Justinaizer е уникатна платформа на нашиот пазар која со помош на вештачката интелигенција овозможува побрза достапност до правда во судските случаи. Платформата, зад која стојат д-р Сашка Мамучевска, доктор на науки по деловно право како основач и м-р Стојанчо Туџарски, кандидат за доктор на науки за вештачка интелигенција како ко-основач, прави анализи на правни документи и може да даде брз одговор за можниот исход на некој судски спор.
Во разговор со Иновативност, Мамучевска вели дека воведувањето на дигиталните алатки и вештачката интелигенција се многу значајни за правните процеси и обезбедувањето пристап до правда за сите, особено за ранливите групи и овозможуваат полесен и побрз пристап до информации кои се потребни за сите страни и сите учесници во правните процеси.
Новинар – Сања Наумовска
Г-ѓа Мамучевска, кажете ни нешто повеќе за платформата Justinaizer.
Платформата Justinaizer преставува алатка која со помош на вештачка интелигенција прави анализа на правните документи и со тоа го скратува времетраењето на процесот за пребарување и за обработка на податоци, кој е неминовен за секое правно прашање. Платформата е наменета за секој кој има потреба од брз одговор за можниот исход на одредено правно прашање. Ние веруваме дека, на долг рок, платформата Justinaizer ќе доведе до подобрување на пристапот до правда за сите заинтересирани лица, како и до зголемување на довербата во правосудниот систем во земјата.
Што значи и на кој начин може да се обезбеди полесен пристап до правдата со помош на вештачка интелигенција?
Вештачката интелигенција може од повеќе аспекти да го олесни работењето во сферата на правото. На пример, може да го скрати времето потребно за пребарување и за обработка на правните документи, да овозможи автоматско генерирање на документи кои се дел од правното работење, да помогне за автоматизација на процесите и за намалување на активностите кои се повторуваат во работењето, да овозможи полесна достапност до информации и настани, и друго. За сите засегнати страни, употребата на вештачката интелигенција, ќе остави многу повеќе време за креирање на стратегија за решавање на конкретно правно прашање. Во секој случај, вештачката интелигенција ќе биде најполезна кога ќе се користи како надополнување на човечките вештини, а луѓето кои ќе научат правилно да ја употребуваат можат значително да ги подобрат ефикасноста и ефективноста во своето работење.
Каква е врската меѓу дигиталните алатки и правото? Зошто започнавте да развивате ваков тип на платформа?
Според Глобалниот извештај за правда на ОБСЕ за 2019 година, повеќе од пет милијарди луѓе, односно две третини од вкупната популација ширум светот, немаат значаен пристап до правда и повеќето од нив се од ранливите групи, вклучително жени и деца. Тоа е поразителен факт со кој, за жал, се соочуваат и многу лица од нашето непосредно опкружување. Но, не само бројките и истражувањата, туку и моето повеќегодишно искуство како правник во разни сфери (адвокатска канцеларија, суд, јавна администрација, приватен сектор), ја поттикнаа желбата за развивање на платформа базирана на вештачка интелигенција која ќе го олесни работењето на секој учесник во правните процеси. Во ерата во која живееме дигиталните алатки и вештачката интелигенција овозможуваат полесен и побрз пристап до информации кои ни се потребни, без разлика во кое својство сме вклучени во правните процеси.
Каков тип на анализа ќе врши и за кого е наменета Justinaizer?
Платформата Justinaizer е наменета за секој кој има потреба од брз одговор за можниот исход на одредено правно прашање. Во моментот работиме на типовите на производи кои ќе ги нудиме на платформата и истите ќе бидат официјално објавени во периодот кој следи. Сите заинтересирани може да се регистрираат на нашата веб страница https://justinaizer.com/ со цел редовно да добиваат информации за сите новости кои ќе следат.
Од неодамна сте дел од „700 Акцелераторската програма“ на South East European University. Што значи тоа за вас и развојот на платформата?
Најпрвин, би сакала да се заблагодарам на Техничкиот парк при Универзитетот на Југоисточна Европа и на Германското здружение за меѓународна соработка (GIZ GmbH) за укажаната доверба и можност да бидеме дел од „700 Акцелераторската програма“. Учеството во оваа програма го гледам како надополнување на искуствата кои ги стекнавме од одличната инкубаторска програма којашто неодамна ја спроведе Техничкиот парк во соработка со организацијата Хекима (HEKIMA) од Словачка. Учеството во овие програми, како и во програмите на CEED Hub и ASPIRE BALKANS, за мене претставува несекојдневна шанса за стекнување на поддршка, знаења и вмрежување со цел развивање на платформата.
Кој е тимот што стои зад Justinaizer?
Носечкиот дел од тимот на Justinaizer е комбинација од професионалци кои имаат образование и работно искуство во областа на правото, вештачката интелигенција и економијата. Воедно, Justinaizer е зајакнат со домашни и странски еминентни советници за истражување и за развој, како и за меѓународна соработка.
Какви се вашите планови за во иднина?
Нашата цел е платформата Justinaizer што побрзо да стане достапна на македонскиот пазар, и со тоа да биде од полза за сите учесници во правниот систем, а во иднина да стане достапна и на меѓународниот пазар.