Научниците развија нов антибиотик со двојно дејство кој би можел да ја направи отпорноста на бактериите речиси невозможна. Благодарение на новото истражување на научници од американскиот Универзитет Илиноис Чикаго (UIC), беше развиен нов антибиотик кој делува така што им попречува на две различни клеточни цели, што на бактериите би им го отежнало развивањето отпорност за 100 милиони пати.
За новиот труд, објавен во списанието Nature Chemical Biology, истражувачите испитувале како класа на синтетички лекови наречени макролони се мешаат во функцијата на бактериските клетки за борба против заразни болести. Нивните експерименти покажуваат дека макролоните можат да работат на два начини: со мешање во производството на протеини или со оштетување на структурата на ДНК.
Бидејќи бактеријата ќе треба да спроведе одбрана од двата напади истовремено, истражувачите пресметале дека отпорноста на лекови е речиси невозможна.
„Убавината на овој антибиотик е што убива преку две различни цели во бактериите. Ако антибиотикот ги погоди двете цели со иста концентрација, тогаш бактериите ја губат својата способност да станат отпорни со стекнување случајни мутации во која било од двете цели“, вели Александар Манкин, професор по фармацевтски науки на UIC.
Макролоните се синтетички антибиотици кои ги комбинираат структурите на два широко користени антибиотици со различни механизми. Макролидите, како што е еритромицинот, ги блокираат рибозомите, фабриките за производство на протеини во клетката. Флуорокинолоните, како што е ципрофлоксацин, се насочени кон ензим специфичен за бактериите наречен ДНК гираза.
Две лаборатории на UIC, предводени од Јуриј Поликанов, вонреден професор по биолошки науки, и Нора Васкез-Ласлоп, професор по фармација, ја испитувале клеточната активност на различни макролонски лекови.
Групата на Поликанов, која е специјализирана за структурна биологија, проучувала како овие лекови комуницираат со рибозомите и откриле дека тие се врзуваат поцврсто од традиционалните макролиди. Макролоните дури биле способни да ги врзат и да ги блокираат рибозомите на бактериски соеви отпорни на макролиди и не успеале да предизвикаат активирање на гените за отпор.
Други експерименти тестирале дали макролонските лекови преференцијално ги инхибираат рибозомите или ензимите на ДНК гираза во различни дози. Додека многу дизајни биле подобри во блокирањето на едната или другата цел, оној што се мешал со двете во најниската ефективна доза се издвојувал како најперспективен кандидат.
„Со тоа што во основа ќе погодите две цели со иста концентрација, предноста е што им оневозможувате на бактериите лесно да смислат едноставна генетска одбрана“, вели Поликанов.
(Vidi.hr)
(фото: Pixabay)