Александра Милошеска е македонка која долги години живее во САД. Таа е креатор на брендот за здрава храна Quick Fit Bites, што го развива на американскиот пазар. Вели дека нејзините македонски корени ја научиле да го почитува производството на здрави и свежи намирници, а влијанието и работните навики од татко и да ги искористи во градењето на својата претприемачка кариера. Размислува Quick Fit Bites да ги донесе во Македонија и е отворена за соработка со македонски компании.
Александра е и мајка на три девојчиња, Софија, Викторија и Ана, за кои вели дека ја инспирираат да се посвети и да работи на отворање можности за младите генерации жени претприемачки во земјава, преку конкретна помош со споделување на своите знаења и пракса.
Во интервју за Иновативност, Александра раскажува за животот во САД, одлуката кариерата во финансискиот сектор да ја смени со нешто сосема ново, можностите и желбата со свои раце, од нула, да изгради бизнис.
Новинар – Сања Наумовска
Александра, што се Quick Fit Bites?
Quick Fit Bites се здрави бомбици што се направени од растителни состојки кои доаѓаат директно од природата. Во овој момент на пазарот нудиме три вкусови, чоко-кикиритки, бадем и индиско оревче и чоко-лешник. Производите не содржат шеќер, глутен и млеко и се одличен избор и за вегетаријанци и за сите што се постојано во движење и што сакаат да се хранат чисто и здраво. Нашата мисија не беше само да направиме навистина добри закуски, туку и да го поправиме погледот кон севкупниот систем за исхрана, што сметаме дека е поставен на погрешни основи.
Раскажете ни како започна приказната за овие здрави залчиња, што ве инспирираше да ги креирате?
Приказната за Quick Fit Bites се роди во 2018 година. Мојата кариера ја развивав во финансискиот сектор, во кој што се очекуваше многу труд, анализи и долги работни часови. Секогаш ми недостигаше некој брз додаток што ќе ми даде енергија и ќе ме заслади, но во исто време ќе биде вкусен и здрав. Како мајка на деца кои се занимаваа со воншколски активности и спортување исто така пеиметив дека ни е неопходен тој брз но здрав оброк. Самата идеја се роди уште кога го загубив мојот најголем поддржувач, мојот татко, кој почина од карцином. Тоа беше тежок период за мене во кој што научив многу да го ценам животот и започнав да размислувам што консумирам, какво влијание има храната што ја внесуваме, но и како можам јас да придонесам на тоа поле.
Започнав да го менувам начинот на исхрана во домот, престанав да јадам шеќер и почнавме да користиме едноставни состојки што доаѓаат директно од природата. Заедно мојата мајка Деница експериментиравме со рецепти од здрави, безбедни и немодифицирани состојки, за да со моите рецепти им обезбедам на клиентите храната што ја внесуваат да биде безбедна за консумирање, секогаш и без исклучок. Првите чоко-кикиритки бомбици ги споделив со моите колеги, кои беа воодушевени и ми препорачаа да започнам да ги продавам. Идејата беше тука, а и длабоко во мене чувствував дека е време да започнам ново поглавје во животот, да станам претприемач како што беше татко ми и да ги направам горди него и моите девојчиња.
Сакав и мојата најстара ќерка Софија да ја поттикнам да размислува да биде претприемач, па таа му го даде името на бизнисот, Quick Fit Bites. Тогаш немав никакво знаење како да се започне бизнис, но кога си љубопитен и нешто посакуваш да постигнеш, ќе најдеш начин да научиш.
Што е тоа што е иновативно и уникатно во вашите колачиња што треба да ги привлече купувачите?
Американскиот пазар е преполн со здрави и чисти барови. Конкуренцијата е преголема, но секој си има своја уникатна точка со која таргетира одреден дел од пазарот. Нашите Quick Fit Bites се слични, но и различни од другите барови, особено по тоа што ние се фокусираме најмногу на вкусот, а во исто време и на тоа од каде доаѓаат состојките и самиот рецепт. Мојот фокус е да се составени од седум или помалку свежи состојки и да имаат крцкав вкус.
Какви се вашите заклучоци за навиките на американските купувачи, дали ја прифаќаат здравата верзија на храната или мнозинството се уште се храни во рестораните за брза храна?
Поради пандемијата КОВИД-19, се проценува дека големината на глобалниот пазар на брзи оброци ќе вреди 28 милијарди долари во 2022 година и се предвидува дека ќе достигне големина од 43 милијарди долари до 2030 година. Оваа здравствена криза доведе до размислување и будење на свеста кај луѓето да се свртат кон поздрав начин на исхрана. Во последниве 10 години, еден од најзначајните потрошувачки трендови во доменот на здравата храна е зголемената популарност на исхраната базирана на растенија или Plant Based Diet. Таа го намалува ризикот од хронични болести како дијабетес, кардиоваскуларни болести, некои видови рак, а исто така и ризикот од деменција.
