Тетовчанката Мирјана Јосифоска креира уникатни 3Д дизајнирани шапки од рециклиран текстил!

- Advertisement -

Мирјана Јосифоска е млада дизајнерка на шапки од Тетово. Љубовта кон модата ја преточила во бизнис, но како и секој млад и совесен човек одлучила да работи одржливо и еколошки. Како дел од текстилната индустрија, која е втор најголем загадувач во светот, Мирјана е посветена на една многу благородна цел, намалување на отпадот и негова реупотреба како суровина. Заради тоа таа во производството користи најнови технологии, а сите нејзини шапки се направени од рециклирани материјали. Младата дизајнерка живее и со идеалот преку градењето на социјален бизнис да придонесе текстилните работници во земјава да имаат достоинствени работни места.  

Новинар – Сања Наумовска

- Advertisement -

Мирјана, колку време се занимаваш со моден дизајн?

Моите почетоци во модниот дизајн се од 2018 година кога станав дел од работилницата Ѕustainable story на Модниот викенд во Скопје кога истовремено се запознав и со одржливиот дизајн. Идејата за дизајнирање шапки и првата колекција која ја создадов дојде малку подоцна на Модниот викенд Скопје минатата година. Може да кажам дека од почетокот на годинава серизно се занимавам со дизајн, но и со производство на шапки.

- Advertisement -

Фактот дека сум дел од текстилната индустрија, која е втор извор на отпад во светот ме насочи да размислувам за ова прашање и да се определам за одржлив дизајн. Така и дојдов до идеја да креирам и да изработувам шапки бидејќи за нив не е потребен многу материјал, па така, секоја шапка која ја создавам е направена од рециклиран текстил. Исто така увидов дека на нашиот пазар речиси и да нема домашно производство на шапки и најголемиот дел се увезени од други земји. Тоа беше доволен поттик за мене да започнам свое производство, кое ќе се темели на циркуларната економија, со што ќе го дадам и мојот придонес за намалување на отпадот од оваа индустрија.

ОД ПОЧЕТОКОТ НА ГОДИНАВА СЕРИЗНО СЕ ЗАНИМАВАМ СО ДИЗАЈН И СО ПРОИЗВОДСТВО НА ШАПКИ!

Како одлучи да воведеш и модерни технологии во секојдневната изработка на твоите парчиња?

- Advertisement -

Пред да се запoзнаам со програмата на 3Д моделирање, го практикував традиционалниот процес на работа што ми одземаше многу време, а истовремено создава и многу отпад додека да се дојде до финаналниот производ. Кога се работи на еден прототип најчесто треба да се изработат повеќе продукти за да се дојде до финалниот дизајн, а сето тоа чини многу пари, време, материјали и труд.

Тогаш разбрав за програмата на Skills Next тренинг центарот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, се приклучив на обуките и така се запознав во технологијата на 3Д моделирање што веќе ја користам за изработка на моите дизајни.

Какви се бенефитите за твојот бизнис откако го смени традиционалниот начин на дизајнирање?

Во моментов работам на зимската колекција и изработката на шаблоните е целосно дигитализирана. Тоа ми помага да заштедам време и полесно да направам проценка дали моделот ги задоволува моите критериуми. Дигитализиран е и процесот на кроењето на материјалот што допринесува да се намали создавањето на непотребен отпад. Оној отпад од текстил што ќе ми остане исто така наоѓам начини да го употребам и да не дозволам да заврши на депонија. Така, го користам за пакување на производите, како ленти, машни и слично. Тоа ми овозможи, преку кратење на многу трошоци и време и на многу поеколошки одржлив начин, да дојдам до подобар продукт.

Кои пазари се твојот предизвик?

Во моментов, шапките кои ги изработувам се продаваат само на домашниот пазар и можат да се набават онлајн во концептуалната продавница Урма. Работам и на моја онлајн платформа, а од идната година планирам проширување на производството и на пазарите во Албанија и Србија. За две години, пак, целта е да се појавиме и во Хрватска и Словенија.

Како гледаш на иднината, кои се твоите планови?

Во моментов работам со мал број соработници, но како следен чекор паралелно со одржливоста сакам да го развивам и социјалниот аспект на моето производство, така што ќе ангажирам жени од ранливи категории и да им овозможам нормален удобен живот. За текстилната индустрија кај нас постои гледање како на индустрија која ги експлоатира работниците и сакам тоа да се менува. Јас шијам од млада и многу добро знам колку е макотрпна таа работа, колку труд се вложува за да се дојде до финален продукт и заради тоа би сакала да понудам поинаков начин на работа и третман на работниците.

Сподели!
- Advertisement -