Германија е единствената голема европска економија која падна во рецесија

- Advertisement -

Германија ќе западне во продолжена рецесија оваа година и ќе биде единствената голема европска економија која ќе доживее економски пад во 2023-та година, според новите прогнози на Европската комисија.

Според Комисијата, која ги објави своите нови прогнози во понеделникот, најголемата европска економија ќе забележи пад на економската активност за 0,4 отсто оваа година, што е за 0,6 процентни поени помалку од проценката направена во мај. Институцијата, исто така, ги намали своите очекувања за растот на Германија во 2024-та година – од 1,4% на 1,1%, пренесува „CNBC“.

- Advertisement -

Германската економија се бори по инвазијата на руските трупи во Украина, а Берлин мораше многу брзо да ја прекине својата долгогодишна енергетска зависност од Кремљ. Во јули, Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека германската економија најверојатно ќе се намали за 0,3% оваа година.

Водечките економисти ја нарекоа традиционалната економска сила „болен човек на Европа“ – термин што се користеше за најголемата европска економија уште во 1998-ма година, кога земјата се соочуваше со сериозни економски предизвици. Но, сега повторно се појавува бидејќи Берлин регистрира длабок пад во производството, велат медиумите.

- Advertisement -

Податоците објавени на почетокот на септември покажаа дека производната активност во земјата паднала со најбрзо темпо од јуни 2009-та година, со исклучок на периодот на пандемијата.

Други економисти, сепак, не се согласуваат дека сегашните проблеми на Германија може да се споредат со претходните падови.

- Advertisement -

„Ситуацијата во Германија денес значително се разликува од проблемите од 1995-2004 година. Германија ужива рекордна вработеност, висока побарувачка за работна сила и најудобна фискална позиција од секоја голема напредна економија. Ова го олеснува прилагодувањето на шоковите“, вели Холгер Шмидинг, главен економист во Беренберг.

Последните економски прогнози укажуваат на општо забавување во регионот. Се очекува 27-те економии на ЕУ да растат со просечна стапка од 0,8% оваа година, што е намалување од прогнозата од 1% направена во мај.

Понеповолна од претходните е и прогнозата за следната година. ЕУ се очекува да порасне за 1,4%, а не за 1,7% како што беше проценето во мај.

„Слабоста на домашната побарувачка, особено потрошувачката, покажува дека високите и сè уште растечките потрошувачки цени за повеќето стоки и услуги земаат поголем данок од очекуваното“, се вели во соопштението на Европската комисија во понеделникот.

Високата инфлација и понатаму е еден од главните предизвици во блокот. Најновите прогнози покажуваат дека потрошувачките цени ќе се олеснат во наредните месеци, но сепак веројатно ќе останат над целта на Европската централна банка од 2 отсто до крајот на 2024-та година.

Главната инфлација во еврозоната, каде што 20 земји од ЕУ користат иста валута, се очекува да биде 5,6% во 2023-та година, а потоа 2,9% до крајот на 2024-та година.

„Инфлацијата во услужниот сектор е досега поотпорна од прелиминарните очекувања, но се очекува да продолжи да се забавува бидејќи побарувачката ќе омекне под влијанието на затегнувањето на монетарната политика и опаѓачкиот постпандемиски поттик“, рече ЕК и предупреди дека ценовните притисоци може да перзистираат подолг временски период.

ЕЦБ треба да се состане во четврток и да објави дали повторно ќе ги зголеми каматните стапки. Од јули 2022-ра година, централната банка ги зголеми каматните стапки за 4,25 процентни поени во обид да ја намали историски високата инфлација во регионот.

(Denar.mk)

(фото: Public Domain Pictures)

Сподели!
- Advertisement -