Од 30 на максимум 15 дена, да се намали бројот на денови што се плаќаат за боледување, а се на товар на работодавачите, бараат текстилните и кожарските компании. Ангел Димитров, претседател на Здружението што ги застапува интересите на овие два сектора, вели дека сè почесто добиваат поплаки од работодавачите за злоупотреба на боледувањата и дека оваа појава е почеста во летниот период. Според Димитров, чесно е да се каже дека лажните боледувања не се феномен само на приватниот сектор.
Одат во странство, работат на нива, а по истекот на еден месец, паузираат ден или два, сè додека матичните лекари не им отворат ново боледување со нова дијагноза. Работата во овие два сектора е врзана со рокови. Во приватниот сектор не сте во позиција да имате неколку вработени на едно работно место, туку секое работно место е испланирано, така што отсуството на еден вработен го чувствуваат и работодавачот и колегите. Ние не можеме да знаеме колку ќе трае боледувањето, сакаме да ја завршиме работата навреме, а згора на тоа не можеме прекуноќ да најдеме нови работници – вели Димитров.
Тој открива дека во новиот Закон за работни односи посебно се третира оваа проблематика, но е скептичен дали Фондот за здравство има доволно време и вработени за да ги заврши контролите во реално време.
Дали ќе биде возможно да се контролираат сите боледувања? Едни се отвораат, други се прекинуваат. Нам ни треба да се открие злоупотребата веднаш, а не по три месеци. Затоа и бараме скратување на боледувањата што одат на наш товар, односно наместо 30 на 15 дена – објаснува Димитров.
фото – px4free