Љубителите на слатки задоволства кои сакаат австриски десерти сиругно ќе се разочараат од следното. Имено, фабриката Mirabell-Werk во Гредиг, недалеку од Салцбург, ги затвори вратите по 127 години постоење. Последната Моцарт топка, чоколаден десерт од 17,1 грама со јадро од марципан, ф’стаци и нугат, беше произведен на 5 декември, со што симболично заврши ерата која траеше повеќе од еден век.
Производните капацитети сега се празни, машините кои некогаш работеа со полна пареа се прекриени со прашина, а тишината пренесува чувство на збогување, пренесува Kurier.at. Оваа фабрика, во која се правеа автентичните Моцарт топки од Салцбург е засекогаш затворена. Финансиските предизвици не можеше да ги надмине компанијата Salzburg Schokolade, која раководеше со производството. Правата на овој препознатлив симбол на австриската традиција сега и припаѓаат на корпорацијата Mondelez, која планира да го пресели производството во Полска или Чешка, иако деталите за тој процес се уште не се познати.
Уште во јуни годинава беше најавен конечниот крај на работата на компанијата, по повеќегодишни финансиски тешкотии. Некои од машините што се користат во фабриката имаат значајна историска вредност. Нивната работа e дел од еден фасцинантен процес: масата на марципан пристигнува од рерната на подвижна лента, поминува низ калапи и резервоари со светол и темен нугат крем, а на крајот топчињата се обликувани, изладени и предадени на работниците кои внимателно пакуваат.
Затворањето на фабриката предизвика големо незадоволство кај вработените и кај локалната заедница. Бројот на работници е намален од 160 на само 40, а останатите до крајот на годинава ќе си заминат од работа. Компанијата претрпе сериозни последици од зголемувањето на цените на суровините, енергијата и горивото, што кулминираше со банкрот во 2021 година и доведе до нејзино затворање.
(Bizlife)
(фото: Flickr)