Катастрофалните земјотреси само нѐ потсетуваат на ненаучените лекции

- Advertisement -

Сцените од земјотресите кои ја погодија Турција и Сирија се скоро надреални…

Она што ми падна во очи на твитер, беше еден твит на Mahir Ulutas – претседател на бордот на Комората на електро-инеженери. Една градба целосно неоштетена, а околу неа страшни глетки, само бетон и прашина… Таа негова фотографија го заврте светот. И сите кои ја погледнаа се запрашаа како токму таа зграда не е оштетена?

- Advertisement -

“Зградата на сликата е во Kahramanmarasu, тоа е зградата на Комората на градежните инженери. Други зборови не се потребни. Научниците и инженерите имаат знаење за градба на структури кои ќе преживеат толку голем потрес. Доколку науката и технологијата се применат за доброто на луѓето”, стои на твитот.

Скопје памети и токму во Скопје е еден од најценетите институти за сеизмика во овој дел од светот. Решив да направам интервју со проф. д-р Влатко Шешов, директор на ИЗИИС-Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија кој ја прифати поканата.

- Advertisement -

Новинарка • Љубица Ангелкова

Фотограф • Диоген Хаџи Коста Милевски

- Advertisement -

Деновиве, земјотресот во Турција и Сирија само не потсети на 1963 година и на Скопје, но и на силите на Планетата Земја која не мирува. Како експерт, како го класифицирате овој земјотрес?

Поконкретно станува збор за два силни земјотреса со магнитуди 7.8 и 7.5. Секој земјотрес со магнитуда поголема од 7 претставува огромно количество на ослободена енергија. Земјотреси со ваква јачина се случуваат во контактните зони помеѓу тектонските плочи со активирање на поголеми раседи и раседни структури. Токму тоа и се случи во југоисточниот дел на Турција на границата со Сирија. Се активираше големиот источен анатолиски расед , кој подолг временски период (>100 г) немаше предизвикано ваков голем земјотрес. Поради јачината на двата главни земјотреси, тлото во епицентралниот регион ќе продолжи да биде активно , веројатно со земјотреси со помали магнитуди М>7 се до оној момент додека не се воспостави рамнотежа во поместувањата и напрегањата во внатрешноста на земјината кора.

Стравот, после ваква катастрофа на кој нема имуни, отвара многу прашања. Колку сме безбедни и во какви градби живееме?

Видете, стравот е добро да го има. На некој начин тој не држи постојано да бидеме будни и да не забораваме дека живееме во сеизмички активен регион. Тој може да се намали само ако бидеме добро информирани и одлично едуцирани.

За да може да знаеме колку ни се сигурни нашите домови во случај на појава земјотрес , треба да ја знаеме целата историја за градбата. Наместо безбедност и сигурни градби подобро е да говориме за сеизмички ризик, бидејќи тоа е нешто што ги зема предвид и земјотресот и самиот објект. Помал сеизмички ризик, значи посигурни објекти, безбедни граѓани и обратно. Основната цел на сите технички прописи за градење на објекти во сеизмички подрачја претставува да го сведат сеизмичкиот ризик на што пониско ниво, што значи да нема загуба на човечки животи, а оштетувањата на објектите за максимално очекувани земјотреси да бидат од таков обем да не биде доведена во прашање стабилноста и интегритетот на објектот и да нема тотален колапс. Секоја градба има своја историја која го детерминира сеизмичкиот ризик. Да се оцени сеимзичкиот ризик треба да се разгледаат сите чинители во процесот на изградба, одржување и експлоатација на објектите и секако јачината на земјотресот. Ако во сите фази на изградбата на објектот се почитувале и применувале техничките прописи тогаш објектот ја обезбедува основната компонента за помал сеизмички ризик. Ако одиме малку подетално, во примената на техничките прописи, најпрви се истражува самата локација , потоа конструктивните – носиви елементи на објектите се димензионираат на проектно ниво на земјотрес (кое е пониско од максимално очекуваното), меѓутоа сигурност и интегритетот на објектот се проверува на максимално очекувано ниво на земјотрес за дадената локација. Ова е од аспект на техничките прописи за проектирањето. Во поглед на изведбата , секако треба да се гради со градежни материјали со потврден квалитет како прв предуслов, изградбата треба да е во согласност со проектот и согласно прописите да постои континуиран стручен надзор за цело време на изведбата. Како последен чекор претставува експлоатациониот период на објектот, односно дали имало или немало промени на елементите од конструкцијата. Сведоци сме дека без проект или без потребната техничка контрола се вршат интервенции во објектите кои може да ја нарушат основната статика, а со тоа да се зголеми сеизмичкиот ризик. И секако на крајот доаѓа влијанието на земјотресот. Колку и да знаеме за сеизмичката изложеност во одреден регион, природата на земјотресите скоро секогаш знае да не изненади, дали по однос на јачината, бројот на главни удари, бројот на афтершокови, фрекфентниот состав на силните движења и сл. Ова се основните чекори за дефинирање на сеизмичкиот ризик, а со тоа и “сигурноста на објектите“. Ако сите од овие чекори биле реализирани во согласност со техничките прописи и современите сознанија, тогаш може да кажеме дека градбите се сигурни и обезбедуваат безбедно живеење на сите граѓани.