Мислам дека свеста станува се поголема, особено кај новата генерација кои се повнимателни за здравјето од нивните родители и баби и дедовци. Тие се повеќе подготвени да трошат пари за фитнес, здрава храна и грижа за себе.
Како претприемач и како жена, колку сметате дека е тешко или лесно да се биде успешен со свој продукт на пазарот, без разлика дали во САД или во Македонија?
Да се биде претприемач, независно во САД или Македонија, мислам дека си има свои позитивни и негативни страни, но кога имаш цел и многу сакаш да постигнеш нешто, ништо нема да те спречи. За да се постигне глобален успех како претприемач мора да се има чиста визија и способност за промени. За мене да се биде претприемач е една работа-градење. Градење бренд, заедница, платформа, тим, клиенти итн. Чувството да можеш да изградиш нешто со голи раце што луѓето го сакаат и за што ти плаќаат пари предизвикува зависност. Тоа е сурово и реално. Без корпоративни скали и бескрајни состаноци.
Го сакам процесот на градење бизнис од нула, правење грешки и во исто време учење од нив. Тоа е многу креативен процес кој е наградувачки, возбудлив, предизвикувачки, страшен, заморен и забавен во исто време. Споредувајќи го со „работа“ мислам е 100 пати потешко, генерално многу поисплатливо (не само финансиски) и дава контрола врз вашата иднина и флексибилност на време посебно како жена и мајка.
Повеќе од 70% од бизнисите отворени од жени се подигнати со свои инвестиции, како што сме и ние. Изборот за самофинансирање доаѓа со долгорочни придобивки, вклучително и поголеми шанси бизнисите да успеат долгорочно. Ако секој ден станувате од кревет сакајќи го она што го правите, веројатно вреди и е патот на кој што треба да се остане, независно дали сте во САД или Македонија.
Планирате ли, на пример, Quick Fit Bites да ги донесете и во Македонија?
Јас сум отворена на секоја можност и соработка. Во Македонија имаме многу потенцијал и навистина тоа многу ме радува. Јас го имам во сопственост рецептот на продуктите и тој може да се произведува тука во нашата земја, а знам компании што имаат капацитет за Private label и што се увозници на американскиот пазар.
Сакам да напоменам дека за новиот дизајн на пакувањето на нашите продукти соработувавме со македонска фирма Omni creative, кои беа одлични и со доста искуство. Исто, соработуваме со индивидуални графички дизајнери за маркетинг и промовирање, а сите нив ги презентирам и во мојот круг на претпиемачи во САД и во светот.
Последниве 15 години во Македонија доаѓам секое лето. Потекнувам од село Ложани, а мојот сопруг од село Драслајца, значи од нашиот прекрасен струшки регион што нуди прекрасни туристички дестинации. Заинтересирана сум и за неколку други можности што можат да се пласираат на американскиот пазар. Нашата земја има богати ресурси за оваа и за други индустрии, но многу е важно да се најдат вистинските партнери со доверба и лојалност. Од друга страна, ни треба и поддршка од администрацијата, да го олесни процесот на малите претприемачи во Македонија. Патот е долг, но со мали чекори може да се постигне. Останувам позитивна и верувам дека може многу да се создаде само да се има волја.
Какви се вашите планови за во иднина?
Јас сум многу позитивна и оптимистичка личност и за мене и за самиот бизнис поставувам многу големи планови за во иднина. За да се постигне добар профит во ова индустрија со ваков продукт треба голема количина на продажба. Во овој момент сме присутни на над 150 локации во САД. Нашите планови за следниве две години се раст на присуството во кафетерии, хотели, студентски кафетерии, маркети за здрава исхрана и сл.
Што се однесува на мојот личен живот, многу би сакала да сум инспирација да го отвориме патот за следната млада женска генерација да ги скрши бариерите и да ги редефинира можностите за успех. Многу би сакала да придонесам и во Македонија, од перспектива на споделување знаења и на практични примери. Кај нас има многу квалитетен кадар што треба ние во дијаспората да го промовираме и потекнуваме да расте, високо образувана работна сила со солидни јазични вештини, што го прави идеална локација за компании кои бараат повеќејазични вработени. Имаме неколку организации што помагаат во таа област како што се Macedonia 2025 и United Macedonian Diaspora. Но, на крај сè зависи колку некој сака да придонесе нешто за себе и за својата заедница, посебно за младата генерација на жени претприемачи. Со голема цел и многу посветеност кон работата што се сака, може трајно да се остави влијание, докажувајќи дека со издржливост, креативност и заедница која те поддржува, сè е можно.