Последните години се појавија многу AI алатки преку кои можеме да направиме многу реалистични фотографии и видеа. Во некои случаи сликите и видеата се толку добро направени што е многу тешко, односно некогаш невозможно да се препознае дали нешто навистина е снимено или вештачки создадено. Таа граница меѓу вистината и лагата, односно fake newsa е се потенка, а можеме да речеме и поопасна поради потенцијално негативните последици од ширењето на лажните вести и содржини.
За да стават крај на ширењето на вештачки создадените содржини, од TikTok најавија дека автоматски ќе се означуваат фотографиите и видеата кои настанале со алатки со вештачка интелигенција. Таквите содржини во иднина ќе бидат означени со т.н. Content Credentials, односно технологија за дигитален воден жиг на Калицијата за потеклото и автентичноста на содржините (Coalition for Content Provenance and Authenticity). Тој дигитален жиг лепи метаподатоци на содржините во познатите алатки како Adobe Firefly, DALL-E и други, а освен на фотографиите и видеата, во иднина ќе биде достапен и за аудиосодржини.
Исто така, од TikTok најавија дека ќе се приклучат на здружението Content Authenticity Initiative, предводено од Adobe, кое е фокусирано на поставување стандарди за создавање дигитални содржини, било да се тоа слики, видеа или аудиосодржини. TikTok уште во февруари годинава, заедно со други 20-ина технолошки компании како Metа, Google, Amazon, OpenAI и други, се обврза на борба против лажните вести создадени со AI алатки.
TikTok веќе ги означува содржините направени со користење AIефекти достапни во самата апликација и од креаторите бара да ги означат сите содржини создадени со AI ои изгледаат реално. Досега тоа го направја над 37 милиони корисници, а сега TikTok автоматски ќе ги означува таквите содржини и кога ќе се споделуваат од други платформи.
(Neowin)
(фото: Pikist)