Експертите како вас, знаат дека скоро секојдневно имаме слаби земјотреси, што е добро, а кои не ги ни чувствуваме. Така се ослободува сеизмичката енергија и се намалува веројатноста за појава на силен земјотрес. Што кажува каталогот на земјотреси за последните 1.000 години во нашиот регион?

Досегашната сеизмичка активности забележана на територијата на нашата држава покажува дека се случиле земјотреси со максимални магнитуди 6 до 6.5 (6.8). Единствено земјотресот кој е случен 1904 г на нашата источна граница кон Бугарија е со повисока магнитуда од 7 (7.41). Меѓутоа овој земјотрес спаѓа во т.н историски земјотреси за кои немаме егзактни инструментирани записи. Квалитетни податоци за случените земјотреси на нашата територија имаме од последните 50 тина години, другите податоци за земјотресите ги добиваме од историски документи и сведочења.

Сигурно анализиравте како ИЗИИС што се случи во фаталниот земјотрес во Турција и Сирија. Какво будење на внатрешниот дел на планетата беше тој?

Како што спомнав и претходно овие два главни најјаки земјотреси со магнитуди 7.8 и 7.5 претставуваат ослободување на огромно количество на сеизмичка енергија , која била акумулирана во регионот на источно анатолискиот расед. Ова ослободување на енергија предизвикува големи движења на тлото кои на површината на земјата се манифестираат со сеизмички бранови и поради нивниот интензитет доведоа до катастрофални последици по објектите и луѓето. Ваквото ослободување на огромна енергија предизвикува и дополнителна редистрибуција на напрегањата кои постојат во внатрешноста на земјината кора во регионот на самиот расед. Оваа редистрибуција ќе се реализира долго време низ појава на земјотреси со помали магнитуди.

Од 1963, не само Македонија, туку и земјите од поранешна Југославија тогашните републики, воведоа нови стандарди на градба. Земјотресот во Скопје беше еден вид на будење. Но, оттогаш до денес науката напредува. Што денес можеме да заклучиме како наука?

Знаете, после секој еден посилен земјотрес науката е исправена пред нови предизвици. Поради самата природа на земјотресот често пати ваквите силни земјотреси изненадуваат во некои од аспектите кои дотогаш сме сметале дека ги знаеме. Едно кон што се стреми науката е да се собираат што поголем број на податоци од инструменти, кои ги следат движењата на земјината кора. Науката сега располага со квалитетни податоци од инструментирани случени земјотреси од последните 100 години, што е исклучително краток период. Потребно е да се вложуваат големи средства за што погусти мрежи на инструменти кои ќе обезбедат добра основа за подетални истражувања. Особено се однесува на региони со изразена сеизмичка активност. Исто така неопходни се повеќе податоци за реалниот одговор на објектите за време на земјотрес. Тоа се постигнува со поставување на инструменти на самите објекти за перманентно следење на нивното однесување. Ова се неопходни бази на податоци т.н технички предуслови кои придонесуваат ние да имаме подобри сознанија врз основа на кои ќе ги надградуваме техничките прописи за проектирање и изведба, согласно најновите постигнувања и резултати, со што ќе обезбедиме и повисока заштита и намалување на сеизмичкиот ризик.

ИЗИИС пред некој месец го финишира европскиот проект „Интегрален систем за процена на ризикот„ кој значеше и лансирање на една нова методологија за ефективното управување со вонредни ситуации направена и веб-платформа која ќе ги обединува природните хазарди, моделот на изложеност, како и анализата на различни сценарија на ризик. Споделете со нас за каков проект се работи?

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, со голема завршна конференција на која се сретнаа најдобрите експерти во областа, пред некој месец го заокружи двегодишниот проект кој го лоцира институтот на меѓународен план, како реномирана институција на ова поле.

