Здружението на жени менаџерки „Елит“, традиционално, трета година по ред ја додели наградата „Големо срце“ на Мариа Дуда, моќна млада жена која прави добрини преку нејзиниот социјален бизнис. Таа има свој ранч “The country side“ во село Ранковце, кај Крива Паланка, каде што ги вдомува болните животни, ги лекува, а потоа тие, особено коњите ги лекуваат децата од ранливите групи со хипотерапија. На тој начин таа го развива својот социјален бизнис и ги усреќува децата и болните луѓе кои во друштво на животните ја забораваат својата тага, болка и недостатци.
Годинава признанието „Големо срце“ и средствата ги додели членката на Здружението на жени менаџерки „Елит“ Андреа Илоска, менаџерка на „Инекс Олгица “ – Охрид која продолжува да чекори и приватно и професионално по патот на нејзината прерано почината мајка, потпреседателка на „Елит“, Олгица Илоска во чија чест се доделува оваа награда, која беше голем филантроп и хуманист. Со тоа ја продолжуваме нејзината визија да го направиме светот подобар за сите.
„Честит човек секогаш работи за да направи добро дело, а ако направиме добрини, така и ние се чувствуваме убаво, но и даваме пример дека луѓето живеат додека траат нивните дела“, порача претседателката на Здружението „Елит“, Ленка Угриновска.
Донираните средства ќе се искористат за ветеринарни услуги и нега на животните, кои пак преку својата љубов ќе ги направат среќни децата, но и возрасните со посебни потреби.
„Насмевка на лицата на децата со аутизам, даунов синдрум, церебрална парализа додека се дружат со коњите, козите, мачињата е најголемото богатсво и среќа и за нивните родители, но и за нас вработените на ранчот во с. Ранковце во Крива Паланка. Во екот на пандемијата спасивме многу животни, кучиња, мачки, коњи, кои инаку ќе завршеа во кланица за месо. Така се роди идејата за ранчот ‘Кантрисајт’, каде што љубовта кон беспомошните животни се трансформира во терапија заедно со природата“, истакна Дуда, чиј социјален бизнис е веќе препознаен и поддржан и од домашните и од странските институции, амбасади. Во рамки на ранчот “The country side“ децата се држат со животните, јаваат, а има и базен прилагоден за лица со инвалидски колички. Мисијата на ранчот е да се едуцираат посетителите за циркуларноста, за синергијата помеѓу луѓето, животните и природата каде што сите се еднакви и нема простор за дискриминација. Во тимот работат и експерти, психолог, дефектолог и логопед. Мариа Дуда е членка на „Елит“ и активно учествува во програмите на Здружението преку кои се поттикнува улогата на жените менаџерки во нашето општество, не само го поголемите градови туку и во руралните средини.