Вториот робот за измолзување, набавен преку проектот на Бимилк и УСАИД чија цел е модернизација и унапредување на млекопроизводството во Македонија, пристигна кај корисникот – фармата „Млекопромет” од Мусинци која ќе биде една од првите фарми во Македонија што со инвестицијата од Битолска млекара ќе применува современа технологија во примарното млекопроизводство.
Целта на модернизацијата на малите и средните фарми во Македонија и примената на новите технологии е зголемување на продуктивноста и приносот од кравите, на квалитетот на млекото и воопшто за унапредување на процесот на млекопроизводството.
Внесувањето на роботот за измолзување е голем исчекор во зголемување на одржливоста на млечната индустрија во Македонија, велат од Битолска млекара.
„Роботот за измолзување крави е една од најголемите и највредни инвестиции за една фарма и тоа е она што Битолска млекара го прави за своите кооперанти, затоа што примарните млекопроизводители се столбот на млечната индустрија. Само на овој начин, со соработка и со примена на современи технологии, можеме да дојдеме до зголемување на примарното млекопроизводството и на продуктивноста на кравите а со тоа и до зголемување на домашното производство. Светските искуства покажуваат дека оваа технологија има исклучително позитивно влијание врз продуктивноста на фармите. Ја користиме оваа прилика уште еднаш да ја истакнеме и финансиската и техничката поддршка на УСАИД со Проектот за развој на деловниот екосистем, во реализацијата на оваа инвестиција“, изјавија од Млекара АД Битола.
Моделот на роботот за измолзување е Fullwood M2erlin од Milkomax Solutions laitières, веќе има масовна примена во модерните фарми и бенефициите од неговото користење се докажани.
Според корисникот, фармата „Млекопромет“ која што е една од поголемите фарми во земјава, без оваа инвестиција не би можеле да набават ваква современа опрема.
„Доколку не е дадена помош и поддршка, вакви проекти нема да можат да бидат реалност. Оваа соработка што ја имаме со Битолска млекара и поддршката што ја добиваме токму за подобрување на нашата работа, нè охрабрува дека може да направиме голем исчекор во развојот којшто е неминовен. Иако за роботизацијата постоеја многу недоумици и воздржаност дали може да се спроведе и во Македонија, искуството од првата фарма а еве отсега и ние ќе покажеме дека значајно се зголемува и продуктивноста и квалитетот на млекото, а тоа е она што сите го сакаме и кон кое целиме“, истакна сопственикот на фармата „Млекопромет“.
Ова е втор робот за измолзување којшто е обезбеден од Битолска млекара со поддршка на УСАИД преку проектот за развој на деловниот екосистем, а наменет за поддршка на развојот и зголемување на потенцијалите на семејните фарми. Пред „Млекопромет“, првата млекарница што доби робот за измолзување беше фармата „Пивко“.