Во читачка писменост, односно во читање со разбирање, Македонија со освоени 442 поени се најде под меѓународниот просек, кој изнесува 500, покажа најновата ПИРЛС 2021 меѓународна студија (Progress in International Reading Literacy Study), која беше објавена неодамна.
Последен пат македонски ученици учествуваа во ПИРЛС во 2006 година, а она што загрижува е што бројот на освоени поени и тогаш и сега е ист – 442, што е индикатор дека за 15 години, како земја не сме оствариле напредок во читање со разбирање.
Во приказот 1.3, каде што се наоѓаат просечните достигнувања на тестираните четвртоодделенци (односно ученици на возраст од 10 години), на првите три места се рангираа Сингапур, Хонг Конг и Русија, а по нив следуваат Англија, Финска, Полска, Кинески Тајпеј, Шведска, Австралија и Бугарија.
Освен нашата земја, под просекот се рангираа Саудиска Арабија, Азербејџан, Узбекистан, Катар, Оман. Од земјите во регионот, под просекот се Косово (421 поени) и Црна Гора (487 поени). А над интернационалниот просек, пак, од земјите во регионот е рангирана Хрватска, со 557 поени, па Србија со 514 поени, како и Албанија со 513 поени.
„И покрај тоа што прибирањето податоци се совпадна со училишните прекини предизвикани од пандемијата на ковид-19, во ПИРЛС 2021 истражувањето успешно се опфатени речиси 400.000 ученици од 57 земји во светот. Во ова обемно истражување учествуваа околу 4.000 ученици од секоја земја. ПИРЛС 2021 собра и податоци од околу 380.000 родители, 20.000 наставници и 13.000 училишта“, наведено е во истражувањето.
Овој документ опфаќа и информации за социоекономскиот статус на учениците, но и дали се практикуваат активности за рана писменост во домот пред децата да појдат на училиште.
Во врска со тоа колку сакаат да читаат, 42 отсто од сите тестирани четвртоодделенци рекле дека многу сакаат да читаат, а 40 отсто од нив рекле дека донекаде сакаат читање. Високи 18 отсто од младите луѓе на светско ниво, одговориле негативно, односно дека не сакаат да читаат, што е оценето како „загрижувачки податок“.
Мета.мк го исконтактира Државниот испитен центар (ДИЦ), институцијата која го организираше процесот на прибирање податоци за нашата земја, но оттаму кусо информираа дека во тек е подготовка на извештај, во кој ќе има подетални информации за резултатите, како и препораки за подобрување на состојбите, кои одговорните лица ќе ги споделат јавно штом го завршат извештајот.
Македонија досега учествуваше во првите два циклуси на студијата ПИРЛС во 2001 и во 2006 година. За една земја да биде дел од вакви меѓународни истражувања, државата треба да плати котизација, а конкретно, учеството на нашата земја во последната студија изнесуваше околу 50.000 евра. Освен тоа има и трошоци за печатење, дистрибуција и превод на материјалите.
Меѓународната организација за вреднување на образовните постигања (IEA) ја раководи организацијата и реализацијата на оваа студија. Стручната работа и менаџментот го води Меѓународниот студиски центар (ISC) во Бостон колеџот.
Следниот циклус ПИРЛС тестирања е во 2026 година.
(Meta.mk)
(фото: Flickr)