Македонската апликација Bike Computer го освојува глобалниот пазар. Веќе достигна над два милиони симнувања и има корисници низ целиот свет. Нејзината главна функција, вели Иван Ивановски ко-основач на Bike Computer и компанијата Venikom, е KeepMeSafe. Се работи за нивен патентиран алгоритам кој служи за детекција на пад при возење велосипед.
Ви интервју за Иновативност, Иван раскажува дека, по успехот со Bike Computer продолжуваат со работа на слични апликации за скијање и планинарење кои ќе содржат сето искуство на Bike Computer, но ќе имаат и нови функционалности.
Новинар – Сања Наумовска
Иван, кажи ни нешто за твојата апликација Bike Computer.
Bike Computer постои од 2018 година. За овој период од помалку од четири години, успеавме од стартап да пораснеме во успешна приказна со преку два милиони симнувања. Горд сум на тимот кој работеше и на досегашниот успех што го постигнавме. Но, ние не застануваме тука, се уште работиме напорно за да ги постигнеме целите кои и понатаму си ги поставуваме. Сакаме да постигнеме годишен раст од 50 отсто, а подготвуваме и нови премиум функционалности на апликацијата за нашите корисници. За ваков продукт потребен е посветен и супериорен тим. Среќни сме што имаме одлични дизајнери кои успеваат да го спакуват продуктот да биде лесен за користење и убав на око и програмери кои ќе најдат решение за секоја дизајнерска одлука.
Апликацијата веќе надмина два милиони симнувања. Која е тајната за нејзиниот успех, имаше ли грешки на патот?
Секој стартап на својот пат поминува низ тежок пат, многу непроспиени ноќи, како и голем број на непредвидени проблеми и препреки. Финансиите претставуваат огромен предизвик и навремено обезбедување на истите е еден од најголемите проблеми. Ние, во стартната фаза на развојот успеавме успешно да ја пребродиме оваа препрека и да обезбедиме средства од двајца ангел-инвеститори од САД и од Австралија како и инвестиција од Фондот за иновации и технолошки развој. Секако, на патот до успехот направивме и многу грешки, но ние сметаме дека ако стартапите не грешат, тоа значи дека не работат доволно и напорно.
Каде се лоцирани најголем дел од корисниците на вашата апликација и кои се бенефитите за нив од Bike Computer?
Она што ја одвојува нашата апликација од останатите слични од конкуренцијата е функционалноста KeepMeSafe. Се работи за наш патентиран алгоритам за детекција на пад при возење велосипед. Нејзината функција е континуирано да следи различни сензори на мобилниот телефон и во случај на несреќа да ги извести контактите за итни случаи за локацијата на несреќата. Се работи за исклучително прецизен алгоритам, кој корисниците го избраа како функционалност на годината во последната анкета.
Што се однесува до бројот на корисници на Bike Computer, најголем дел во моментов се од САД, потоа од Италија, Франција, Холандија, Бразил… Во Македонија имаме околу 400 активни корисници.
Како дојде до идеја да развиеш ваков продукт?
KeepMeSafe беше тригерот за да размислуваме за ваков тип на продукт, што се случи после една немила случка со паѓање на велосипедист. Тогаш увидовме колку е неопходно информацијата за незгодата која може да се доживее при возење да стигне навремено до сите кои можат да понудат помош. Bike Computer, всушност, е направен со идеја да понуди безбедност и удобност за ентузијастите и професионалните велосипедисти. На почетокот ја имавме само оваа функција, но подоцна додадовме и многу други како изминато растојание, искачување, спуштање, потрошени калории итн. Постојано работиме на подобрување и усовршување на апликацијата како и на тоа таа да биде компатибилна со новите уреди на Android и iOS.
Работите ли и на нови продукти?
Моментално работиме на апликација за скијање и планинарење. Тоа ќе бидат нашите следни два продукти во кои ќе го пренесеме целото наше искуство од развојот на Bike Computer, но и ќе имплементираме доста нови функционалности.
Што мислите, дали во Македонија е потешко да се направи стартап отколку во останатите држави во светот?
Да, потешко е, но не е невозможно. Потребна е промена на повеќе закони, отварање на повеќе инвестициски фондови и повеќе настани за едукација на стартапите и обезбедување на капитал. Јасмина Поповска, Јован Деспотовски, па потоа и Коста Петров одиграа огромна улога во кревањето на целата стартап сцена во Македонија. Голем број на стартапи почнаа да размислуваат тука да го водат својот бизнис и тука да креираат тим и продукти, наместо да заминат во странство и таму да се обидат да прават компанија. Игор Маџов, исто така успева активно да се бори со сите предизвици и да ја менаџира целата стартап заедница со голем број на настани. Сепак, од друга страна, се зборуваше и за стартап визи, за конечно внесување на paypal во земјата и за влегување на големи приватни фондови и многу други проекти. Во моментот, имам чувство како да застанаа работите, а успешни стартапи почнуваат да размислуваат да ги селат фирмите од Македонија. Се надевам дека нема да одиме три чекори напред па два назад.