Милан и Зорица креираа апликација за обука на ракувачи на столбен кран со помош виртуелна реалност

- Advertisement -

Центарот за Социјални Иновации Блинк 42-21 креираше апликација за виртуелна реалност за обука на оператори на столбен кран. Алатката обезбедува безбеден начин на едукација и обука на ученици или возрасни кои сакаат да работат на оваа специфично работно место во градежната индустрија.

Милан Танчески и Зорица Велковска, ко-основачи на Блинк 42-21, во интервју за Иновативност велат дека современите начини на учење се повеќе ќе ги користат предностите на современите имерзивни технологии. За таа цел Центарот за Социјални Иновации последниве три години активно работи на развој на повеќе апликации кои ја поттикнуваат креативноста и го зголемуваат степенот на знаење и вештини.

- Advertisement -

Разговараше- Сања Наумовска

Колку современите технологии можат да се искористат во едукација и тренинг?

- Advertisement -

Автоматизацијата на работните места која ги носи четвртата индустриска револуција во голема мера го менува начинот на кој новите генерации учат и стекнуваат вештини за да останат релевантни на пазарот на трудот. Потребата од постојано или доживотно учење станува централен дел од професионалниот развој на секое лице. Од тука неопходно е да се искористат предностите на современите имерзивни технологии пред се виртуелна и аугментирана реалност, кои овозможуваат комбинирање на објективната реалност со слоеви на вештачка реалност или пак овозможуваат создавање на целосно нови виртуелни светови во кои корисниците можат да учат и стекнуваат вештини, на нов интерактивен начин имајќи пристап до огромен број на аудио, видео, и текстуални помагала. Центарот за Социјални Иновации Блинк 42-21 е лидер во развојот на современи модели за учење и последниве три години активно работи на развој на апликации кои ја поттикнуваат креативноста и го зголемуваат степенот на знаење и вештини. Како дел од ваквите активности изработивме апликации за виртуелна реалност кои се наменети за едукација на ученици во електротехничките средни училишта како и едукација во образованието на возрасни, конкретно насочена кон градежниот сектор. Дополнително, работимена промоција на концептот на игрификација кој целиот едукативен процес го прави по забавен и по приемчив пред сѐ за младите кои имаат изразени афинитети кон технологијата.

Кажете ни нешто повеќе за апликацијата за виртуелна реалност наменета за ракувачи на столбени кранови?

- Advertisement -

Самата апликација произлезе од потребата да се понудат нови иновативни решенија кои можат да ги унапредат програмите за образование на возрасни и стекнувањето на сертификација за одредени работни позиции, со што ќе се придонесе кон намалување на јазот помеѓу вештините кои ги бара пазарот на труд и оние кои ги испорачува образовниот систем (формален и неформален). Современиот развој на технологии пред сѐ во доменот на т.н „Продолжена реалност“ (Extended reality) во кои влегуваа и виртуелната реалност, овозможува употреба на нови иновативни алатки кои можат да го намалат ваквиот јаз. Најголемата корист од примената на овие технологии за обука и тренинг имаат оние работни процеси кои се изведуваат во ризични средини, вклучуваат скапа опрема и подразбираат минимален обем на грешки. Оттука и идејата да се развие апликација наменета за ракувачи на кранови.

Самата апликацијата овозможува виртуелна симулација на различни компоненти од програмата која е неопходна за формално сертифицирање на ракувач на столбен кран. ВР апликација го води корисникот низ неколку фази: воведен дел со информации за користење ракување и управување на кранот во виртуелна средина, тест за теоретско знаење преку идентификација на деловите на кранот, безбедносните протоколи и практичен тест за ракување и управување со столбен кран при редовни градежни процеси (со и без товар),  како и во итни ситуации (засилен ветер или незгода) и евалуација на остварениот резултат. Апликацијата овозможува интеракција на корисникот со инструментите во кабината на кран операторот како и интеракција со виртуелен лик во улога на сигналист.

Развојот на апликацијата беше исклучително комплексен процес на кој работевме осум месеци и вклучуваше голем број на соработници како од стручната фела така и од креативниот сектор.

Апликацијата е достапна и веќе се користи за целта за која е наменета

За кого е наменета алатката и како може да се користи?

ВР Апликацијата за оператори на столбен кран може да се користи како дел од програмата за сертифицирање на ракувачи на столбен кран која ја реализираат центрите за неформално образование како и од страна на секоја градежна компанија која има потреба од дообука на своите кадри.

