На 11 јуни во МКЦ ќе се одржи конференција за млади, „Чувари на мудроста“ на која ќе се осврнеме на важни теми кои се значајни за успех и кариерен развој на сите нас. Преку интересни разговори, панелистите учесници ќе ги раскажат своите професионални приказни и ќе споделат тактики за успех кои тие ги користеле за време на нивниот професионален развој.
Влезот за сите студенти ќе биде бесплатен, со приложување студентска легитимација, но заради ограничениот број присутни, задолжително ќе биде пријавувањето преку следната онлајн форма: bit.ly/Конференција-ЧувариНаМудроста
На втората конференција „Чувари на мудроста“ во организација на Халкбанк АД Скопје, ќе учествуваат и двајца панелисти, врвни професионалци од областа на архитектурата: Мишко Ралев, Декан на факултетот за архитектура и дизајн, Универзитет Американ Колеџ Скопje, и Пако Радовановиќ, архитект и CEO на проектантското биро Радо Инженеринг. Со искрени и инспиративни зборови, тие ги споделуваат своите искуства, предизвици и највредни совети.
Од усвојување на дисциплина и искреност, преку храброст и истрајност, до значењето на мудроста и искуството, нивните приказни, преплетени со вредни идеи и размислувања, го збогатуваат нашето разбирање за успехот и личниот развој. Ова се нивните искрени и моќни одговори кои ќе ви дадат инспирација за напредок во својот професионален пат.
Дали сметате дека она што е потребно за да успееш е мудрост за да истраеш на патот до успехот?
Ралев: Сметам дека мудроста доаѓа со искуството, а за да се истрае на патот кон успехот потребни се некои други квалитети како што се амбицијата, работливоста, верувањето во вредностите и хиерархијата, како и етичкиот однос кон работата. Кога истрајноста кон овие принципи и животното искуство ќе доведе до успех, може да се каже дека човекот стекнал мудрост.
Што им фали на младите денес на патот од професионалниот развој?
Ралев: Она што недостасува кај нас е утврден систем за професионален развој контролиран од стручни тела, како и јасни правила за движење во кариерата која е резултат на таквиот системски развој. Зашто, сега се наметнува и прашањето дали воопшто кај нас постои кариера или е тоа само обично вработување, независно колкави се месечните примања. Зашто не верувам дека на младите им даваме шанса за градење кариера. Еве да бидам и пореален, дали воопшто знаеме што е кариера во нашите професии.
Кој е највредниот совет што вие го добивте додека се профилиравте и кој е советот што вие им го давате на студентите и младите?
Ралев: Се сеќавам дека едно кажување – совет се провлекуваше од генерација во генерација, па така и јас како млад асистент на Архитектонскиот факултет го добив од моите професори, а то беше „…да не дозволиш да ти се исушат рапидографите“. Значи дека само постојаната работа и трагањето по вистинските вредности се единствениот начин да се напредува. Од друга страна познато е дека добар стручњак не е оној кој знае се, туку оној кој е подготвен постојано да учи.
Зошто е важно младите да ги слушаат искусните и нивните приказни?
Ралев: Зашто пред се треба да разберат дека ништо не почнува од нас, дека се е резултат на континуитет и на вечна поврзаност помеѓу луѓето и нивните култури. А искуствата преточени во приказни се нераскинлив дел од растењето и созревањето на секоја индивидуа како на ниво на личност така и на ниво на професионалец. Тие се непроценливи во градењето самодоверба и намалување на суетата, и градење на профилирано колективно знаење што е битен чинител за градење на безбедно општество а со тоа и животна благосостојба што е врвна премиса на човековиот труд од било кој вид.
Како професор на Факултетот за архитектура и дизајн, каква е вашата стратегија за мотивирање и развој на студентите во областа на архитектурата?
Ралев: Како професор, но и архитект, на студентите прво им објаснувам дека се привилегирани што студираат архитектура. Студирањето архитектура е култен академски жанр, кој е напорен но и забавен, трилер и хорор, понекогаш депресивен, а понекогаш и гламурозен, нешто налик на рокенрол: полно со луѓе звуци, предмети, фанови мешајќи се во долгите непроспиени ноќи. Архитектурата, како ниедна друга академска програма, е комбинација на повеќе области како математика, физика, филозофија, историја на уметност, уметност, испреплетени во уникатна наставна програма преку која студентите се стекнуваат со знаење, вештина и техника како би создале сложен архитектонски проект кој кога ќе се реализира треба да ги задоволи сите потреби, желби и аспирации на корисниците или клиентите. А, да се биде архитект е често необично, понекогаш езотерично и мистично, понекогаш интригантно и возбудливо. Сето ова за младите студенти е доволно интересно за да биде најчесто и мотивирачко.
Во вашата улога како претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, кои се најголемите предизвици што ги среќавате во денешната заедница?
