Искористеното кафе да не биде отпад и да заврши на депонија, туку да биде суровина од која ќе се направи органско ѓубриво и конкретни производи за секојдневна употреба, како на пример очила или пак други декоративни предмети.
Водени од идејата за циркуларна економија, младите Петар Стефаноски и Никола Вучков како дел од тимот Coffеe Мates, креираа еколошко решение за намалување на количините на отпад кои завршуваат на депониите со реупотреба и рециклирање на отпадот од кафе, кое неодамна беше избрано како еден од победниците од третата генерација на млади од проектот RISE, организиран од Здружението за социјални иновации АРНО.
Тие неодамна учествуваа и на регионалниот собир на нови социјални претпријатија RISE Bootcamp 2023, кој се одржа во Тирана, Албанија како дел од проектот на RISE. Тимот на Coffee Mates го освои првото место со својата презентација пред тричленото жири кое го сочинуваа претставници на програмата RISE, RYCO и останати регионални здруженија за социјални иновации.
Новинар – Сања Наумовска
Петар и Никола, вие сте на пат да креирате еколошко решение за отпадот од кафе. Кажете ни нешто повеќе за вашата идеја?
Убаво кажавте, еколошко решение, бидејќи отпадот од кафе на депониите генерира метан (CH4) кој е со 28 пати поголема потентност од јаглеродниот диоксид (CO2). Можеби бројките ќе бидат малку збунувачки, но доколку се обрне внимание, тие играат огромен фактор на долгорочно гледиште. Еколошкото влијание што го има нашата идеја е еквивалентно на заштеда од 42 тони јаглероден диоксид во нашата земја во период од една година. Нашата социјална мисија, пак, вклучува отворање на нови можности и нови работни места за неформалните собирачи на отпад, како и граѓани кои што потешко може да дојдат до работно место. Нудиме услуга со која помагаме да се собере отпадот од кафе, притоа од истиот да се произведат нови иновативни производи како што се органско ѓубриво, а во иднина и секундарни производи како рамки за наочари, накит и декоративни предмети.
Како овој отпад го наоѓа своето место во циркуларната економија, кои се можностите кои ги нуди?
Кружната, односно циркулаторната економија е модел на производство и потрошувачка, кој вклучува споделување, повторна употреба, поправка, обновување и рециклирање на постоечките материјали и производи што е можно подолго. На овој начин се продолжува животниот циклус на производите. Во пракса, тоа подразбира намалување на отпадот на минимум.
Поттикнувањето на повторна употреба на искористениот талог од кафе е високо ефикасен начин за промовирање на одржливата економија. Coffee Mates го таргетира проблемот со отпад од кафе, со самото тоа игра значително позитивна општествена улога. Истовремено, му даваме втора шанса на овој отпад со производство на ѓубриво, но и останати производи кои што ќе бидат пласирани на пазарот.
Кога се пријавивте дали очекувавте вашата идеја за собирање отпад од кафе да биде прогласена како една од победничките идеи од третата генерација на млади од проектот RISE организиран од Здружението за социјални иновации АРНО?
Искрено, од самиот почеток верувавме во нашата идеја, работиме посветено и ќе продолжиме со истото темпо. Во последните три месеци кои што зачудувачки за нас поминаа многу брзо, бевме дел од менторската програма на АРНО и тоа ни претставува особено задоволство. Пред се, бидејќи имавме можност да ја споделиме и презентираме нашата идеја. Во текот на процесот научивме многу работи, како од една идеја да направиме нешто повеќе, односно да креираме бизнис модел кој во иднина ќе може да се имплементира во реалноста. Особено, кога се работи за социјален бизнис, како да се направи и промена во општеството и да се креира подобро утре за сите наредни генерации.
Сепак, мора да напоменеме дека на натпреварот имаше одлична конкуренција и тука упатуваме голем поздрав до останатите тимови. Им посакуваме да не се откажуваат од своите идеи и да веруваат во тоа што го имаат замислено!
Што мислите дека ќе биде клучно вашата идеја да се спроведе и реализира во пракса, што очекувате да ви биде најголемиот предизвик?
Ние засега сме единствени на нашиот пазар со нашата идеја, што значи дека крајните продукти што ќе ги направиме од отпадно кафе ќе бидат иновација. Сето тоа, секако, носи и ризици кои ќе бидат предвидени во фазата на инкубација на бизнис моделот, што е следна во соработката со АРНО.
Исто така, без разлика дали се работи за класичен тип на бизнис или пак социјален тип на бизнис, потребни се финансии. Тие играат клучна улога за простор, механизација, плата за вработените лица, испитување на производите и слично. Секако, тука значителна улога игра и донесувањето на закон за социјални претприемништва, за кој што се надеваме дека ќе се воведе во блиска иднина.
Што ќе им порачате на младите кои, исто како и вие, се загрижени за количините отпад кои се трупаат на планетата, како да го дадат својот придонес?
Би сакале да пратиме порака, не само кон младите, туку кон сите граѓани кои што се загрижени за оваа проблематика, да ја зголемуваат свесноста за енормните количини на отпад кои што непотребно завршуваат на депониите. Огромен дел од отпадот не е ѓубре, туку ресурс што може да се реупотребува, да се искористи и да се извлечат многу бенефити од него.
Како ги оценувате можностите во земјава за развој на социјални бизниси? Каде сакате да биде идејата за рециклирање на отпадот од кафе за пет години?
Имаме многу позитивни очекувања во врска со можностите и успехот за развој на социјалните бизниси во нашата држава. Реискористувањето на суровините е многу голем тренд на секаде во светот, а кај нас очекуваме дека допрва ќе почне да се развива. Гледајќи за пет години од сега, ние веруваме дека Coffee Mates ќе биде успешна приказна за социјално претприемништво.