Ротацијата на земјиното внатрешно јадро можеби е стопирана и дури би можела да почне да се врти наназад, покажуваат резултатите од едно ново истражување. Со радиус од 3.540 км, земјиното јадро е отприлика со големина колку Марс. Се состои главно од железо и никел и содржи отприлика 1/3 од земјината маса. Во истражувањето објавено во списанието Nature Geoscience пред неколку дена професори од Универзитетот во Пекинг проучувале сеизмички бранови од потреси кои поминале низ јадрото на Земјата и заклучиле колку брзо се врти внатрешното јадро.
Она што го откриле било неочекувано, велат тие. Од 2009 година сеизмичките записи, кои претходно се менувале со текот на времето, покажуваат мала разлика. Тие велат дека тоа сугерира оти ротацијата на внатрешното јадро е паузирана.
„Покажуваме изненадувачки резултати кои покажуваат дека внатрешното јадро речиси престанало да ротира во последната деценија и можеби доживува движење во обратен правец. Ако ја погледнете деценијата од 1980. до 1990. години, се забележува јасна промена, но кога ја гледаме деценијата 2010 до 2020 година нема мнгоу промени” се вели во студијата.
Движењето на внатрешното јадро покренува магнетно поле генерирано во надворешното јадро и урамнотежено со гравитациските ефекти на слоевите. Познавањето на начинот на кој ротира внатрешното јадро може да разјасни како тие слоеви делуваат меѓусебно и некои други процеси длабоко во Земјата.
Кинеските научници тврдат дека врз база на нивните пресметки, една мала нерамнотежа во електромагнетните и гравитациските сили може да ја забави или да го промени правецот на ротацијата на внатрешното јадро. Веруваат дека тоа е дел од циклусот од седум децении, а дека пресвртницата се случила во раните 1970-тите години.
Додаваат дека потребни се повеќе истражувања.
(Klix.ba)
(фото: Pxhere)