Самит Македонија2025: Дигитализацијата, регионалната соработка и вложувањето во иновации клучни за закрепнување на економијата

- Advertisement -

Забрзана дигитална трансформација, регионалната соработка и иновациите се фокусот на годинешниот самит Македонија2025. Денес, во рамките на 11-то издание на овој Самит, претставници на бизнис заедницата, од земјата и регионот, претставници на влади и институции, како и интернационални организации дискутираа за дигитализацијата низ призма на администрацијата, компаниите и човечките ресурси. Покрај тоа, беа споделени успешни примери и искуства за дигитална трансформација. Лидерите од бизнисот и спортот во земјава ги пренесоа визиите за успех и развој.

Годинешниот Самит покрива неколку главни теми кои се вкрстени преку призмата на дигитализацијата и напредните технологии. Зборуваме за тројството администрација – компании – работна сила. Разменуваме и анализираме примери на успешни компании од различна големина и успешни лидери од различни области. Посебен фокус е ставен на жените и развојот на нивните кариери. Во ера на глобализација сите имаат шанса ако се посветени. Се покажа дека малите земји можат да водат и да бидат лидери во иновациите и во технолошкиот развој кој ќе придонесе до брз раст. Важно е да го забрзаме напредокот во реформите и да придонесеме кон повисок животен стандард со засилена акција” – изјави во своето поздравно обраќање извршната директорка на Македонија 2025, Никица Мојсоска Блажевска.

- Advertisement -

На важноста за заеднички придонес во развојот на општеството се осврна и еден од основачите на Македонија 2025, Џон Битов: “Македонија 2025 е посветена на поддржување на заедничките интереси и ги промовира обединувачките идеи преку развојот на економијата, со можности за обуки и пренос на знаења, притоа истакнувајќи ја важноста на владеењето на правото. Нашата мисија е да го поддржиме напредокот на општествата во регионот.

Регионалната соработка како механизам за надминување на економските предизвици кои влијаат врз развојот на државите, како и врз бизнисите беше една од централните теми на првиот ден на Самитот.

- Advertisement -

Мајк Зафировски како основач и член на Одборот на директори на Македонија 2025 ги истакна заклучоците од извештајот на Светска Банка во кои за Западниот Балкан е нотирано дека закрепнување на економиите може да се случи преку структурни реформи, отчетност на институциите, рационално трошење на јавните средства и вложување во дигитализацијата, што е можно преку поголема регионална соработка.  

На официјалното отворање на Самитот Македонија 2025,  македонскиот премиер Димитар Ковачевски, и српската премиерка Ана Брнабиќ ја потенцираа важноста на регионалната соработка за надминување на економските и геополитички предизвици, како и неопходноста од градење партнерства со следење на позитивните примери за развој на регионот.  Дел од темите на кои дискутираа двајцата премиери беа и дигитализацијата, инвестирањето во иновациите и технолошкиот развој кои придонесуваат кон одржлив економски раст.

- Advertisement -

Македонија 2025 ја иницираше и Платформата за просперитетна иднина, која се базира врз 7 клучни области – образование и човечки капитал, конкурентност и водење бизнис, владеење на правото и борба

против корупцијата, демократско општество, животна средина, јавно управување, дигитализација и дигитални вештини. Оваа платформа нуди и алатка за мерење на напредокот на земјата во овие области со цел напредок во економскиот раст и развој. 

На првиот ден на самитот говорниците, дискутираа на неколку значајни теми како, дигитализација и трансформација на бизнисите и промовирање на успешни лидери во бизнисот и спортот. Во текот на утрешниот ден, акцент на самитот ќе биде ставен на женското претприемништво и „блок-чејн“ технологиите.

Македонија 2025 е посветена на промовирање успех и интегритет, поддршка на младите, поддршка на бизнисите и поттикнување на економскиот раст. Од основањето, па досега, Македонија 2025 имплементираше програми за економски развој во вредност од 3,5 милиони долари. Дополнително на тоа, во сегментот на образование и лидерство, донирани се 1,6 милиони долари, а во овие програми досега беа  вклучени над 650 менаџери, претприемачи и млади таленти од Македонија.

Самитот Македонија 2025 ги обединува водечките компании, бизнис лидери, општествени чинители и институции во промовирање на успешни примери кои придонесуваат кон одржливи иницијативи и раст и развој.

Сподели!
- Advertisement -