Нова уникатна актракција! Александар Христов изгради Grizzly igloos со поглед на Козјак

- Advertisement -

Александар и Кристина Христови се креаторите на најновата туристичка локација, Grizzly igloos. Тоа се пет иглоа во кои се спие под ѕвездите и се ужива во погледот на езерото Козјак. Она што е уникатно и иновативно е што иглоата се осмислени, дизајнирани и изведени во земјава.

Александар вели дека Grizzly igloos се семејна приказна, бидејќи сите шест членови на семејството се активно вклучени во проектот. Покрај него и Кристина, ќерката Саша е задолжена за социјалните мрежи, а наскоро ќе почне и нејзинита Grizzly Berries приказна за здрави смути за гостите. Синот Виктор, својата љубов кон спортот ќе ја пренесува и во Grizzly igloos на малите детски терени за одбојка, баскет и фудбал. Најмалата ќерка Кара има само седум месеци, е стара колку и идејата и е на некој начин инспирација за проектот.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Александар, вие и вашето семејство промовирате една уникатна туристичка атракција во Скопје. Кажи ни нешто повеќе што се Grizzly igloos?

- Advertisement -

Grizzly igloos се уникатни монтажни куполи, дизајнирани и произведени од прекрасни македонски умови. Штитат од сите временски услови, а притоа стојат без никаква сопствена конструкција, потпирајќи се единствено на сопствената контра-еластичност. Произведени се од најсовремени полимери кои имаат неверојатни својства и особини од аспект на хигиена, издржливост, транспарентност и заштита од штетни УВ зраци.

Првите пет иглоа, со дијаметар од пет метри се поставени на прекрасниот предел во околината на езерото Козјак, на само 19 километри од центарот на Скопје. Изградени се оваа пролет, а веќе од овој месец и се подготвени да ги примат првите авантуристи и љубители на природата.

- Advertisement -

Туризмот не е вашата примарна дејност со која што се занимавате. Како дојдовте до идејата да изградите иглоа во Македонија?

Ние сме, пред се, големи љубители на природата и поминувањето на време во неа, во сите расположиви форми, планинарење, кампување, кајакарење, хајкинг итн. веќе долги години. За мене и моето семејство тоа е најубаво поминато време. Во текот на последните неколку години во нашите глави се всади една равенка со многу непознати која гласеше приближно вака:

„Како да направиме проект кој ќе им овозможи на многу поголем број на луѓе да го искусат ова што го искусуваме ние, да уживаат во природата, да искусат и преспивање под отворено небо и туширање на отворено, допир со природните елементи – земја, сонце, вода, притоа да ги имаат сите удобства на современиот дом, а сето ова да е изградено и наместено во природата без најмалку да ја измени или оштети, и секако во краток рок“ 😊

Крајна цел ни беше да им ја доближиме повторно природата на луѓето , која што современиот свет ја отуѓи од нив, како повторно би ја засакале и следствено на тоа би почнале да ја чуваат како најдрагоцено богатство, што впрочем и е.

Тоа што е интересно е што дизајнот, материјалите, изведбата и целосното осмислување и реализација за иглоата се македонски. Раскажете ни како течеше овој процес на иновирање? Од каков материјал се иглоата?

Првичната идеја постојано растеше, со секоја комуникација, со секој што го запознавме со идејата се менуваше, се подобруваше и буквално сите со голем ентузијазам ја прифаќаа и додаваа свој белег на начин достапен за нив и нивните ресурси. Затоа постојано велам дека овој проект е пред се фамилијарен и пријателски, бидејќи во него се вклучија голем број на наши пријатели, преку дизајн, изведба, фотографија, логистика, љубов и поддршка. 

Првото официјано претставување на нашиот проект и идеја беше пред човекот кој стои прв на браникот на природата, директорот на Повеќенаменското подрачје „Јасен“, Новица Зечевиќ. Од него добивме поддршка за проектот, понатамошни инструкции и совети, земајќи ги во прв план заштитата на природата и нејзините жители.

На наша голема радост , следен контакт на кој се обративме е голем љубител и познавач на природата и сите скриени богатства што она ги нуди, Стефче Трпковски, градоначалникот на Општината Сопиште. Тој  несебично ги сподели сите ресурси кои му беа на располагање со цел да овозможи и помогне проектот Grizzly igloos да се реализира, делејќи ја со нас визијата за повторно доближување на природата кон современиот човек, како пат за нејзино ценење и зачувување.

Мора да се спомне, дека од секој понатамошен контакт, во сите надлежни институции, од сите инволвирани, ние добивавме позитивна енергија и ентузијазам да продолжиме со проектот, и проектот растеше и со квалитет и со иновации, органски со љубов од секој негов учесник на било кој начин.

Иглоата се поставени во прекрасната природа околу езерото Козјак. Кажете ни каква е вашата туристичка понуда? Какви искуство можат да доживеат вашите посетители?

Самото преспивање во Grizzly igloos е искуство само за себе. Но, не застанавме само на тоа. Одлучивме да го пополниме денот онака како што ние би сакале да го доживееме и тоа да го понудиме за сите, па така додаваме во искуствата. Тоа се јавање на коњи и откривање нови патеки во пределот на Јасен, како Козјак – Матка. Возење велосипеди до брегот на езерото, кајакарење по водите на Козјак и истражување на неговите недопрени убавини. Планинарење по нови патеки и најинтересно, истражување на скриените и заборавени пештери во тој предел, кои ги има неколку.

Со оглед на тоа дека сте на самиот почеток, планирате ли да додавате уште иглоа? Или пак, да ја збогатите понудата за гостите?

За понатамошен план за бројката, големината и формата на нашите igloos, само можеме да кажеме дека сме на самиот почеток од една прекрасна авантура, која несебично ќе ја споделиме со секој вљубеник на природата. Изминативе десетина дена откако го промовиравме проектот наидовме на неверојатен интерес како од туристи, така и од луѓе и фирми заинтересирани за соработка и проширување на проектот на различни локации низ Македонија, но и надвор. Така што сигурно е дека Гризли фамилијата ќе расте во секоја форма. 

Со оглед на тоа дека почнувате со работа во оваа област, каков е вашиот став за масовниот спроти алтернативниот и еколошкиот туризам, како опции за развој во Македонија?

Секако, нашите дела кажуваат кон кој тип на туризам се стремиме, но нашето мислење е дека секој треба да даде свој максимален придонес во презентирање на Македонија како туристичка дестинација. Целта е нејзините убавини да бидат видени, и со тоа да се помогне и за економскиот раст. Без разлика на формата на туризмот кој се нуди, важно е да се води сметка да не се оштетува природата и живиот свет кој останува во неа.

Кои ви се главните таргет туристи, домашните или странските?

Во Гризли не се водиме по однапред креиран бизнис план или бизнис таргетирање. Наша цел е да привлечеме истомисленици, луѓе кои ја сакаат природата, и кои се спремни да и се доближат, да ја уживаат ама во исто време да ја заштитат. Најмалку е важно од каде доаѓаат, важно е да ја сакаат и чуваат.

Какви се вашите планови за иднината?

За многу кратко време, многу луѓе се препознаа со нашата визија и Гризли секојдневно расте како заедница. Затоа, веќе во мај започнуваме со конкретни заеднички акции за чистење на Јасен, собирање на ѓубре, растурање на диви огништа, означување на планинарски патеки, обуки за заштита на околината и многу други активности со кои ќе и се оддолжиме на природата.  

Сподели!
- Advertisement -