„Пивко“ и „Млекопромет“ ги пуштија во употреба првите два модерни роботи за молзење на млеко во земјава

- Advertisement -

Вчера на фармата Пивко во с. Могила, тимот од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем заедно со тимот од Млекара АД Битола го претстави првиот од двата современи роботи за измолзување крави. Ваквиот тип роботи првпат се употребуваат во нашата држава. Роботите се всушност опрема за молзење и помагаат при одгледување молзни крави, кои користат најнова технологија и се чести во примарното млекопроизводство во развиените земји ширум светот. Стево Пивковски, сопственик на фармата Пивко во с.Могила и Горан Велјановски, сопственик на фармата Млекопромет во с.Мусинци, се првите фармери кои ќе ги користат бенефитите од оваа најнова технологија што значително го подобрува управувањето со фармата и влијае на квалитетот и квантитетот на млекото преку зголемување на продуктивноста на нивните фарми. 

Оваа активност е дел од иницјативите на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, а е резултат на успeшно спроведување на стратегијата за партнерство со приватниот сектор на УСАИД, во соработка со Млекара АД Битола и фармите Пивко и Млекопромет од Пелагонија. Со цел успешно спроведување на оваа стратегија, тимот на Проектот соработуваше со водечките млекарници во земјата здружено инвестирајќи во нивните синџири за добавување, со релевантните министерства во спроведувањето на развојни политики, како и со локални акциски групи во поддршка на руралниот развој.  Исто така, се организираа и обуки за спроведување на иновативна технологија и добри земјоделски практики за да се зголеми знаењето за употребата на модерната технологија. Овие иницијативи овозможуваат трансформација на фармите од традиционални во модерни, влијаејќи на конкурентноста на самите фармери кооперанти и на млекарниците, а со тоа и на целокупниот млекопроизводствен сектор. Имено, во партнерство со водечките млекарници од земјата, Проектот поддржа над 270 фармери обезбедувајќи техничка помош или опрема, поттикнувајќи инвестиции од над 8 милиони американски долари во примарното млекопроизводство.  

- Advertisement -

Вршителот на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Ерик Мејер ја поздрави оваа иницијатива и го потенцираше нејзиното клучно значење за натамошниот развој на млекопроизводниот сектор: „Создавајќи партнерства со засегнати чинители од земјава, успеавме да поттикнеме инвестициски циклус од над 8,1 милиони американски долари во секторот, навистина импресивен подвиг и сè уште бараме можности за понатамошен раст. Ваквиот раст е важен за Американската влада бидејќи силната економија во земјава е добра и за американската и за глобалната економија. Тој додаде: Преку Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, соработувавме со над 50 водечки компании, претежно во земјоделството и текстилната индустрија, за да го промовираме значењето на создавање партнерства со приватниот сектор. Поттикнавме повеќе од 13,2 милиони долари инвестиции насочени кон развојот на 344 микро, мали и средни претпријатија и индивидуални земјоделци. Само во млекопроизводната индустрија, поддржавме преку 270 фармери со техничка помош и опрема и поттикнавме инвестиции од преку 8,1 милиони Американски долари. Се разбира, не можеме да кажеме дека работата е завршена. Постојаниот раст зависи од репликација на вакви инцијативи во иднина. Затоа ги охрабуваме сите засегнати чинители да продолжат да надоградуваат на овој успех, овозможувајќи понатамошен раст на секторот“. 

Генералниот директор на Млекара АД Битола, Ѓорѓи Петрушев, ја истакна важноста од набавката на роботите како прв чекор во модернизација на примарното млекопроизводство: „Фармите млекопроизводители како дел од деловниот екосистем се од суштинска важност за млекопроизводството во земјава и затоа потребно е и тие да го следат процесот на модернизација. Внесувањето на робот за измолзување како нов современ метод е само првиот чекор од тој процес на модернизација што Битолска млекара како најголем откупувач и преработувач на млеко целосно го поддржуваме и заедно со нашите кооперанти спроведуваме развојна база за млечната индустрија во земјава. Ова е системска промена со која започнува долг но надежен пат на трансформирање на примарното млекопроизводство во попродуктивно, поквалитетно и поодржливо. На овој пат, малите и средните фарми, примарните млекопроизводители и нашите кооперанти, ја имаат целосната помош и поддршка затоа што ја делиме истата цел, гарантирање одржливост на целата индустрија“, истакна Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Млекара АД Битола. 

- Advertisement -

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, кој започна во 2017 година, работеше на зголемување на продуктивноста на микро, малите и средните претпријатија (ММСП). Проектот соработуваше со деловни здруженија, стопански комори, финансиски институции, тренинг центри и компании кои работат на развивање на нивните синџири на добавување, како и други организации кои нудат услуги за деловна поддршка на ММСП. Исто така, во соработка со финансиски консултанти и институции, Проектот работеше на зголемување на финансирањето достапно за ММСП. Дополнително, преку спроведување на стратегијата за партнерство со приватниот сектор, Проектот работеше и на развој на синџири за добавување во екосистемот со цел да се подигне конкурентноста на компаниите, влијаејќи директно на растот и одржливоста на економијата. 

Сподели!
- Advertisement -