ЗЕН е македонски бренд кој креира иновативна облека адаптирана на потребите на лицата со попречености. Зад него стои Гере Трипков, човекот, кој инспириран од својата состојба и потреби, започнува мисија да им помогне на сите лица со хендикеп. Веќе е креирана и издадена една колекција на инклузивни маички, а наскоро ќе биде промовирана и втората. Тимот кој стои зад проектот е составен во најголем дел од лица со попреченост, кои се фокусот и се вклучени во секој чекор на проектирање и идна изработка на облеката.
Иновациите на Трипков веќе се препознаени и наградени со награди за Социјално претприемништво од Фондот за иновации, а брендот е претставен и на меѓународни модни настани. Тој вели дека иницијалната колекција на ЗЕН, е наменета за 30 лица со попречености од целата земја, кои бесплатно ќе добијат 100 парчиња адаптирана облека по мерка. Сега, се во потрага по стратешки партнери и инвеститори за натамошен развој, а целта им е брендот да го издигнат на глобално ниво.
Новинар – Сања Наумовска
Гере, веќе некое време, меѓу другото, сте посветен на развој на ЗЕН, првата бренд линија на облека наменета за лицата со попреченост. Може ли да ни ја раскажете нејзината приказна?
ЗЕН* брендот за адаптирана облека е проект кој го иницирав преку нашето здружение Equality за активно вклучување и промоција на правата на лицата со попречености. Поттикнат е како одговор на потребата на лицата со попреченост, кои вообичаено се справуваат со огромен проблем кога е прашање изборот на соодветна и адаптирана облека. На лицата кои имаат физички моторички проблеми дотерувањето со општо достапната гардероба на пазарот наместо да им претставува задоволство, им претставува секојдневна фрустрација, намалена самодоверба односно животна радост.
Оттука инициравме најпрво колекција на маички, а потоа овој проект прерасна во решение за тој предизвик што го има секој петти човек во општеството и светот. По две години од иницирањето проектот може да се пофали со признанието за Социјално претприемништво од Фондот за иновации во 2022 година, а е веќе претставен на неколку меѓународни релевантни настани, како Premier Vision Париз, TechTex Франкфурт, ViennaUP Виена, Subex Македонија.
Што ве инспирираше да започнете да работите на ова поле?
Еден од најзначајните фактори за да го иницирам овој проект е што јас – лично сум лице со физичка попреченост, параплегичар по дијагноза, односно одземеност во долните екстремитети и корисник на количка.
Се сметам себе си за посветен на мисијата да ја поттикнеме заедницата на луѓето со попречености да излезат од зоната на својата секојдневност и да станат самосвесни и горди лица чиј глас е чуен и препознаен, како и заедница која го превзема решавањето на предизвиците од егзистенцијално и функционално значење за поквалитетен живот.
Во годините на мојата младост, како лице кое сѐ уште не беше хендикепирано, поточно од 19 до 28 години, активно работев како модел и доста патував, работев за познати модни брендови и компании од Полска, Јужна Кореја, Турција, како и Дубаи, Русија. Дел од овие брендови денес се и присутни на нашиот пазар, а голем дел се светски брендови. Ова искуство и искуството од мојот понатамошен живот, вклучително познавањето и потенцијалот на текстилната индустрија во земјава, како и соработката со лица кои се наши локални, но препознаени модни дизајнери, ме инспирираше да покренам еден проект, кој сум уверен дека ќе го менува квалитет на живеење на многу луѓе во Македонија и ширум светот.
Што всушност треба да им понуди ЗЕН на лицата со попреченост?
Да тргнеме од фактот дека на едно лице со попреченост, споредено со еден здрав човек, просечно му е потребно минимум дупло повеќе време да се дотера (облече или преслече). Тоа значи дека ако во текот на денот се преслечете три пати, вкупно ви е потребно помеѓу 15 и 20 минути. На лицето со попреченост му е потребно од 45 до 60 минути… Секој ден, цел живот.
Адаптираната облека од брендот ЗЕН* ќе го поедностави тој процес и благодарение на нашите колекции парчиња облека со функционални додатоци, дизајн и естетика ќе го сведе тоа време потребно за дотерување на половина. Оттука, значајно ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на живеење на лицата со попреченост ширум светот.
Може ли подетално да ни објасните за каква облека се работи, кои се нејзините карактеристики?
Адаптираната облека од брендот ЗЕН* која основано ја нарекуваме мода од иднината во иницијалната фаза, односно по глобалната официјална промоција во 2025 година, ќе понуди колекција на јакна, кошула и панталони, чија главна намена е за 50% да го олесни процесот на облекување и слекување. Од оваа облека бенефит и задоволство ќе имаат не само лицата со попречености, но и нивната најблиска средина, родители, старатели, асистенти, кои секојдневно им помагаат и ги поддржуваат, вклучително и при облекувањето и дотерувањето. Но, она што е еднакво значајно е дека ЗЕН* ќе понуди адаптирана ултра-модерна и елегантна облека со одличен дизајн, модни детали и додатоци, чие користење ќе биде во функција на нашето квалитетно живеење, оттука сврстена во категоријата на функционална гардероба. Бренд на облека чие користење ќе биде чисто задоволство, а не облека која е непријатна за користење, облекување, која не поседува квалитет и е апсолутно нефункционална. Затоа, брендот ќе биде привлечен и за сите самосвесни љубители на квалитетна модна гардероба од македонско производство, која користи оддржливи материјали, промовира функционалност, современ дизајн, несезонски-односно безвременски колекции со синоним за елегантност, лежерност и гордост.
