На 26-ти декември, во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје се одржа финалето од натпреварот за ѓеврек со нов вкус „Смисли го кругот“. Жири комисијата го прогласи за победнички рецептот на Маја Лазаревска- ѓеврек кој нуди прекрасни вкусови на сусам, јаболко и младо сирење.
„ Кога го прочитав повикот сакав да си поиграм со хемијата во позадина, но да се задржат она што се основни карактеристики на ѓеврекот: богата и силна арома на сусам (затоа го потпеков дополнително, за да ја појачам аромата), крцкава надворешност и мека внатрешност. Меѓутоа го направив и со нешто што е македонска локална состојка -тетовското Делишес јаболко. Додадов и малку кремасто младо сирење за да може да се втопи полека во печењето и да стои како некој позадински вкус. Тоа ми беше идејата, ѓеврекот да остане како интересен рецепт за учениците и нов вкус за пробување.“ изјави победничката Маја Лазаревска.
Членови на жири комисијата кои ги оценуваа рецептите беа Анета Реџепагиќ- професорка по практична настава-пекар; Влатко Ѓорѓиевски-професор по практична настава-готвач, професори во СУГС „Лазар Танев“- Скопје, готвачот Антонио Ѓорѓиевски од програма „Кулинари.мк“/АРНО и претставник од донаторите-спроведувачи на проектот, Jордан Бајрактаров- комесар на Сојуз на извидници на Македонија
Натпреварот беше отворен за сите жители од Скопски плански регион кои беа повикани да пратат рецепт во кој ѓеврекот го задржува својот кружен облик и нуди нови, локални, вкусови и текстури. Оваа иницијатива побуди голем медиумски интерес и огладне многу Скопјани кои преку традиционалните и новите медиуми даваа поддршка за ииновација на традиционалното кружно печиво. Во следната фаза од проектот, победникот од финалето ќе има задолжение да ги научи младите ученици (готвачи и пекари) од СУГС „Лазар Танев“ како се подготвува рецептот преку обуки на кои тие ќе учествуваат.
Натпреварот се спроведе во рамки на проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ кој е иницијатива на АРНО која се имплементира во соработка со СУГС „Лазар Танев“- Скопје. Оваа иницијатива се спроведува со поддршка од Европската Унија во рамки на проектот „Младите – агенти на променa“ кој го спроведуваат Центар за Интеркултурен Дијалог, Сојуз на извидници на Македонија и Центар за истражувања и анализи НОВУС.