Народната банка е домаќин на Годишната конференција на Виенската иницијатива, којашто се одржува на 23 и 24 март во Скопје. Ова е еден од најголемите годишни собири во областа на финансиите во Европа, којшто за првпат се организира надвор од границите на Европската Унија. На годинешниот форум учествуваат гувернерите на централните банки и првите луѓе на регулаторите на банкарските системи во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ), претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светската банка, како и претставници на најголемите банкарски групации присутни во регионот.
Виенската иницијатива обезбедува платформа за носење одлуки и координација заради спречување на системските банкарски ризици, како и за услови за непречени кредитни текови во економиите во регионот. Виенската иницијатива 1.0 беше формирана за време на првиот бран на глобалната финансиска криза во јануари 2009 година, по што прерасна во Виенската иницијатива 2.0 за постигнување практични резултати преку следење и известување за процесот на раздолжување меѓу банките, следење на стратегиите на матичните банки во регионот, нивната кредитна активност, следење на нивото на нефункционални кредити и мерките коишто регулаторите во земјите од регионот ги преземаа заради справување со постикризното високо ниво на нефункционални кредити.
Во текот на овогодишната конференција, ќе се разговара за важни теми, меѓу кои за клучните предизвици за монетарната и фискалната политика во време на инфлација, предизвиците за банкарскиот сектор, зелената транзиција, влијанието на ризиците од климатските промени врз финансиската стабилност, современите трендови во финансиите, за дигитализацијата и развојот на финтек-секторот.
На почетокот на Конференцијата ќе се обрати гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, како и претседавачот на Виенската иницијатива, гувернерот на Централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ. Јавноста ќе може да ги проследи нивните обраќања, како и првата панел-сесија под наслов „Клучни предизвици за носителите на политики ‒ Монетарната и фискалната политика во свет на висока инфлација“ на следнава врска https://www.youtube.com/watch?v=O8E0PuiRTV4 (на англиски јазик).
(Denar.mk)