Кога купуваат онлајн, граѓаните најчесто се жалат на лоши искуства во поглед на квалитетот на производите, неможноста за вршење замена на производите, достава надвор од утврдениот рок, неможноста да се оствари повторен контакт со продавачот заради блокирање на страницата, велат во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни, односно пред да извршат онлајн нарачка, да ги проверат контакт податоците и останатите податоци за компанијата или лицето кое ги продава производите.
„Често се случува производите да се различни кога ќе пристигнат кај граѓаните, отколку оние претставени на фотографијата. Проблем е и неиздавањето на фискални сметки, фактури или гарантен лист при доставувањето на производите. Заради ваквите негативни искуства во изминатиот период, граѓаните интензивно пријавуваат онлајн измами, особено кога станува збор за производи кои се продаваат преку користење на социјалните мрежи“, велат во Инспекторатот.
Пазарните инспектори може да постапат само ако пријавата е поднесена за трговец кој е регистриран и издава фискална сметка, бидејќи фискалната сметка служи како доказ.
„Ако трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран ние како институција, немаме надлежност да постапуваме. Најчесто оние кои продаваат преку социјалните мрежи не се регистрирани, па заради тоа е невозможно да се
пронајдат ниту пак да се постапи во согласност со поднесената пријава“, појаснуваат во ДПИ.
Кога граѓаните вршат нарачки од меѓународни веб-продавници, во ДПИ потенцираат дека немаат надлежност над други меѓународни пазари.
Онлајн трговците треба да имаат име на фирма, седиште на правното лице, давател на услугата или адреса ако е физичко лице, податоци за давателот на услугата врз основа на кои примателот на услугата може на директен и ефикасен начин да стапи во контакт со него. Потребни се и податоци за институцијата кај која е регистриран давателот на услугата, професионалниот назив и земјата во која е стекнат тој назив,
упатување на професионалните правила во земјата во која ја врши дејноста и
начинот на пристап до нив.
При онлајн купувањето, граѓаните треба да ги заштитат своите лични податоци
и да не го примаат производот без да им биде издадена фискална сметка
или фактура. Ако има каков било сомнеж или е извршена директна
измама, веднаш да пријават во Инспекторатот.
Целиот текст на МЕТА
Фото – Pixabay