Во креациите се вметнати и ваши иновации, а користите и нови технологии. Кажете ни нешто за тоа.
Во светот постојат околу 50 компании кои произведуваат облека наменета за лица со хендикеп, од кои пет, според нас, го прават тоа со посветеност и визија. Нашата предност во однос на постоечките брендови ќе биде проектирање на прототипни решенија, кои досега не се употребувале, а се евидентирани во рамки на нашата анализа на пазарот.
Познато е дека во дизајнирањето на ваква облека се избегнуваат додатоци кои го усложнуваат нивното користење, како копчиња, тесни дизајни, материјали со доминантен состав од неприродно потекло кои се некорисни за нормалната функција на човековото тело и секако додатни модификации на самите дизајни за да служат во секојдневието. Ќе го посочам примерот со поставеноста на џебовите, поради фактот дека за лица кои користат колички џебовите на панталоните, фармерките, тренерките на постоечките брендови од ,,брзата мода” се апсолутно неупотребливи.
Дел од нашите прототипни решенија веќе ги употребуваме во колекцијата која ја подготвуваме во рамки на проектот ЗЕН* Soireé – односно модната ревија, која ќе се одржи во септември годинава, во која учество ќе земат 30 лица со попреченост. Бидејќи производството на ваков тип облека е поскапо од производството на облека од глобалните брендови за ,,брзата мода”, одлучивме за создавањето на првата колекција по мерка за нашите сограѓани финансиски да го покриеме во целост. Во рамки на настанот Донаторски кружок 2023, обезбедивме донации за развивање токму на првата македонска стандаризирана адаптирана и функционална колекција на облека.
Особено ми е драго што по завршување на проектот, целокупната колекција создадена по индивидуални мерки и потреби ќе им биде поклонета на 30-те учесници од нашата заедница на лица со уникатности.
Не само со изборот на облеката, лицата со попреченост се соочуваат и со многу други предизвици во нашата реалност. Што можат тука технологиите да помогнат, во кои други области?
Многу значајно прашање. Здружението Equality е член на меѓународни мрежи, како на пример Zero Project платформата за развивање, промоција и поттикнување соработка и иновации за доброто на лицата со попречености ширум светот. Следиме иновации од различни области и живееме веројатно во најдобрите времиња во историјата на човештвото. Развојот на новите технологии во насока на поддршка на квалитетот на живот се одвива со брзина на светлината.
Во денешно време технологиите помагаат во следење на животните функции на нашиот организам, создадени се високо-технолошки решенија за рехабилитација за кои до пред 10 години не ни сонувавме. Ако на тоа го додадеме високото ниво на иновативни решенија во секторот транспорт, комуникација, роботиката и неуро-технологиите, зборуваме за нова револуција во следните неколку децении. Револуција која ќе придонесе за експоненцијален и суштествен развој на човештвото, оттука и попреченоста ќе е помалку видлива во општеството, а егзистенцијалните прашања во живеењето на лицата со различен тип на попреченост, вклучитечно и со поголем степен на физичка и/или умствена попреченост, генерално ќе бидат поддржани или разрешувани.
Освен до дизајнирање облека, се занимавате и со спортување, организации на настани…. Како изгледа едно ваше секојдневие?
Секој ден го започнувам со утрински вежби, јога, медитација, вежби за дишење. Појадувам па потоа 30 минути се дотерувам.
Потоа се посветувам на дневните обврски, работни пред сѐ, но испреплетени и со рехабилитација и спортски активности како кошарка во колички, адаптивен велосипед, на зима сит-скијање.
Овој период сме посветени на организација на нашите два значајни настани годинава: третиот Фестивал на инклузијата во јуни и ЗЕН* модното Soireé во септември. Секако во тек е и ЗЕН 2.0 Караван проектот за млади, во кој преку поттикнување на проактивност и унапредување на вештините на оние млади лица кои ни останаа во државата, а се жители на Скопје, Гостивар, Битола, Струмица и Куманово, ги менторираме во процесот на иницирање и делување за позитивни промени во општините на живеење.
По завршување на дневните обрски, обично подоцна во денот, кога и се враќам во домот и уживам во друштвото на сопругата и нашиот љубимец – мачорот Феликс.
Какви се вашите планови за во иднина?
Посветено делуваме со цел реализирање на нашата мисија за позитивни промени и инклузивно општество во полза на лицата со попреченост. Секој проект што го создаваме е шанса за интеграција и инклузивност на сите нас како општествени учесници. Веруваме дека преку таков пристап ќе креираме основи за отворена комуникација, разбирање, поддршка.
Продолжуваме да ги развиваме проектите Фестивал за инклузија, ЗЕН* мода од иднината и истите да ги интернационализираме и промовираме надвор од Македонија. Дополнително, работиме посветено на проширување на опсегот на ЗЕН 2.0 Караван и во други општини.
Во текот на наредниот период имаме конкретни планови и за решавање на едно од значајните прашања за заедницата – бесправното користење на обележаните паркинг места за возила на лица со хендикеп од страна на несовесни сограѓани без попреченост. Искуството на тимот, портфолиото на Здружението Equality и ЗЕН Футурус Дооел, соработката на домашно и меѓународно ниво ни дозволува да се сметаме за релевантен фактор за погоре наведените прашања.
Но, за да може да кажеме дека имаме значаен взаемен успех кон остварување на визијата за инклузивно општество и пристапна животна средина за сите – потребна ни е поголема вклученост на сите релевантни чинители, како претставници на властите, бизнис секторот, но пред и над сѐ од општеството, од сите Вас, лицата со влијание во општествените текови, вклучително медиумите како Вашиот.
Доцна е само да зборуваме, време е да делуваме!