Заштитата на животната средина, Охридското Езеро и крајбрежјето, уникатниот биодиверзитет и културните богатства не мора секогаш да се во колизија со развојот на туризмот. Токму тоа е идејата на Стефан Ставрев, сопственик на камперстопот „Дивоно“, кој за своите гости воведува нови, еколошки начини на транспорт и забава. Целта му е да обезбеди одржливо работење и намалување на емисиите на најголемиот стакленички гас, јаглеродниот диоксид и со тоа да го даде својот придонес не само за Охрид, туку и за планетата.
Ставрев работи и со млади во својот едриличарскиот и веслачки клуб, преку кои на младите им ја пренесува љубовта кон езерото и неговата заштита како најголемиот природен спортски терен во Македонија.
Новинар – Сања Наумовска
Стефан, работите на реализирање на идејата вашиот камп Дивоно да обезбеди одржливо и еколошко работење. Кажете ни како планирате да ја реализирате таа идеја?
Нашата цел е заштита на Охридското Езеро, но и на крајбрежјето од една страна, како и развој на туризмот од друга страна. Сметаме дека со еколошко и оддржливо работење, кое сакаме да го постигнеме преку подобрување на инфраструктурата на камперстопот и нудење на еколошки облици на активен туризам со кои ќе го зголемиме бројот на посети на кампери, ќе ги постигнеме двете цели.
Преку секојдневните контакти со нашите гости, кампери од цела Европа и пошироко, констатиравме дека нивните потреби за активен одмор подразбираат користење на електричните велосипеди (city e-bike, mountain e-bike, long distance e-bike) како и еколошки пловила, едрилици и пловила на електричен или соларен погон. Со понуда на овие еколошки средства за активен одмор, сакаме да се етаблираме како ECO ORIENTED CAMPERSTOP. Камперите ќе имаат можност велосипедите да ги користат за разглед на градот, возење низ Националниот парк Галичица или обиколка околу езерото. Со едрилиците или пловилата на соларен и електричен погон, ќе можат да уживаат во убавините на Охридското Езеро и разглед на Охрид од вода, а притоа воопшто да не се грижат дека ќе нанесат некоја штета на езерото и биодиверзитетот. Тоа е нашата визија да помогнеме во заштита на Охридското Езеро, но и во намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид.
Колку време постои кампот и кои се вашите најчести гости, домашните или странските туристи? Има ли разлики во нивното однесување кон езерото и околината?
Камперстопот е основан во 2018 година и ги нуди сите вообичаени услуги како и секој кампинг. Она што е специфично за нас и кое е нејпривлечно за нашите посетители е близината на езерото, прекрасниот поглед и убавината во која може да уживаат гостите. Освен тоа, покрај условите за паркинг на камп возилата, на гостите им нудиме и приклучоци за електрична енергија, тушеви со топла вода и тоалети, интернет, машина за перење, празнење на хемиските тоалети и техничката вода на посебен одвод поврзан со колекторскиот систем, рециклирање на отпадот… Кампот има и своја плажа, ресторан, а ние се трудиме секогаш да им ги дадеме и сите корисни информации за Охрид и се друго што би им било потребно за да нивниот престој им биде незаборавен.
Најчести гости се странските туристи, најмногу од Европа, но имаме и кампери од Азија, Австралија, како и од Јужна и Северна Америка. Македонските кампер возила и кампери се помалку но се се почести и нивниот број е во пораст. Односот на нашите гости кон природата е веднаш видлив, тие се внимателни и многу добро знаат како да се грижат за околината. Разлика со домашните туристи има, но не е толку голема. Забележуваме дека и кај домашните кампери еко свеста е на високо ниво, посебно на тие кои патуваат и кампирааат и низ Европа.
Со оглед на вашето искуство во туризмот, што сметате дека е неопходно да се менува во оваа дејност за да се обезбеди вистинска заштита на природните и на културните вредности на вашиот регион? Кои се најголемите еколошки проблеми во моментов кои го загрозуваат Охрид?
Тоа се отпадот, отпадните води, неповрзаноста со нормална патна инфраструктура и велосипедски патеки, неносењето на урбанистички планови и дивоградбите, како и упорното девастирање на Охрид како туристичка дестинација. Што се однесува до решенијата, пак, тоа се неколку работи за кои веќе многупати е зборувано, некои од нив постојат, а за некои има проекти, но реализацијата не е така како што очекуваме и како што треба за да се озбезбеди вистиската заштита на езерото.
Пред се, тука мислам на колекторскиот систем кој треба да се воспостави околу целото езеро. Мора да се изгради и регионална депонија и третманот на отпадот да има стандарди, да се селектира и рециклира, во езерото да не заврши ниту едно пластично шише. Исто така, сметам дека треба да се изгради наутичка инфраструктура, конечно да се заврши автопатот до Охриа и да се направи експресен пат Охрид-Свети Наум.
Она што ние почнуваме да го практикуваме со еколошките пловила треба да стане масовно. Сметам дека мора екстремно да се намали бројот на моторни пловила и да се промовираат еколошките пловила како едрилици, кајаци, кајчиња за веслање, даски за веслање, пловила на соларен погон и други.
Вие имате и веслачки клуб и работите со млади. Колку нивната едукација и поврзувањето со езерото и неговите вредности е важно за да се обезбеди неговата заштита во иднина?
Покрај едриличарскиот клуб, кој успешно работи веќе девет години, со школа за едрење за сите возрасти, имаме и веслачки клуб, со школа за веслање. Се работи за два Олимписки, но и еколошки спортови. Ние во клубовите на младите им ја пренесуваме нашата заложба за заштита на најголемиот природен спортски терен во Македонија, организираме еколошки акции и еколошка едукација. Тоа е нашиот план и за во иднина, да продолжиме со развивање на инфраструктурата на камперстопот, промоција на еколошките вредности, етаблирање на водните спортови и зголемување на понудата за активен туризам.