Минатогодишните победници на NASA Space Apps Challenge во Скопје, ќе го посетат NASA Kennedy Space центарот во сад

- Advertisement -

За прв пат на 10то издание на натпреварот „NASA Space Apps Challenge“ во Скопје, во октомври 2022 г. два тима заеднички го понесоа првото место: AERTH и YCCC-SPACE EAGLES. За оваа победа од домашните организатори, тимовите добија ексклузивно патување во NASA Kennedy Space центарот во Флорида кое ќе се реализира во следниве две недели (5-15 април 2023 година).Тимот AERTH дополнително го доби и признанието Honorable Mention на глобално ниво. За време на патувањето нашите млади таленти ќе имаат можност да се запознаат со бројните иновации изложени во NASA Kennedy Space центарот и со предизвиците кои требале да ги надминат инженерите на NASA и на приватните компании за вселенски истражувања од САД, како и да се запознаваат и поразговараат со експерти на NASA, а и да гледаат во живо полетување на ракета.

            Во Република С. Македонија натпреварот „NASA Space Apps Challenge“ се случува уште од 2013 година, во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Фондацијата Голдилокс Скопје, со традиционална поддршка на Амбасадата на САД во земјава, а го води Ирена Чаушевска Даниловска како лидер на локацијата. Од оваа година меѓу партнерите на натпреварот и на патувањето се вброи и Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР.

- Advertisement -

Значајна поддршка на патувањето на двата тима во NASA Kennedy Space центарот дадоа и Фондацијата ЗАЕВ Едно општество за сите, компанијата АЛКАЛОИД а.д. Скопје, Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС, како и Фондацијата АЛБИЗ.

            „NASA Space Apps Challenge“ е најголемиот хакатон во светот инициран и предводен од страна на NASA (Националната управа на САД за аеронаутика и вселенски истражувања) којшто истовремено се одржува во дури 162 земји, а учесници се средношколци, студенти и млади претприемачи од целиот свет кои се натпреваруваат во решавање на реални проблеми со кои се соочува Земјата и вселената, а кои се зададени од страна на научници и експерти од NASA. Се организира од 2012 година од страна на NASA, а го менаџира Директоратот за Научни истражувања – Дивизија научни истражувања за Земјата, при централата на НАСА во Вашингтон, САД. Во 2022 година на светско ниво учествуваа 31.000 млади кои креираа над 3.000 проекти, а од С. Македонија досега учествувале над 1500 учесници, од кои во најголем дел биле средношколци или студенти.

- Advertisement -

            За време на престојот во Флорида, САД, членовите на тимовите AERTH и YCCC-SPACE EAGLES ќе имаат можност да се запознаат со технологии и решенијата за вселенската индустрија кои се многу значајни и за животот на Земјата, но и со сѐ попрофитабилните индустрии кои вклучуваат вештачка интелигенција, машинско учење, наука на податоци и обработка на податоци од сателити каде со комерцијални решенија и веб апликации можат да конкурираат и иновативни компании и од помалите земји.

            Тимот AERTH креираше решение со чија помош корисниците можат да го следат, но и предвидуваат движењето на Меѓународната Вселенска Станица International Space Station притоа учејќи многу интересни и значајни факти за силите кои влијаат на нејзината траекторија. За изработка на ова решение, тимот користеше знаења од математика, орбитална механика, физика и програмирање. За да го испробате нивното решение продолжете на нивната веб страна https://aerthisstracker.study. Нивниот целосен проект е достапен на https://2022.spaceappschallenge.org/…/teams/aerth/project.

- Advertisement -

            Тимот YCCC-SPACE EAGLES пак се фокусираше на изработка на интерактивна мобилна апликација и веб страна преку која можат да се истражуваат позициите и големините на кратерите на Месечината направени од земјотреси таканаречени moonquakes, преку податоци добиени од NASA добиени од сеизмички и геофизички податоци прибрани од инструментите кои ги имаат оставено астронаутите од Apollo мисиите. За да разгледате што направија кликнете на https://www.moonquakes.earth Нивниот целосен проект е достапен на https://2022.spaceappschallenge.org/challenges/2022-challenges/moonquake-map/teams/space-eagles-yccc/project.

            Во NASA Kennedy Space центарот ќе патуваат Анди Ганиу, Кренар Ахмети, Дијар Селами, и Ендрит Шаќири, сите средношколци во 4та година од тимот YCCC-SPACE EAGLES, и Илин Московски, Матеј Крстески, Леонид Индов, Мирослав Мишоски, и Марио Блажевски, сите средношколци во 3та година од тимот AERTH, како и Марко Лазетиќ како ментор.

            Сите новости и случувања за време на патувањето ќе ги објавуваме на https://www.facebook.com/NASASpaceAppsMKD. Следете нѐ!

Сподели!
- Advertisement -