Консалтинг за стратешки развој во рамките на Проектот на УСАИД за јакнење на деловниот екосистем додели сертификати за грантови на 4 организации – Фондација за менаџмент и индустриско истражување, Сојуз на стопански комори на Македонија, Комора на Република Северна Македонија за приватно обезбедување и Занаетчиска комора- Скопје – кои ќе работат на економско јакнење на жените во бизнисот.
Oвие организации ќе спроведуваат активности насочени кон подобрување на постоечки и/или развивање на нови услуги за своите бизнис членки, промоција на економското јакнење на жените и економска рамноправност, како и помош за надминување на последиците од економската криза.
Покрај церемонијата за доделување на грантови, беа одржани и две панел дискусии каде беа претставени проектите на организациите- добитнички на грантови поддршка и очекуваните резултати, како и панел дискусија на тема предизвици и можности на жените во традиционално „машки“ професии.
Клучните заклучоци од панел дискусиите се следните:
- Голем дел од предизвиците со кои се соочуваат жените во бизнисот се поврзани со родовите стереотипи и предрасуди, дел од кои водат и до родова поделба на професиите. Нема „машки“ и „женски“ професии, а жените не треба да се насочуваат само кон ниско платени работни места;
- Жените треба да имаат пристап до информации, контакти, финансии, пазари како и менторство и специјализирани обуки за да направедуваат на лидерски позиции. Зголемувањето на родовата еднаквост на работното место придонесува за поразвиени и поконкурентни микро, мали и средни претпријатија;
- Потребни се конкретни мерки, акции и политики за родова еднаквост со цел да се овозможи инклузивна работна средина и да се поддржи развојот на женскиот потенцијал во приватниот сектор.
Активноста за јакнење на деловниот екосистем кој се спроведува во периодот меѓу 2022-2026 има цел да придонесе кон подобрувањето на продуктивноста, растот и конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија и нивното прилагодување на кризните економски состојби преку подобрени услуги на
деловните здруженија во Северна Македонија. Повеќе информации за проектот ќе најдете на: https://bit.ly/3PLPM6S