Европскиот суд донесе две далекусежни пресуди против технолошките гиганти: судиите потврдија казна од 2,4 милијарди евра против Гугл, а Епл треба да плати 13 милијарди заостанати даноци.
Во спорот со Комисијата на ЕУ за околу 13 милијарди евра заостанати даноци, Епл (Apple) доживеа конечен пораз пред Европскиот суд (ЕС). Судиите во Луксембург ја отфрлија претходната пресуда во корист на Епл и пресудија во корист на властите во Брисел.
Заднината е даночен спор: Според Европската комисија, Ирска, каде што се наоѓа европското седиште на Епл, му одобрила на производителот на Ајфон неприфатливо ниска даночна стапка од само 0,005 проценти. Ова ги прекршува насоките за државна помош на меѓународната заедница. Во 2016 година, властите во Брисел му наложија на Епл да плати 13 милијарди евра даноци плус камата. Парите оттогаш се на посебна сметка.
Групацијата Ајфон постојано нагласуваше дека приходите на двете ирски подружници кои се во прашање, се оданочуваат првенствено во САД. Затоа Епл сметаше дека е принудуван да плати двапати. Во 2020 година, групата доживеа успех пред суд на ЕУ, кој дополнителното барање го прогласи за неважечко. Европската комисија не успеа да докаже дека даночните аранжмани на Епл во Ирска претставуваат забранета државна помош, аргументираа судиите.
Комисијата поднесе жалба до ЕС и сега беше успешна: судиите одлучија дека Ирска му одобрила на Епл незаконска помош која мора да биде вратена. Самата Ирска со години не сакаше да ги собира парите.
(Дојче веле, македонска редакција)
Фото – Pixel