На Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) вчера започна 11-то издание на меѓународниот натпревар за роботика, електроника, автоматика и вештачка интелигенција – РобоМак 2023.
Деканот на факултетот, Димитар Ташковски, ги поттикна студентите да го користат своето теоретско знаење во пракса, преку вакви настани.
„Како ФЕИТ секогаш сме насочени кон тоа наученото знаење да се примени во пракса уште во студентски денови. Една од овие можност е токму и организирањето на настан како што е Робомак, но и други студентски случувања. Ние силно ги поддржуваме сите активности на нашите студенти и ги мотивираме да создаваат технички умни решенија“, рече Ташковски.
Оваа година, РобоМак ќе се фокусира на клучните европски принципи за дигитализација на јавните услуги, со цел да ги подобри комуникациските можности меѓу граѓаните и јавната администрација. Учесниците ќе имаат можност да ги претстават своите решенија во натпреварот, кој ќе се одржи во Кино Милениум во сабота, 13-ти мај 2023 година.
Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, изјави дека дигиталната трансформација ќе забрза процесот на добивање на јавни услуги, ќе ги направи достапни во реално време и ќе го подобри дигнитетот и достоинството на граѓаните.
„Со дигитализација на јавните услуги ќе се намали времето што граѓаните го поминуваатза добивање услуга на шалтерите на јавната администрација. Услугите ќе бидат достапни во реално време, транспарентни, отчетни и поевтини, со што клиентелизмот, фаворизирањето и монополизирањето ќе бидат минато. Како резултат на тоа, дигиталната трансформација позитивно ќе влијае на дигнитетот идостоинството на граѓаните и на вработените во администрацијата“, порача Бајдевски.
Ректорот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ -Скопје, Никола Јанкуловски изрази надеж дека на ваков начин студентите ќе се потткнат да останат во државата и своето знаење ќе го користат за да донесат меѓународни проекти.
„Уверен сум дека многумина од Вас, драги студенти, ќе останат во нашата држава и ќе го вложат своето знаење. Ќе донесат меѓународни проекти, ќе работат на развој на технички решенија, ќе создаваат и креираат во Македонија. Токму како што тоа го прават вашите професори, вашите родители и сите ние што остануваме во земјава. Секако, ова не значи дека не треба да се движите во светот или дека не треба да разменувате знаења и искуства со колеги од други држави. Напротив, движете се, споделувајте знаења, стекнувајте искуства и сето тоа вложете го во иднината на Македонија, но и во иднината на целокупното човештво“, порача Јанкуловски.
(Меta.mk)
(фото: ФЕИТ)