Со Никола Додов, директор на Фодот за иновации и технолошки развој разговаравме за идните планови на институцијата – стожер на иновативниот напредок и поттикнувач на претприемништвото во земјава. Неколку месеци по преземањето на раководната улога во институцијата Додов вели дека о моментов се во мирување јавните повици на ФИТР заради ревизија на постоечките програми, но најавува дека многу бргу ќе има официјални информации и продолжување на активностите на Фондот.
Разговараше – Верица Јорданова
Фото – ФИТР
Како нов директор на Фондот за иновации и технолошки развој, единствена институција која обезбедува повеќе инструменти за финансиска поддршка за иновативни компании може ли да ги сублимирате досегашните резултати од работењето на Фондот? Кажете ни колку компании се поддржани и со колку средства во изминатите години? Каде ги лоцирате најзначајните резултати?
Како нов директор на Фондот за иновации и технолошки развој, имам чест и обврска да ја презентирам сублимирано сликата за досегашното работење на оваа значајна институција, која има важна улога во поттикнувањето на иновациите и развојот на технолошките компании во нашата земја. За период од 11 години, колку што всушност постои Фондот, обезбедена е значајна поддршка за иновативните компании, стартапи и микро, малите и средни претпријатија, со што го постави темелот на значајни инвестиции во развој на нови технологи, производи и решенија кои придонесоа за економски раст и развој на компаниите.
Во портфолиото на ФИТР, досега имаме поддржано преку 1.100 иновативни проекти на компании од различни индустрии, вклучувајќи стартапи, иновативни мали и средни претпријатија, со вкупен обем на инвестиции од 132 милиони евра, од кои 82 милиони евра се кофинансирани средства од буџетот на Фондот, а 50 милиони евра се инвестиции на самите компании. Имаме поддржано преку 56 проекти преку тематските предизвици, 31 доделени иновациски ваучери, преку 100 поддржани училишни проекти и седум Фаб Лаб / Maker Space лабаратории.
Фондот активно инвестира во развојот на новите претпријатија, кои се двигател на иновациите и создавањето нови решенија на пазарот, за што зборува фактот дека 60% од поддржаните проекти се на стартап компании со вкупна инвестиција од 38 милиони евра. Стартап компании се тие кои носат свежина и промени на пазарот, и сметам дека клучна е поддршката која треба да им ја обезбедиме за да создадат нови технологии, нови решенија и позитивни промени во општеството. Поддршката на стартап компаниите создава можности за брз раст но и глобална конкурентност.
Драго ми е што можам да кажам дека Фондот функционира како дом за сите амбициозни луѓе кои имаат иновативни и креативни бизнис идеи, токму преку инструментите кои ги имаме креирани за нив: повици наменети за стартап компании, повици за комерцијализација на иновации, за технолошки развој, предизвици наменети за млади, за дигитализација на здравството, земјоделскиот сектор, на македонскиот сектор, за социјално претприемништво и сл. