Виена повторно е прогласена за најдобар град за живот во светот, покажа извештајот на Economist Intelligence Unit (EIU). Индексот Global Liveability Index 2023 покажа дека Виена има добитна комбинација од стабилност, добра култура и забава, добра инфраструктура, образовен систем за пример и врвни здравствени услуги.
„Виена се наоѓа на врвот неколку пати по ред изминатите години и само за време на пандемијата на КОВИД-19 беше симната од тронот“ се вели во извештајот.
Копенхаген исто така си ја задржа втората позиција на листата, а австралиските градови Сиднеј и Мелбурн се искачија меѓу топ 5. Според извештајот, овие градови го подобриле здравството во споредба со минатата година, кога уште ги трпеле последиците од пандемијата.
Годишниот извештај рангира 172 градови ширум светот според неколку критериуми: стабилност, здравствена грижа, култура и забава и инфраструктура. Индексот годинава се искачи на рекордно ниво после закрепнувањето од пандемијата – сега просечната оценка е 76.2 од 100, во споредба со 73.2 лани.
Топ 10 најдобри градови за живот во светот се:
1.Виена, Австрија
2.Копенхаген, Данска
3.Мелбурн, Австралија
4.Сиднеј, Австралија
5.Ванкувер, Канада
6.Цирих, Швајцарија
7.Калгари, Канада
8.Женева, Швајцарија
9.Торонто, Канада
10.Осака, Јапонија и Оукленд,Нов Зеланд
(CNBC)
(фото: Wikimedia)