Четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка за периодот 2019-2023 година, е веќе целосно исполнета преку имплементација на проекти во земјава. Тековното портфолио на Светска банка во земјава се состои од девет проекти во износ од околу 480 милиони долари, од кои најголем дел се од областа на инфраструктурата. Дополнителни средства од околу 80 милиони долари се очекуваат од СБ за поддршка на интегрираниот систем ИФМИС, кој е дел од новиот Закон за буџети.
Ова беше дискутирано на средбата помеѓу делегацијата предводена од министерот за финансии, Фатмир Бесими и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, со потпретседателката на Светска банка, Ана Бјерде, директорката на СБ за Западен Балкан, Шаокинг Ју и извршниот директор на Конституенцата, Кун Давидсе. Средбата се одржа во рамки на годишните средби на Холандската конституенца на ММФ и СБ, од која дел е нашата земја. Конституенцата се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.
Министерот за финансии Бесими за време на средбата истакна дека новиот Закон за буџети, кој е системски закон за реформа на јавните финансии, е усвоен од страна на Собранието. Оттаму, ИФМИС како интегриран систем за наплата на давачки, кој во целина ќе ја следи реализацијата од наплатата до расходите, и кој е дел од реформскиот закон е од исклучително значење. Се очекува одобрување на средства за ИФМИС од страна на Светска банка, кој е од суштинско значење за имплементацијата на законот.
На средбата стана збор и за новиот Проект за одржлив развој на општините, кој е во фаза на подготовка од страна на Министерството за финансии и Светска банка и кој претставува продолжение на Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП. Тој се проценува на околу 50 милиони долари и е веќе предвиден во тековната Рамка за соработка со Светска банка.
Инаку, тековната рамка за соработка завршува на средината на следната година. Оттаму, на почетокот на 2023 година ќе започнат и активностите за подготовка на нова рамка за соработка со Банката, преку која ќе се обезбедат средства за нови суштински проекти во земјава. На средбата беше побарано да се направи нова системска дијагностика на земјава од страна на СБ, бидејќи овој документ е одличен преглед кој овозможува детален увид во кои области се потребни системски мерки.