Проектот започна во 2020 година и беше поддржан од програмата на Генералниот директорат на Европската цивилна заштита и операции за хуманитарна помош, DG – ECHO при Европската комисија. Во проектот покрај ИЗИИС учествуваа и Центарот за управување со кризи од Скопје,EUCENTRE од Павиа, Италија, Универзитетот Аристотел од Солун, Политехничкиот Универзитет од Тирана. 

Во овој меѓународен проект ИЗИИС беше координатор, привилегија која е реткост за македонски институции во меѓународни проекти финансирани од Европската Унија. Секако тоа носи и голема одговорност во целиот процес: од подготовка на предлог-проектот, аплицирање, преговарање, менаџирање и навремена реализација на сите планирани активности. Проектот се реализираше во периодот 2020 – 2022 г. Реномирани домашни и странски експерти од нашите области две години работеа на истражувања кои ќе имаат примена во пракса преку Центрите за управување со кризи. Ова само ќе покаже, дека научните достигнувања треба и мора да имаат примена во правец на изградба на општество отпорно на катастрофи – resilient society. Високото реноме на меѓународен план како и општествената одговорност на ИЗИИС, уште еднаш се потврдуваат на дело со овој проект на кој сме особено горди.

Како да се постигне добра координирана регионална и меѓународна соработка, која ќе ги вклучи современите научни сознанија од областа на менаџирање ризици од природни катастрофи?

Европскиот континент има историја на природни катастрофи: земјотреси, поплави, лизгање на земјишта, суши, екстремни температури, шумски пожари и бури кои предизвикуваат големи економски, социјални и еколошки последици и влијаат врз благосостојбата на луѓето и општеството на подолг временски период. Овие природни катастрофи, неретко го надминуваат капацитетот на една држава за управување со вонредна ситуација после природна катастрофа и ја нагласуваат потребата од меѓудржавна и регионална соработка.

Проектот CRISIS има за цел подобрување на управувањето со последиците од природни катастрофи преку изградба на усогласен и ефикасен систем за процена на ризикот на виталните објекти и транспортната инфраструктура во пограничниот регион на Македонија, Грција и Албанија.

Регионот предложен за погранична соработка всушност го претставува централниот дел од Балканскиот Полуостров кој има за жал „добра“ историја на сеизмички настани како и појави на геотехнички нестабилности поточно лизгање на земјиштето. Доказ за интензивната сеизмичка активност во овој регион се земјотресите со магнитуда поголема од шест (M > 6). Лизгањето на земјиштето во регионот е исто така хазард со добропозната историја, чија појава предизвикува сериозни штети на инфраструктурата. Наглото топење на снежните покривки, обилните и долготрајни дождови, неконтролираното сечење на шумите, земјотресите, придонесуваат кон зголемен потенцијал за појава на нестабилности кај природните косини, но и кај „вештачките“ незаштитени косини. Само во последниве неколку години сведоци сме за целосен или за делумен прекин на сообраќајот на повеќе патни правци во овој регион, токму поради појава на нестабилности на косините (лизгање на земјиште, одрони и сл.). Сеизмичкиот и геотехничкиот хазард во проектот се идентификувани како едни од клучните природни хазарди кои имаат потенцијал да предизвикаат значителни проблеми и штети во овие погранични региони и поради тоа се јавува потребата од организирање на системите на начин кој ќе овозможи ефикасно и навремено справување со ризиците на објектите од виталните сервиси (болници, училишта) и транспортната инфраструктура (мостови).

За ефективното управување со вонредни ситуации направена е и веб-платформа која ќе ги обединува природните хазарди, моделот на изложеност, како и анализата на различни сценарија на ризик. Колку таа се користи?

 Развиената методологија и веб-платформа претставуваат солидна основа за постигнување одржливост во однос на креирање мрежа од компетентни тела и развој на планови за управување со ризикот во пограничните региони.

Постигнувањето на горенаведените резултати ќе ги промени и подобри условите под кои, во моментов, државните органи донесуваат одлуки, како на пример министерства, институции кои управуваат со кризи, здравствени власти и агенции задолжени за безбедност на транспортните системи. Тие институции во процесот на донесување одлуки ќе добијат релевантна информација за ризикот од соодветниот природен хазард и ќе ги предвидат можните загуби за да извршат оптимизација на ресурси и да дефинираат приоритетни дејства. CRISIS  обезбеди и неопходни алатки за локалните и регионалните тела за оцена на ризикот поврзан со виталните сервиси и критичната инфраструктура. 

Сподели!
- Advertisement -