Поради еднодневен штрајк на пилотите, германската авиокомпанија Луфтханза утре ќе ги откаже речиси сите летови, над 800 од нив, што ќе влијае на повеќе од 130.000 патници, објави денеска компанијата.
Последиците од штрајкот можеа да се почувствуваат и во текот на викендот. Авионите на Луфтханза кои се во странство утре ќе се вратат во Германија, но патниците кои имаат попатна станица во Германија ќе можат да го продолжат патувањето до својата дестинација само викендов.
Сите летови кои поаѓаат од германските аеродроми се погодени од штрајкот, со исклучок на летовите на подружницата на Луфтханза, Еуровингс. Тоа е втор голем штрајк за само неколку недели. На крајот на јули, Луфтханза беше принудена да откаже повеќе од 1.000 летови поради штрајк на персоналот на земја.
Синдикатот на пилоти бара зголемување на платите за 16 отсто, што досега раководството го одбивало. „Немаме ни најмало разбирање за сегашниот штрајк. Луфтханза им понуди на пилотите повеќе од поволен пакет“, соопштиле од раководството.
Пилотите на Луфтханза се меѓу најдобро платените пилоти во светот. Почетната годишна плата е 70.000 евра, а капетан со долгогодишно искуство може да заработи повеќе од 275.000 евра годишно.