проблеми кои ги имало или ги има селото Тромеѓа.

Се обидувате во исхраната да ги вратите  старите обоени гравчиња, но и пченицата белица. Како оваа идеја и ваше залагање се реализира во реалноста и дали сте задоволни од одгласот кај конзументите?

Домашното воспитување од моите родители за вредностите ме упатуваше во кој правец треба да се движи бизнисот. Во одреден момент не можев дома да го мирисам мирисот додека ми пржеа јајца од пазар, не можев да јадам патлиџан или поминуваше лето а да не пробам права домашна јаготка или лубеница. Луѓево по селата се срамеа да кажат дека одгледувале или одгледуваат Уров, производ кој со векови го одгледувале најмногу во Македонија и јужна Србија. Производ со огромна енергетска вредност за кој викаат дека единствен го лечи срцевиот мускул. Затоа што во години уназад го купувале само како афродизијак одредена класа луѓе.А го немаше впишано ниту во национална листа на семиња и билки.

Почнаа да ни продаваат низ трговските ланци увозна лупена дуру пченица, а да ја декларираат како бела. Производи кои ги има на државниот грб на Македонија како ловор, афион и памук ги увезуваат од цел свет со сомнителен квалитет.

До денес имаме седум вида автохтони видови пиперки , околу 217 вида шарени гравчиња, ловор, два вида бела пченица, бадем, крушка , неколку вида јаболки и др.

Во производството на храна се трудите да произведувате чиста и еколошка храна. Колку е тоа можно да се постигне во услови кога загаденоста и на воздухот и на почвата е алармантна?   

Сиромаштвото во минатото во Македонија има и добри резултати. Земјоделците не можеле да обезбедуваат и третираат  препорачани количини на хемиско ѓубриво и со тоа земјата во најголемиот дел од Македонија не е затруена и има надеж за органско производство. Сега се бориме со сите странски фондови и организации, кои не учат и тренираат да извезуваме органска храна.

Меѓутоа тука се наметнува и една дилема, од една страна не располагаме со големи површини за органско производство за да можеме да имаме извозен континуитет. А од друга страна, зошто нашите деца во градинка да јадат таџикистански, узбекистански прскан грав, а нашиот органски грав за преполовена цена да го извезуваме на Запад. Или, наместо да добиваат за ужина органско овошје и зеленчук – јаболко, крушка, грозје, ние нашите деца ги храниме со кивито донесено од Кина и фарбано во танкерите, кое патува и по неколку месеци до Македонија, или да јадат печени банани. Состојба од која ниту ние заработуваме ниту своето го штитиме. Што правиме?, прашува Цветковиќ. На пример, јас органското гравче го давам 330 денари овде, а се продава 640 денари во продавниците за здрава храна во Скопје. Додека увозното чини 180 денари на зелен пазар, а нашето органско на пазарите во западните земји се продава 120 денари.“

Нешто околу актуелните состојби со короната и енергетската криза. Колку е тешко да се води бизнис во услови на пандемија, кога земјите, но и пазарите се затвараа и ограничуваа?

Креаторите на короната си го направија своето. Ние заедно со угостителите имавме најголем удар. Но има и добро. Огромен број луѓе сватија дека не се родени во убав џип на плажа во Грција. Дека веќе не си граѓанин од втор ред ако во петок попладне не објавиш на фејсбук дека си тргнал накај Бањско. Дека не е веќе срамота да кажеш дека си ти,таткоти или дедоти од село. Сега добитници на лото се сите на кои не им е срушено огништето на предците, ако стои куќата или племњата, среќни се кога се сликаат дека ја обновуваат.

Енергетската криза, воочлива преку екстремен раст на цената на електричната енергија која учествува во секое производство, но и цената на горивата кои се користат за дистрибуција, негативно влијаеше врз целото стопанство. Како вие се снаоѓате и што мислите дека треба да се направи за да се олесни работата на производителите на храна, но и да се произведува храна со цени прифатливи за граѓаните?

Што се однесува до моменталната еуфорија околу енергенсите. За вистински компании и добри домаќини енергенсите никогаш не биле евтини. Ние уште 2015 монтиравме најозбилен соларен систем во Општина Куманово. Прв пилот проект со неколку организации од Бугарија,Романија,Унгарија, Ерменија, Естонија и Литванија. Добивме и гранд соларен систем за струја од 10 киловати. Нема да ви се верува дека го немаме монтирано до ден денес само од една причина. А тоа е незавршена легализација на деловни и приватни  објекти во Општина Куманово.

Формиравте здружение за развој на земјоделство заштита на животна средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитет,,ЖИВОТ“. Која е неговата цел?

За да можат полесно институционално да се решат овакви проблеми ние заедно со уште околу 400 членови од Македонија формиравме здружение за развој на земјоделство заштита на животна средина преку истражување,едукација и одржување на биодиверзитет,,ЖИВОТ“. А Живот е иницијатор и креатор на КОМОРА на ОРГАНСКИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ на Македонија.  Преку овие две организации за подршка на бизнисот правиме напори да ја подобриме деловната атмосфера за производство на храна. Учествуваме во различни секторски, подсекторски и работни групи во креирање на подзакопнски и законски акти и слично. Сакаме да го смениме повеќегодишен погрешен правец на дејствување на нашите произведувачи на здрава храна. Скоро сите беа сконцентрирани да извезат производ со висок квалитет за некоја цена која што беше многу пониска од цените на нашиот пазар. Сакаме законски да се регулира приоритет на извоз на здрава храна. Прво да се обезбедат нашите градинки, старачки домови, домови за прифаќање на лица со посебни потреби и болници со наша органска храна а потоа ако успееме да произведеме количини вишок да трошиме државни и наши пари за промоција и пласман во странство.

Сподели!
- Advertisement -