Епидемијата на корона вирусот донесе нов концепт на работа – работа од дома. Три години подоцна овој начин на работа се применува во некои компании целосно, во некои делумно, а има и компании кои целосно ја исклучија оваа опција. Некои од нив се и компаниите на Илон Маск.
„Работењето на далечина е будалаштина и е морално погрешно“ изјави извршниот директор на компаниите Tesla и SpaceX, Илон Маск, во својата последна рунда критики на сметка на праксата на вработување која ја дефинираше ерата на пандемијата на корона вирусот.
Во интервју за телевизијата CNBC, Маск, кој воедно е еден од најбогатите луѓе во светот, технолошките работници во Силиконската долина ги нарече „лаптоп класа која живее во фиктивен филм со среќен крај како што е Ла Ла Ленд“.
Тој рече дека верува оти работата во канцеларија ја зголемува продуктивноста и дека вработените кои одбиле да се вратат во работна средина после КОВИД-19 треба да се спуштат на земја и да се вратат на работа како и сите други.
„Целата работа околу работењето од дома… Мислам, со некои исклучоци, целиот поим работа од дома е малку како лажен цитат на Марија Антоанета ‚Нека јадат колачи’. Ќе работите од дома и ќе ги натерате сите останати кои го направиле вашиот автомобил да дојдат да работат во фабрика? Ќе ги натерате луѓето кои ви ја прават храната да ви ја достават – да не можат да работат од дома? Луѓето кои доаѓаат да поправат нешто кај вас дома? Тие не можат да работат од дома, а вие можете? Дали тоа изгледа морално правилно?“ вели Маск во интервјуто.
„Тоа е прашање на продуктивност, но е и морално прашање. Луѓето треба да се спуштат на земја во врска со тоа затоа што бараат од сите други да не работат од дома. Тоа е погрешно“ вели Маск.
Директивата за враќање во канцеларија во Силиконската долина и ширум САД наиде на отпор од работниците, што ги фрустрираше компаниите. Продуктивноста во компаниите очигледно се намали, а очекувањата на инвеститорите се зголемија, па тоа ги натера компаниите како Amazon и Salesforce да бараат работниците да се вратат во своите канцеларии, пренесува CNBC.
(Bizlife)
(фото: ERP Today)