Aпликацијата „м-Заедница“ се надградува со е-упис во градинките и училиштата

- Advertisement -

Процесот на дигитализација и овозможување на дигитални јавни услуги за граѓаните мора да се одвива паралелно во големите, средните и во малите општини. И овој пристап треба да биде стратешки и континуиран, за да имаме реални промени, поквалитетни услуги и задоволни граѓани. Ова е еден од заклучоците од денешната Тркалезна маса: „Предизвици и можности за добро локално владеење во дигитална ера“, која се организираше во Охрид, од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42–21.

Дигиталната платформа „мЗаедница“ е мобилна и веб – апликација, која овозможува системска дигитализација на локалните самоуправи. Истата ја користат 10 општини во Македонија и на граѓаните им нуди брза и едноставна комуникација со општината, дигитално аплицирање за субвенции за велосипеди, еднократна помош за прваче или за лица со попреченост и други услуги.

- Advertisement -

На Тркалезната маса се говореше и за надградба (update) на апликацијата. Имено, ќе бидат овозможени две нови е – услуги: упис на деца во градинки и упис во основни училишта, како и мСоветник (алатка за директна комуикација на граѓаните со избраните советници и запознавање со работата на Советот). На овој начин, апликацијата ќе овозможи едноставен, брз и транспарентен процес на уписи на деца во градинки и основни училишта, поедноставување на целиот процес на работа за училиштата, градинките и општините, како и заштеда на средства и време.

На денешниот дебатен настан се обратија носители на јавни функции, претставници од граѓанското општество, а учество земаа и службеници од неколку општински администрации.

- Advertisement -

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов го истакна своето задоволство од користењето на „мЗаедница“ во општината. Папазов се осврна и на потребата од континуирана едукација на општинската администрација, со цел стекнување на вештини за развој на дигитални услуги. Исто така, градоначалникот посочи дека формалната процедура не треба да биде пречка за дигитализација и сите акти, правилници мора континуирано да се ажурираат и менуваат.

Зорица Велковска и Милан Танчески, коосновачи на БЛИНК 42-21 ги претставија новитетите кои ќе бидат реалност на „мЗаедница“. Во работниот процес, за новите услуги се вклучија и претставници од градинки, од основни училишта, со цел новата верзија на апликацијата да биде квалитетна, одржлива и лесна за употреба од страна на сите корисници.

- Advertisement -

На јавниот настан учествуваше и Тоше Зафиров, дел од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, задолжен за дигитални комуникации и дигитализација, како и коавтор на прирачникот „Дигитална трансформација кон е-општини“. Зафиров говореше за важноста од постојано подигнување на транспарентноста на општините и државните институции, како и за стратешкото користење на новите медиумски платформи во комуникацијата со граѓаните и медиумите. Дигиталните алатки кои се создаваат и услугите кои се дигитализираат е неопходно континуирано да се надградуваат, користат и промовираат од страна на институциите, со цел да ја градат довербата меѓу граѓаните во нивното користење.

Дводневниот настан во Охрид, како и надградбата (update) на апликацијата е поддржан од Интернационалнио Републикански Институт (ИРИ). Аманда Зинк, претставничка на организацијата говореше дека сите земји, независно дали се мали или големи или со какви капацитети располагаат подеднакво се соочуваат со предизвиците во процесот на дигитализација на услугите и дигитална трансформација на институциите. Можностите да се вклучат граѓанските организации, приватните компании во процесот преку различни модалитети, јавно приватно партнерство (ЈПП), може да се постигне значаен напредок и лидерство во процесот на дигитализација.

Сподели!
- Advertisement -