Нови туристички понуди од македонскиот културен и рурален туризам, промовираше „Медија консалтинг“ на Меѓународниот саем за туризам во Белград, Република Србија, кој се одржа по 44. пат од 23 – 26 февруари годинава. На штандот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со останатите понуди од државата, беа промовирани:
1. Уникатен престој во Спомен куќата на Петре М. Андреевски;
2. Билкилајф – Хербална куќа, прва куќа на лековитите билки и
3. ТУФ – дневна ексклузивна тура – лов на тартуфи.
Новите туристички понуди, претставуваат уникатен спој на македонските природни и културни богатства, кои ја дополнуваат понудата, но овозможуваат и нови туристички искуства од Македонија, кои досега не се откриени, скриени атракции, автентични места. Понудите се во чекор со трендовите кај туристите, а тоа е ново искуство, уживање во природните убавини, алтернативни туристички актракции, откривање на нови дестинации и желба за нови авантури.
Посетителите покажаа голем интерес за новите понуди на Саемот, особено српските туристи, бидејќи Македонија е омилена туристичка дестинација за нив.
Од „Медија консалтинг“, маркетинг агенција, која на Саемот за туризам ја имаше улогата на промотор на трите понуди, истакнуваат дека македонскиот културен и рурален туризам имаат голем потенцијал, бидејќи Македонија изобилува со голем број скриени дестинации, кои заслужуваат да се најдат на туристичката мапа. Тоа, претставува и можност за економски развој на руралните средини.
Можноста за Престој во Спомен куќата на Петре М. Андреевски, како нова понуда, е осмислена како еден спој, на она што го има државата, богато културно и историско наследство, заедно со останатите атракции во регионот на Демир Хисар, каде се наоѓа и родното место на поетот и романсиер, Петре М. Андреевски, како главен лик во понудата, регион кој не е доволно откриен за туристите.
Македонскиот културен туризам има големи перспективи, бидејќи новите генерации на туристи преферираат, нови и неоткриени дестинации и искуства, талкање по недопрени планински пејзажи и уникатност во секоја смисла на зборот. Оваа туристичка понуда го нуди токму тоа, да се препуштат на уметноста и културата. Да се запознаат со нашиот познат романсиер, поет, неговите силни животни мисли и мудрости, во неговото родно село и да ја почувствуваат неговата поезија и љубовта што извира од неа. Преку таа љубопитност, да се овозможи и откривањето на рурална Македонија, новите атракции, скриени длабоко во срцето на Демир Хисар во селото Слоештица, а сето тоа во комбинација со уживањето во автентичната локална кујна. За љубителите на природата, околината нуди уживање по планинските патеки на планинскиот масив Бигла – Илинска Планина, кои ги поврзува трите македонски национални паркови НП „Пелистер“, НП „Маврово“ и НП „Галичица“. Туристите може да се запознаат со селото Слоештица, преполно со историски знаменитости и споменици, прекрасни манастири, најмалата библиотеката во светот идр. Спомен куќата е достапна за туристите преку сместувачкиот капацитет и нуди автентично културно искуство.
„Билкилајф Хербална куќа“, пак, како прва куќа на лековитите билки во Македонија, е ново рурално искуство, како надополнување на понудата за љубителите на руралниот, активен, планински и хербален туризам. Во рамките на Саемот, оваа туристичка понуда беше вистинско освежување, зошто за прв пат се нуди хербалниот туризам, во една ваква форма. Исто така, оваа понуда е единствена и по тоа што нуди прва рекреативна тура со лековити билки за лица со инвалидитет. Новото хербално уживање, што го нуди „Билкилајф“, е во селото Бродец, скопско, на планината Скопска Црна Гора.
