Младите охриѓани викендов ги чистea плажите во рамките на проектот „Чисто езеро – светла иднина

- Advertisement -

Викендов, во Охрид се одржа голема екоакција за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро. На повеќе плажи младите од Охрид, помогнати од волонтерите од Црвниот крст од Охрид, собираа разновиден отпад во рамките на проектот „Чисто езеро – светла иднина“, што се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од здружението на граѓаните „Нова порта“ велат дека ова е четврта акција за чистење на најкритичните места по должината на брегот на Охридското Езеро.

- Advertisement -

„Интересот кај младите за да се вклучат во акцијата е голем. Изминатиов месец на повеќе локации се собираше отпадот, а беше спроведена и креативна акција ‘Не фрљај ѓубре, смрдиТ’, на која преку типичен охридски дијалект беа изработени транспаренти со еколошки пораки за заштита на Охридското Езеро. Целта, пред сè, е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското Езеро и крајбрежјето“, велат од „Нова порта“.

Од таму додаваат дека вакви акции се исклучително потребни оти едукацијата и практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина.

- Advertisement -

Претходно, во рамките на проектот се реализира и подводно чистење на езерото од страна на професионални нуркачи, а собраниот отпад беше презентиран пред младите, на кои им беше потенцирана штетноста врз ендемичниот свет, кој милиони години живее во Охридското Езеро.

„Најмалите преку вакви акции спознаваат за значењето на здравата животна средина. Во таа насока се организираа и едукативни екоработилници, како и екоакција заедно со нуркачите за расчистување на дното на езерото“, велат од невладината „Нова порта“.

- Advertisement -

За подигнување на еколошката свест, во рамките на проектот ќе биде изработен и видеоспот преку кој младите ќе испратат силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина, а исчистените плажи ќе бидат обележани со екознамиња како еколошко чисти плажи.

(Makfax)

Сподели!
- Advertisement -