Ралев: Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ е формирана пред 72 години и е меѓу првите професионални организации од ваков вид кај нас. Нејзината улога во досегашниот развој и афирмација на архитектурата и архитектонското творештво во нашата држава е непроценлива, дури и денес кога Комората на овластени архитекти и овластени инженери правно ја регулира професијата. Сепак, ААМ сеуште е значаен фактор кога станува збор не само за презентација на нашето архитектонско творештво туку и во критичкото толкување на општествениот дискурс во областа на урбанизмот и архитектурата. Професионалната и општа јавност сеуште очекуваат стручен став од асоцијацијата по повод различните урбанистички и архитектонски активности во нашиот севкупен простор. Оттука за време на мојот мандат се соочив со многу предизвици, и заедно со колегите од Управниот одбор се обидовме секогаш да изградиме објективен и стручен став по прашањата од нашиот делокруг на експертност, дали преку медиумски соопштенија или преку директно учество во различни стручни комисии, како и преку учество во јавни дебати во мултимедијалниот медијски простор. Од аспект на меѓународна активност ААМ како член на Светската унија на архитекти беше вклучена во разни дебати и одлуки кои се одвиваа во светло на новите случувања во светот каде доминираат зголемен број на воени судири кои покрај уништување на човечки животи предизвикуваат и огромни материјални разорувања. Покрај ова сеуште сеуште сме под постојан притисок за промена на името на здружението, на што досега успешно одолевавме.
Како сметате дека може да се подобри привлекувањето и задржувањето на талентирани и мотивирани млади луѓе во областа на архитектурата во Македонија?
Ралев: Градежништвото претставува важна стопанска гранка која е двигател на многу други индустрии и услуги. Сведоци сме на секојдневен раст на цените на градежните производи од една страна, а од друга страна се зголемува бројот на стручни кадри кои заминуваат од земјата. За да ги задржиме младите архитекти треба и да ги мотивираме, како општество но и како струка. Секако дека се она што погоре го кажав претставува дел од условите за задржување на младите архитекти, но и регрутирање на нови студенти на архитектонските факултети. Прв услов е заштита на производот на архитектот, а тоа е проектот преку негово нормирање, стандардизирање и финансиска проценка. Само така ќе се регулира местото на архитектот во поделбата на трудот, кое иако сме сведоци на длабоки промени, сеуште не го завзема вистинското место во градежната индустрија и во центрите на политичко и општествено одлучување. Треба да разбереме дека производот на архитектот – проектот, е сложен стручен документ за кој проектантот понесува лична одговорност за безбедносните, здравствените, еколошките, социјалните и културните импликации при негова реализација. Затоа, истиот треба да високо вреднуван од општеството, а со тоа и неговиот творец – архитектот проектант. Накратко, младите ќе ги мотивираме и задржиме само ако реално воспоставиме систем на стручен развој и кариера, ако ги стандардизираме архитектонските производи и нивната цена имплементирајќи ја соодветната легислатива преку искуствата од минатото од кај нас и од сегашноста на глобален план сразмерно на нашите локални услови и прилики.
За Пако Радовановиќ, љубовта кон професијата е клучна за да оствариш успех и кариерен развој.
Кој е најдобриот совет што сте го добиле и што ве туркаше напред?
Пако: Искрено не се сеќавам на некој совет кој посебно би го издвоил . А тоа што ме турка напред е љубовта кон професијата и постојаната желба да креирам нешто ново , да творам да создавам …
Колку вашиот татко влијаеше на развојот на вашиот професионален пат?
Пако: Двајцата мои родители се архитекти и секако многу влијаеле во мојата одлука да станам архитект. Бидејќи уште од мал сум бил опкружен само со архитектура. Сум одел по градилишта со татко ми , кај мајка ми во проектантско а дома пак го гледав татко ми како црта на клуб масичката во дневна додека ние околу си играме. А понатаму во развојот , татко ми еднаш има изјавено: „највеќе му помагам што не му помагам “
На кои предизвици наидовте и како ги надминавте на патот од професионалниот развој?
Пако: Не би можел да кажам. Тоа се некако одело во од без да имам време да рефлектирам. Секако предизвиците не биле од креативен карактер, со тоа немам проблем. Туку биле со финансии , бирократија и делење на своето скапоцено време со некои кој не би сакал.
А како сум ги надминал. Не сум ги надминал , тие се дел од работата. Можеби ова третото сум го свел на минимум а првите две се ненадминливи.
Во 2016 година добивте награда за архитектура за проектирање на семејна куќа. И тоа е само една во низата награди, која сведочат за неговата неверојатна работа. Колку ви значат вас овие награди и колку се значајни за кариерата?
Пако: Секако секоја награда многу ми значи но многу повеќе ми значи искрена пофалба од колега или од некој чие мислење го ценам. А дали наградите се значајни за кариерата би рекол , зависи. Кога зборуваме за наградите во Македонија би рекол малку. Бидеќи за тие награди се зборува само во фелата. Многу малку се публикувани а на потенцијалниот клиент не му значат ништо. Тој најчесто доага по добар глас или видено добро дело. А пак интернационалните награди секако многу значат за интернационалниот пазар.