Во Велес оваа недела ќе се одржи хакатон во рамките на најавената стартап програма посветена на иновацискиот туризам. А на овој настан деновиве претходеше и отворањето на Вардар иновацискиот хаб.
Центарот за развој на Вардарски плански регион официјално отвори иновацискиoт хаб со цел поддршка и стимулација на иновацијата и развојот на нови идеи и технологии во Вардарскиот регион.
Отварањето на иновацискиот хаб во Велес претставува важен чекор во процесот на поддршка на иновациите во Вардарскиот плански регион, а истовремено создава нови можност за локалните претприемачи да ги развиваат своите идеи во насока на зголемување на конкурентноста и отворање на нови пазари. Овој хаб ќе биде место каде што се создаваат и развиваат идеи, иновации и бизнис визии, што ќе придонесе за раст и напредокот на целиот регион.
На отворањето свои обраќања имаа: Сашо Мошев- Директор на Центар за развој на Вардарски плански регион, Марко Колев-Градоначалник на општина Велес, Маријана Милевска-Директорка на Фондација за одржлив економски развој ПРЕДА ПЛУС – проектен партнер, Претставник на Асоцијација на компании за информатичка технологија на Северна Грција (SEPVE)-Грција-водечки партнер во проектот.
“Вардарскиот плански регион поседува потенцијал за развој на туризмот, за што сега и во иднина треба да работиме на надополнување на иновативна туристичка понуда. Со овие иновативни решенија можеме да имаме значителен потенцијал за развој на туризмот и стумулирање на економската активност во регионот. За успешно надополнување на туристичката понуда во Вардарскиот плански регион, важно е да се инвестира во маркетинг и промоција на новите иновации и да се работи со локалните заедници и стејкхолдери за поддршка и одржување на одржлив развој на туризмот во регионот. “ – изјави Сашо Мошев Директор на ЦРВПР.
“Соработката на Општина Велес со Европската Унија во изминатите години е од особено значење за развојот на општината. Поддршката која ја добиваме преку повеќе различни проекти, изминати и тековни, во голема мера придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Посебно ми е драго што за кратко време отвораме уште едно место за млади, каде што ќе можат да ги развиваат своите вештини, да работат на иновации и нови технологии. Верувам дека преку оваа плодна соработка со сите партнери во процесот ќе придонесеме овој иновациски хаб да прерасне во успешна приказна за многу поединци, но и за градот и регионот воопшто.”-изјави градоначалникот на општина Велес Марко Колев
“Ни претставува особено задоволство што Преда Плус заедно со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, веќе неколку години континуирано и интензивно работат на идентификување на интересни теми за развој на двата региони. Особено е важна нашата заедничка определба за во правец на поддршка на стартап заедницата и обезбедување услови за иновација и развој во регионите надвор од главниот град. ПРЕДА плус фондација, последните 5 години, успешно реализираше шест стартап програми преку кои обезбеди бесплатни обуки, вмрежување со инвеститори и директни грантови. Со последната Финтек стартап програма, која беше реализирна изминатат година, успеавме да ги поврземе сите клучни актери од финтек индустријата и да ја насочиме пошироката заедница кон јакнење на технолошките иновации. Среќни сме што стекнатото искуство имаме можност во целост да го пренесеме на нашите проектни партнери – Центарот Вардарскиот плански регион, во насока на поттикнување и јакнење на иновациите во туризмот во Вардарскиот регион”-истакна д-р Маријана Милевска, директорка на Преда Плус Фондација
“Вмрежување на компании и стартапи и организирање на стартап програми и хакатони кои привлекуваат ИТ млади таленти да работат на решавање на проблемот со поддршка на релевантни ментори, како и размена на искуства преку технолошки форуми. Тоа е она што решивме да го правиме заедно со ПРЕДА плус и Центарот и ова е само старт”, истакна Елени Фелеки од Асоцијација на компании за информатичка технологија на Северна Грција (SEPVE).
Со отворањето на хабот започна и стартап програмата за поддршка на туристички иновации во Вардарскиот регион. Целта на оваа програма е да обезбеди активно знаење и поддршка за развој на иновативни бизниси од областа на туризмот преку поддршка на редица ментори од оваа област. Програмата предвидува обука за Design thinking и хакатон.
Во месец август Центарот за развој на Вардарски плански регион распиша отворен повик за бизнис идеи во областа на туризмот. На повикот беа пријавени вкупно 19 идеи. За учество во програмата беа селектирани 9 идеи на кои ќе работата вкупно 20 учесници.
Со обуката за Design thinking на Солвео започна стартап програмата. Оваа обука во времетраење од пет дена, обезбеди корисни алатки и техники кои учесниците ќе имаат можност да ги применат во развивањето на своите иновативни бизнис идеи.
Од 21 септември до 23 септември е планирана реализација на хакатон, каде учесниците ќе добијат менторска поддршка и ќе имаат можност да ги презентираат бизнис идеите до потенцијални инвеститори.
Ова е само почеток на серијата настаните и иницијативите што се очекуваат во иднина.
Активностите се дел е дел од проектот INNO-ECOSYSTEM, кој е кофинансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички преку Интерег ИПА Програмата за прекугранична соработка.
The project INNO – ECOSYSTEM is co-funded by the European Union and by National Funds of the participating countries