Во Норвешка е зголемена продажбата на модели на електрични автомобили, додека во Европа продажбата опаѓа во корист на хибридните модели. Норвешкиот совет за информации за патниот сообраќај (OFV) денеска објави дека 94,3% од новорегистрираните автомобили се електрични: моделите на Tesla се на прво место, а потоа следуваат Hyundai и Nissan.
Претходниот рекорд Норвежаните го поставија во јануари, кога продажбата на електрични автомобили надмина 92%. Норвешка е исклучок во Европа, каде што продажбата на електрични автомобили опаѓа поради нивната висока цена и некомплетната инфраструктура која им е потребна.
Како голем производител на гас и нафта, оваа скандинавска земја има за цел да продава само автомобили со нула емисија на издувни гасови, односно електрични, од 2025 година, десет години пред ЕУ.
За да го постигне ова, воведе поволни даноци кои ги прават електричните модели многу конкурентни во споредба со другите автомобили.
„Во однос на тоа, ниту една земја во светот не е ни блиску до Норвешка. Ако вака продолжиме, наскоро ќе бидеме на пат да ја постигнеме целта од 100% автомобили со нула емисија до 2025 година“, коментира директорот на OFV, Оивинд Солберг Торсен.
Електричните автомобили претставуваа 12,1% од продажбата на нови автомобили во Европската унија (ЕУ) во јули, далеку зад бензинците (33,4%), хибридите (32%) и дизелашите (12,6%), соопшти Здружението на производители (ACEA).
(Bizlife)
(фото: Pxhere)