Европската комисија усвои нови мерки со кои се забранува употреба на „вечни хемикалии“ во производи како што се кабаници, хартија и картонска амбалажа за храна и некои козметички производи, кои се опасни по здравјето на луѓето и животната средина.
Перфлуороалкил и полифлуороалкил супстанции (PFAS) се група на синтетички хемикалии кои се широко користени во индустријата, а се сметаат за најтешки за разградување хемикалии, бидејќи откако ќе стигнат до околината, тие речиси воопшто не се разградуваат.
На 19 септември, Комисијата усвои мерки за ограничување на употребата на перфлуорохексаноична киселина (PFHxA) и нејзините сродни супстанции, пишува Бета.
„Тие подгрупи на PFAS се многу упорни и подвижни во вода и нивната употреба во одредени производи претставува неприфатлив ризик за здравјето на луѓето и животната средина“, велат од ЕК.
Ова ограничување ќе ја забрани продажбата и употребата на PFHxA во текстилни производи за широка потрошувачка како што се мантили, пакувања на храна како кутии за пица, соединенија како водоотпорни спрејови, некои козметички производи како препарати за нега на кожа и во некои апликации за противпожарна пена.
Мерката не забранува други примени на PFHxA, на пример во полупроводници, батерии или горивни ќелии за зелен водород. Ограничувањето е важен чекор кон намалување на емисиите на PFAS бидејќи PFHxA често се користи како замена за веќе забранетите „вечни хемикалии“.
Ограничувањето ќе стапи на сила по преодниот период од 18 месеци до пет години, во зависност од употребата, што ќе овозможи време да се префрли на побезбедни алтернативи.
Потпретседателот на Европската комисија за европскиот зелен договор Марош Шефчовиќ рече дека мерката претставува одлучувачки чекор во стратегијата за поттикнување на одржливост, конкурентност и иновации во хемискиот сектор.
„Ги отстрануваме штетните материи од производите кои граѓаните ги користат секојдневно, како што се текстил, козметика и пакување на храна. Замената на „вечните хемикалии“ помага да се зачува здравјето на нашата животна средина, да се зачуваат ресурсите и да се поттикнат иновациите во полето на почисти алтернативи“, рече Шефчовиќ, додавајќи дека компаниите ќе имаат доволно време да се прилагодат.