ФЕИТ –  65 години извонредност во електроенергетиката

- Advertisement -

Живееме во време на неверојатно брз технолошки развој. Од првата индустриска револуција, преку откритијата за производство и користење на електричната енергија и нејзиниот пренос на огромни растојанија сѐ до денешните иновативни и интердисциплинарни решенија, електроенергетиката е основа за развој на целокупното општество.

Од основањето пред 65 години до денес, Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) овозможува новите технологии да продрат во нашата индустрија и да го подобрат квалитетот на живот во земјава. Генерации инженери од ФЕИТ од областа на електроенергетиката се заслужни за планирање и развој на електроенергетскиот систем во земјава преку проектирање и градба на електричните централи и мрежите за пренос и дистрибуција на електрична енергија. Вложувајќи ги знаењата стекнати на ФЕИТ, македонските инженери и денес ја создаваат и унапредуваат клучната електроенергетска инфраструктура во земјава, како основа за развој на индустријата.

- Advertisement -

Современите електроенергетски системи се исправени пред нови предизвици, пред сѐ енергетската транзиција која е насочена кон постигнување климатски неутрално стопанство до 2050 година. Процесот на енергетска транзиција неминовно води кон зголемена употреба на обновливи извори на енергија кои бараат нови пристапи во прогнозата на производството, нови начини на водење и управување на сите процеси во системот, понатамошен развој и интеграција на пазарите на електрична енергија. Дополнително, се очекува и воведување нови технологии за производство на електрична енергија, меѓу кои и за искористување на водородот како гориво и унапредување на технологиите за складирање на електричната енергија. Предизвиците се уште поголеми ако се земе в предвид очекуваното зголемување на употребата на електрични возила, топлински пумпи и мали фотоволтаични системи кај потрошувачите. Се разбира, неминовната дигитализација на електроенергетскиот сектор е континуиран процес кон развој на автоматизиран и интелигентен систем кој во себе интегрира основна електроенергетска инфраструктура и напредни алатки, уреди и системи. Конечно, сѐ поголемата употреба на вештачката интелигенција, Интернет технологиите и алатките во облак бараат зголемен капацитет, доверливост и сигурност од електроенергетската инфраструктура. Според Меѓународната агенција за енергија, кибер нападите се во континуиран пораст и во просек, на глобално ниво, во 2022 се случувале над 1.000 напади неделно врз енергетските претпријатија и претпријатијата за комунални услуги. Сите горенаведени предизвици бараат интердисциплинарен пристап и обединување на инженерските знаења од повеќе области, вклучително електроенергетика, компјутерски технологии и телекомуникации, за да се развиваат решенија со кои ќе се заштити критичната инфраструктура.

Оттука, сосема е јасно дека електроенергетскиот сектор ќе се соочи со низа предизвици кои ќе треба да се решаваат во следните декади и кои неминовно ќе бараат подготвен инженерски кадар. Според статистиката на Меѓународната агенција за енергија, бројот на работни места во областа на енергетиката во 2022 година е 67 милиони работни места, а повеќе од половина од нив се поврзани со чиста енергија (ова ги вклучува обновливите извори на енергија, електричните возила, како и технологиите за искористување на водородот како гориво). Истовремено, инвестициите во енергетскиот сектор се зголемуваат и така, на глобално ниво, од почетокот на пандемијата на COVID-19 до денес, владите инвестирале над 1.300 милијарди американски долари како поддршка на инвестициите во чиста енергија. Енергетската криза од минативе две години дополнително ги поттикна инвестициите во обновливи извори на енергија. Во 2022 година, вкупната инсталирана моќност на производни единици на електрична енергија кои користат обновливи извори се зголемува за 13% на глобално ниво, а кај нас, вкупната инсталирана моќност на нови производни единици кои користат обновливи извори се зголемува за 18%. Овие инвестиции се неопходни за унапредување на процесот на енергетска транзиција.

- Advertisement -

Во процесот на енергетска транзиција и одржлив развој, ФЕИТ зазема централна улога во македонското општество преку процесот на едукација на неопходниот кадар, како и блиска соработка со електроенергетските компании по различни основи. Новите генерации дипломци на ФЕИТ се клучни за процесот на енергетска транзиција и развивање решенија со кои ќе се интензивира овој процес. ФЕИТ има единствени студиски програми, акредитирани согласно германското акредитациско тело за инженерски програми ASIIN, кои ги даваат основите за работа во кој било сегмент на електроенергетскиот сектор. „Програмите на ФЕИТ се темелат на 65 годишна традиција во создавање инженерски кадар и на искуствата на наставниот кадар во меѓународни истражувачки проекти, апликативни проекти и соработка со електроиндустријата. Исто така, стекнувањето практично искуство преку работа во лабораториите е составен дел од студиите. На ФЕИТ функционираат повеќе лаборатории чија опрема во континуитет се надградува и заедно со теренската настава, претставуваат прв чекор во практичната работа. Студентите на ФЕИТ се поттикнуваат целосно да го искористат својот потенцијал и лабораториската опрема да ја користат за свои истражувања и подготовка на семинарските и дипломските работи. Целта на ваквиот пристап во развојот на електроенергетските програми е да се создадат идните генерации инженери кои ќе бидат подготвени да го водат процесот на енергетска транзиција, слично како што претходните генерации го водеа процесот на градење на електроенергетскиот систем“, вели проф. д-р Александра Крколева Матеска, продекан за наука и меѓународна соработка на ФЕИТ и професор и експерт од областа на електроенергетиката. ФЕИТ ќе продолжи да чекори на патот на извонредност во развојот на електроенергетиката кај нас како и во имплементацијата на новите решенија кои ќе го трансформираат нашето општество во енергетски ефикасно и одржливо на долг рок.

Сподели!
- Advertisement -