Народното собрание на Словенија ги усвои измените на Законот за семејство, според кои бракот се дефинира како животна заедница на две личности. Истовремено, дозволено е истополови партнери во заедница заеднички да посвојат дете, под истите услови како сопружниците.
За промените на Законот за семејство гласале 48 пратеници, додека 29 биле против. Промените следуваат после уставната одлука од јули годинава. Според неа, важечкиот пропис, според кој само лица од различен пол можат да стапат во брак, а истополови партнери во формално партнерство не можат заеднички да посвојат дете не е во склад со уставната забрана за дискриминација.
Уставниот суд му наложи на Парламентот во рок од шест месеци да ја отстрани таа неуставност. Според оценката на Уставниот суд, со одлуката не се намалува значењето на институцијата традиционален брак како животна заедница на маж и жена и не се менуваат условите или последиците од склучување брак меѓу лица од различен пол.
Предлагач на измените на законот е Владата, која порача дека дискриминацијата не може да се оправда со традиционалното значење на бракот како заедница на маж и жена, ниту со посебна заштита на семејството. Тоа само значи дека отсега, покрај хетеросексуалните партнери, брак може да склучуваат и партнери од ист пол.
(Bizlife)
(фото: Pixabay)