Срна Дамчевска е една од ретките пирографки во светот! Своите уметнички дела ги изработува со стариот пирограф од дедо и!

- Advertisement -

Срна Дамчевска е уметничката која стои зад Elain Crafts, дела изработени во една многу специфична и интересна техника-пирографија. Се работи за цртање на дрво со горење, техника која Срна самата ја совладувала, учејќи на пирографот купен од нејзиниот дедо.

Денеска, Срна изработува пирографски дела по нарачка, но и по сопствена инспирација. Има изработено стотици дела, најчест мотив и е мандалата, но и природата, книгите или блиските луѓе. Пирографските дела најчесто се прават на орев, бреза, јасика, топола или бука, а Срна вели дека ниту едно не е изработено на намерно исечено дрво, туку дека одбира да работи само на веќе паднати или дрва кои веќе биле исечени поради оправдани причини.

- Advertisement -

Разговараше – Сања Наумовска

Срна, раскажи ни како започна твојата приказна со пирографијата?

- Advertisement -

Мојата приказна со пирографијата започна сосема случајно во 2015. Во текот на летото барав нов начин да ја искажам мојата креативност преку медиуми што претходно не сум ги користела. Па така, дома случајно наидов на стар пирограф што дедо ми го купил некогаш на времето и беше релативно малку користен.

Тогаш не знаев што е тоа и ја прашав мајка ми за што служи, а таа ми објасни дека тоа е направа со која се црта со тоа што го гори дрвото. Уште од самиот почеток ме фасцинира идејата да се црта со толку ограничена палета на бои, односно отсуството на боите. Ги направив првите изработки и љубовта кон пирографијата се роди инстантно. Од тогаш, сѐ уште ја сакам пирографијата со иста јачина, да креирам нешто со сенки и контраст за мене е фасцинантен начин на изразување на креативноста и зачувување на овој редок тип на уметност.

- Advertisement -

Што всушност е пирографија и како ти ја научи оваа техника?

Пирографија е вид на цртање на дрво при горење. За тоа е потребен посебен алат кој се вика пирограф на кој врвот е делот кој е заегреан на различна температура за да се добие посакуваната сенка или контраст. Различни врвови имаат различна намена, повторно во зависност што е тоа кое сакаме да го постигнеме при цртањето. Во 2015 година кога започнав да ги развивам моите вештини на овој вид на цртање, немаше многу ресурси во ова поднебје кои беа лесно достапни.

Самата уметност е многу ретка и притоа многу малку луѓе споделуваа совети за почетници. Па така, јас сум потполно самоука во изучувањето и градењето на сето знаење за пирографијата, најчесто преку странски уметници кои имаа издадено книги за пирографија. Поминав долго време во читање, побување да го најдам мојот стил, правење грешки и повторувње на дизајни одново и одново. Процесот на учење е долг и бавен, бара многу трпение и учење од грешките, но на крајот е многу наградувачки.

Processed with VSCO with b1 preset

Какви и колку дела имаш создадено до сега, колку време е потребно да се креира едно?

Досега имам изработено стотици дела, навистина голем број. Најчесто изработувам дела со мандала како мотив, инспирацијата исто ја земам од природата како што се цвеќињата, но и изработки по нарачка или нешто што во моментот ми дало чувство на слобода и сакам да го пренесам преку делата. Многу пати може тоа да биде од книга што сум ја прочитала или филм кој ми оставил силен впечаток. Голема улога има и љубовта кон најблиските со тоа што често се наоѓам себе си како изработувам дело што е поврзано со нешто што тие го сакаат и на тој начин сакам да имаат некој спомен кој ќе го имаат со себе долго време. Околу изработките по нарачка, тие варираат од љубовни поеми до нордиски симболи, а токму поради тоа и мојата инспирација за понатамошни израбтки уште повеќе се зголемува и се развива во правци што можеби порано не сум ни помислила да ги истражам. Времетраењето на изработка на едно дело може да биде помеѓу 3 дена до неколку месеци. Тоа зависи од големината и видот на дрвото и комплексноста на дизајнот. Доколку се изработува даска за послужување храна или украс, што е воедно најчестиот тип на дрво на кој работам, тогаш може  да биде до 7 или 10 дена. Пред неколку години ја имав честа да изработам знак за ресторан кој се наоѓа на Каналските Острови и тој го изработував 4 месеци, поради големината и фактот дека има голема потполно изгорена површина.

