Преку конкретни договори за помош, Грција енергетски ќе ја поддржи Северна Македонија во справувањето со последиците од глобалната енергетска криза, нешто за кое вчера, детално разговараа премиерите на двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Димитар Ковачевски и Кирјакос Мицотакис одржаа тет-а-тет средба во премиерската палата, по што следеше и состанок на двете делегации.
Двајцата премиери се договориле преку Грција, Северна Македонија непречено да се снабдува со лигнит, јаглен и мазут, а во случај на било какво ограничување од извозот од Грција тоа не би се вовело за нас, а станало збор и за нова грчка инвестиција во Северна Македонија.
-Би сакал да повторам дека Грција е подготвена да ја поддржи Северна Македонија во овие толку тешки времиња. И верувам дека е во взаемен интерес остварување на инвестиции на грчки компании во Северна Македонија со цел да ги поврземе нашите инфраструктури на таков начин што ќе доведе до зголемување на енергетските врски меѓу нашите земји, порача грчкиот премиер.
Ковачевски рече дека „многу сме подготвени за зимата, но особен интерес за нас имаат тесните врски со Грција, особено во однос на снабдување со материјали, производство на електрична енергија за да продолжат да работат во текот на зимата и на пролет”.
-Исто така, да продолжат успешните грчки инвестиции во Северна Македонија, особено во енергетскиот сектор. Знаете и нашиот народ знае дека веќе донесовме одлуката да учествуваме во проектот за терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александруполи. Во исто време, во тек се студии за интерконекцијата со Грција, што ќе ѝ даде можност на мојата земја да ги диверзифицира своите извори на енергија. Дополнително, новите енергетски капацитети за покривање на идните потреби на Северна Македонија се поддржани во многу голема мера од грчки инвеститори. И како што гледаме сега, во фаза на подготовка се инвестиции во вредност од една милијарда во енергетскиот сектор, истакна премиерот Ковачевски на почетокот на средбата со неговиот грчки колега во Атина и додаде дека „како две соседни земји, можеме да бидеме пример за добрососедски односи, не само во регионот, туку и во цела Европа”.