Американските сојузни агенции имаат рок од 30 дена од своите уреди да ја отстранат популарната кинеска апликација TikTok,нареди во понеделникот Канцеларијата за управа и буџет на Белата куќа.
Апликацијата за споделување видеа е во сопственост на кинеската компанија Byte Dance и се најде на удар на американските законодавци, кои сметаат дека апликацијата е закана по националната безбедност на САД, па затоа од декември минатата година TikTok е забранет на сите службени уреди во Претставничкиот дом на САД.
Сега од сојузните агенции се бара за се укине и да се забрани инсталирањето на апликацијата на уредите и на системите во нивна сопственост или на уредите со кои управуваат, како и да се забрани интернет сообраќајот од тие уреди кон апликацијата.
Овса забрана доаѓа четири дена откако Европската комисија им нареди на своите вработени да го отстранат TikTok од службените и приватните уреди, а како причина ја наведе заштитата на институциите, односно грижата за заштитата на податоците.
И канадската влада вчера најави забрана за TikTok на мобилните уреди на своите вработени, а како причина го наведе неприфатливото ниво на ризик по приватниот живот и безбедноста. Индија, пак, уште во 2020 година ги забрани кинеските апликации.
Со над 1 милијарда корисници ширум светот, од кои 100 милиони Американци, според истражувањето на агенцијата We Are Social, TikTok е на шесто место меѓу најпопуларните социјални мрежи.
TikTok во ноември минатата година призна дека некои вработени во Кина можат да дојдат до податоци за европските корисници и дека некои вработени на тој начин следеле новинари, но компанијата категорично тврди дека кинеската влада нема ниту пристап, ниту контрола врз тие податоци.
Од компанијата во чија сопственост е TikTok, ByteDance велат дека забраните за TikToka се последица на лажни информации дека апликацијата служи за шпионирање на Американците.
(Zimo)
(фото: Pixabay)