Објасни ни го процесот на создавање на овој тип на уметност, какви материјали и алатки се користат?

Самиот процес се започнува со дизајнот, не со дрвото. Треба да се знае точно која е целта што треба да се постигне, па соодветно на тоа се бира дрвото и димензиите. Доколку се работи на дизајн со многу сенки, се бара дрво со соодветна светлина, како и мекост на дрвото. Околу самото дрво, најчесто се користи орев, бреза, јасика, топола или бука. Важно е да биде правилно исушено, да нема процепи или чворови или да е уништено на било каков начин. Воедно, намерно сечење на дрва само за да се направи дело не е никогаш оправдано, затоа сите мои дела се од веќе паднати дрва или дрва кои веќе биле исечени поради оправдани причини. Потоа се обработува дрвото за да може да се нанесе дизајност правилно и прецизно. Околу самиот дизајн, најчесто ги цртам рачно преку таблет или директно ги цртам на самото дрво. Дигиталните цртежи се принтаат и се пренесуваат на дрвото на различни начини, во зависност од тоа што е дизјанот. Потоа следува загревањето на пирографот, бирање на соодветните врвови и започнување со горење. Тука нема простор за грешки затоа што не може да избришат или да се изгори наново. Бидејќи се работи со висока температура и постојана изложеност на чад, најважна е личната заштита да биде на највисоко ниво. Чадот не смее да се вдишува ниту да се гори подолги часови. На крај, делото се премачкува со масло или лак, со цел да се заштити дизајнот од разни влијанија.

Каков е интересот кај публиката за твоите дела, дали постојат познавања за оваа уметност, кои се твоите клиенти?

Интересот е доста голем, особено за изработките по нарачка. Пирографијата ја гледаат како уникатен начин за подарок за некоја посебна прилика, како свадба, јубилеен роденден или некој поголем повод. Секогаш сум изненадена од разновидноста и креативноста на идеите што ги имаат и ми е задоволство кога ги изработувам. Познавањето на оваа уметност, за жал, е сѐ уште мало, иако пирографијата е ретка во светот, во нашата држава и регионот е уште помалку застапена. Со тоа, има и некои првични нејаснотии што всушност е разликата помеѓу горење на дрво и гравирање, па така се обидувам најмногу што можам да го покажам процесот на изработка и како пирографијата е поразлична од останатите видови уметности. Во последниве неколку години, повеќе луѓе се запознаени што ми дава надеж дека пирографијата нема да изумре како вид на уметност. Па така и моите клиенти се сите – без разлика дали сакаат дело за себе си или за подарок на драга личност. Би рекла дека и помладите можеби се подоминантни поради подемот на социјалните мрежи и брзото ширење на информации.

Како млад човек што се занимава со уметност и еден тип на занаетчиство, како ги проценуваш можностите за развој во земјава?

Ние сме држава со голем број на талентирани млади, во било која сфера на уметноста и занаечиството, затоа и сметам дека сме движечката сила кон развој, надградба и унапредување на уметноста. Поддршката што ја добиваме од институциите не е на завидно ниво, но желбата за творење е многу поголема и посилна, па така често ние ги креираме тие можности за развој. Сметам дека уметноста е витална за секое општество и полека гледам дека работите во изминативе неколку години се менуваат кон подобро. Треба секогаш да тргнеме од себе си, ако ние ги почитуваме уметноста и занаетчиството тогаш секогаш ќе има простор за долготраен развој во секоја нивна сфера.

Какви се твоите планови за во иднина?

Веќе работам на неколку проекти кои сметам дека ќе ја кренат пирографијата на поголема изложеност кон јавноста, со тоа што целта ми е повеќе луѓе да бидат поблиску запознаени и да пробуди поголем интерес. Во процес на изработка на мојата веб страна сум веќе подолго време, поради фактот што сѐ сама правам па така и слободното време ми е доста ограничено. Пирографот нема да го „пензионирам“ уште долго време, желбата за творење сѐ уште силно тлее во мене па така и Elain Crafts ќе постои уште долги години.

Сподели!
- Advertisement -