Кинеската фабрика Linglong во Зрењанин, каде што во петокот започна сериското производство на автомобилски гуми, ќе произведува 13 милиони гуми годишно. Изградбата на фабриката со површина од 370.000 квадратни метри започна во март 2019 година, а вредноста на инвестицијата е повеќе од една милијарда долари.
Минатата година нето добивката на Linglong во Србија беше 195,1 милиони долари, а оперативниот приход 2,8 милијарди долари. Генералниот директор на Linglong, Фанг Венг, истакна дека оваа компанија работи во Зрењанин веќе една година и има добри резултати, а очекува приходи кои значително ќе придонесат за развојот на српската економија.
„Ова е една од најголемите фабрики во Европа. За време на проектот соработувавме со повеќе од 100 компании“, рече тој и посочи дека зеленото производство е важна компонента во развојот на неговата компанија.
Кинескиот амбасадор во Србија, Ли Минг, изјави дека Linglong во Зрењанин е првата кинеска фабрика за гуми во Европа и најголемиот кинески гринфилд инвестициски проект во Србија.
„Во изминатите 10 години Кина и Србија посветено ја градеа иницијативата ‚Појас и пат’, рече амбасадорот, додавајќи дека трговијата меѓу двете земји е зголемена осум пати, а извозот на Србија во Кина е зголемен за дури 185 пати.
Тој посочи дека трговските односи меѓу двете земји се подигнати на ново ниво, бидејќи од 1 јули е на сила Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Србија.
„Бројот на кинески компании кои инвестираат во Србија, како и износот на инвестициите постојано расте“, рече Минг.
Амбасадорот посочи дека поволните услови за водење бизнис во Србија влеваат доверба кај кинеските инвеститори.
„Верувам дека се повеќе кинески компании, како што е Linglong, ќе инвестираат во Србија, носејќи нови технологии и еколошко производство“, рече кинескиот амбасадор.
На средбата беа присутни претседателот на Србија, Александар Вучиќ; генералниот директор на Linglong Tire, Фенг Ванг; претседателката на покраинската влада, Маја Гојковиќ; министрите за економија и животна средина Адријана Месаровиќ и Ирена Вујовиќ; градоначалникот на Зрењанин, Симо Салапура; амбасадорот на Кина во Србија, Ли Минг.
(Beta)
(фото: Timeless Moon)