Во изработката на сценариото беа активно вклучени сертифицирани професионалци од БЗР Тим Инжинеринг кои несебично ги споделија своите знаења со цел апликацијата во целост да се прилагоди на потребите за обука на идни кранисти.

Кои се бенефитите од нејзиното користење?

Апликацијата во целост го симулира работниот процес на ракување со столбен кран и го става корисникот во реална ситуација како ракувач на кран. Со самото ставање на ВР очилата, корисникот станува дел од градежниот процес во виртуелно креирано градилиште. Ваквото нурнување во виртуелна реалност овозможува сосема нова перспектива на учење и стекнување вештини во кое корисникот е ставен во активна улога да реагира на настаните околу него, да носи одлуки за своите постапки, но и да го види ефектот на своите одлуки. Ова е посебно важно за работни процеси кои подразбираат ризични и стресни ситуации и овозможува обука и тренинг во една сигурна средина во која работниот процес може да се повторува бесконечно пати додека истиот не се усоврши. Дополнително, ваквото учење овозможува учење преку работа и степен на интеракција со материјата која се изучува на начин кој е незамислив со стандардните форми на учење, што целиот процес го прави поинтересен и по прифатлив.

 Која беше мотивацијата да развивате токму вакво решение?

Веќе работевме на неколку апликации кои беа насочени кон формалниот образовен систем, но предизвиците со кои се соочува реалниот сектор, посебно во доменот на прилагодување на работната сила кон потребите на пазарот на трудот во една од доминантните економски гранки во Македонија, како што е градежништвото, претставуваше предизвик да понудиме апликација за една значајна но дефицитарна работна вештина. Во соработка и поддршка од Хелветас Швајцарска Интеркооперација од Швајцарија решивме да создадеме апликација која може да има активна примена во обуката и тренингот на работната сила, но воедно да послужи и како модел за слични вакви апликации во иднина.

На кои пазари во моментов може да се користи апликацијата?

Апликацијата е развиена за потребите на македонскиот градежен сектор, но универзалноста на работниот процес ја прави прилагодлива и за останати земји. Кон крајот на минатата година бевме поканети на меѓународниот настан „Metaverse Learning Camp“ во Торино, кој го организираа Меѓународната организација на трудот (ILO) Европската тренинг фондација (ETF).  Блинк 42-21 беше единствената организација од регионот каде имавме можност да ја презентираме и апликацијата за ракувачи на столбен кран пред голем број на организации од Европа кои се занимаваат со тренинг и обука.  Интерес секако постои и планираме периодот да го искористиме за што поголема промоција.

Во моментов сме во разговори со партнери од Словенија, апликацијата да ја прилагодиме за словенечкиот пазар кој по многу нешта е сличен на нашиот.  

На какви други решенија работите во моментот?

Активно работиме на зголемување на капацитетите на дигиталната платформа мЗаедница која веќе ја користат десет општини, а која за скоро време ќе овозможи нови функционалности во однос на дигитализација на локалните услуги. Во соработка Фондацијата за демократија на Вестминстер, започнуваме со развој на софтверско решение за намалување на корупцијата во општинските јавни набавки преку користење на системи за машинско учење што во голема мера ќе ги зајакне капацитетите на општините за превенција на корупција уште во фазата на подготовка на јавните набавки.

Мината година го завршиве развојот на мобилната апликација „Имерсиум“ која претставува интерактивен водич за самостојно истражување и доживување на културното наследство и веќе е достапна на три археолошки локалитети: Стоби во Македонија, Виминациум во Србија и Емона во Словенија. Во моментов работиме развој на проектна апликација и вклучување на нови партнери од Италија, Германија и Унгарија, со кои оваа соработка помеѓу културниот и креативниот сектор ќе ја подигнеме на повисоко ниво.   

Какви се вашите планови за во иднина?

Центарот за Социјални Иновации Блинк 42-21 како организација е фокусирана на развој и унапредување на иновативни решенија за справување со предизвиците со кои се соочуваме како општество. Во континуитет работиме на создавање на инклузивен еко систем кој поттикнува развој на иновации, без разлика дали се тие на институционално и индивидуално ниво, па во тој контекст од исклучителна важност за нас е да развиваме партнерства со сите оние кои имаат интерес во доменот на социјалните иновации. Ова е поле кое е интердисциплинарно и бара соработка со која значајно може да се подобри квалитетот на живот што е и основна мисија на нашата организација.

Сподели!
- Advertisement -