За љубителите на природата, „Билкилајф“ е совршена почетна точка за авантури на отворено, прошетка до највисоката точка на Скопска Црна Гора, берба на лековити билки, адреналински спортови, пешачење по шумските патеки или возење велосипед по планинските патеки. Хербалната куќа, нуди несекојдневно доживување, осмислено како убав спој, помеѓу желбата за уживање во високите врвови и прошетка до височините и полјаните, за одблизу да се почувствуваат лековитите билки, до уживање во пространиот двор, каде се учат кулинарски вештини за подготовка на закуски со лековити билки, јадливи цветови и вкусни шумски плодови, домашно подготвени напитоци и чаеви набрани од планината. За љубителите на креативата, пак, можност и за препуштање на фантазијата, преку работилници за персонализирање на чаеви, креативни изработки идр.. Но, и можност за туристичко уживање на лицата со попреченост, за градинарење со специјални подвижни хербални градини. Понудата ја надополнуваат и културни и природни атракции, кои може да се посетат, споменици на културата, историски и духовни светилишта, распослани како никаде во светот, на толку мала територија, за што и планината Скопска Црна Гора, го носи епитетот македонска „Света Гора“.Потоа,селска архитектура, воденици, планински бачила, водопади,како и природни знаменитости со специфичен биодиверзитет, мрежа на планинарски патеки и културни знаменитости. Оваа туристичка понуда е во чекор со современите трендови во туризмот- „еко-френдли“, зошто се собира и селектира хербален отпад, се создаваат нови производи од хербален отпад и се води грижа за животната околина.
Во новите туристички понуди, што беа промовирани на Саемот за туризам во Белград, посебно место и за дневната Ексклузивна тура – Лов на тартуфи, како ново туристичко искуство на македонските простори. Македонија изобилува со природни богатства и природни реткости. Затоа и можност за ова ново туристичко доживување, „спакувано“ да се откријат прекрасните шумски предели со сите нејзини изненадувања и да се најде скриено богатство – тартуф. Несекојдневна авантура, која долго се раскажува, бидејќи се ужива со вештините на кучињата – трагачи, заедно со вредните домаќини. Тура, која носи адреналин и открива нови искуства. Во рамките на турата, при прошетката во шумата, трагачот на тартуфи ги раскажува тајните на тартуфите. Тартуфот, пак, е врв и на гастрономијата. Затоа, неизбежниот дел од уживањето, дегустација на производи од тартуфи во прекрасен амбиент и можност да се купат производите од тартуф на брендот „Туф“, со неговата богата палета.
Промовирањето на трите туристички понуди, на српскиот пазар, е од големо значење. Српскиот пазар е еден од најбрзо растечките пазари за македонскиот туризам споредбено 2019/ 2022 година. Во 2022 година 11% од странските туристи односно повеќе од 63 000 туристи и повеќе од 130 000 ноќевања оствариле српските туристи, наметнувајки ја потребата од интегриран маркетинг и зајакнат промотивен пристап во 2023 година. Воведувањето на авионската линија Белград – Охрид четири пати неделно од јуни, преставува голем предизвик и треба да овозможи продолжување на позитивниот раст и во 2023 година на српските туристи, истакнуваат и од Агенцијата за промоција и поддршка на туризам.
Инаку, на Саемот за туризам, учествуваа околу 350 изложувачи од 33 земји, меѓу кои 8 држави од афричкиот континент и Кина, како земја партнер, вклучително и Северна Македонија. Рекорден број на коегзибитори ги промовираа туристичките понуди на македонскиот штанд. На Саемот, учествуваа најзначајните туристички агенции, здруженија, организации, хотели, туристички центри, транспортни компании и меѓународни туроператори.Во рамките на саемските денови, се одржа и презентација во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во соработка со малите семејни винарии и ИМЕ- Програма за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската амбасада, пред туроператорите и српските медиуми, за презентирање на ено- гастро концептот, како нова туристичка понуда и можност за неколку дневно незаборавно патување по македонските мали винарии, во чии рамки беа претставени и деликатесните производи од брендот „Туф“.