Режисерот Цветановски изјави дека да се биде избран меѓу најдобрите фантастични филмови наменети за семејната публика на глобално ниво е голема чест.
„Јон Вардар против галаксијата” – првиот долгометражен анимиран филм во историјата на Македонија, влезе во соѕвездието на најдобрите фантастични филмски остварувања на светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” ќе ја има својата светска премиера во Шпанија, на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал” – еден од најстарите и најзначајни жанровски фестивали во светот, којшто могумина го нарекуваат „Кан за фантастични филмови“.
„Јон Вардар против Галаксијата” отвора ново поглавје во историјата на македонската кинематографија, а е селектиран во фамилијарната секција на фестивалот. Филмот ќе има две прикажувања в петок и сабота, на 5 и 11 октомври.
„Бидејќи жанрот не познава возраст, фестивалот во Ситџес повторно ќе ги прикаже моментално најфасцинантните фамилијарни проекти од светот. Меѓу селектираните филмови годинава го откривме ‘Јон Вардар против Галаксијата’ на Гоце Цветановски, првиот анимиран филм во историјата на Северна Македонија“, објавија организаторите на фестивалот.
Режисерот Цветановски изјави дека да се биде избран меѓу најдобрите фантастични филмови наменети за семејната публика на глобално ниво е голема чест.
„Огромен успех е што светската премиера на Јон Вардар ќе се одржи на престижен фестивал од овој калибар, и очекувам да продолжи со уште многу други успешни прикажувања низ целиот свет. Филмот е селектиран на уште еден голем филмски фестивал што ќе се одржи годинава, а деталите ќе бидат споделени наскоро“, објави режисерот Гоце Цветановски.
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Скорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Цветановски е дел и од тимот кој го почна проектот „Сказните на Биби“, режирајќи повеќе епизоди. Тој е режисер и на крими-трилерот „Бизнисот на задоволството” којшто во моментов се прикажува низ кино-салите во Македонија.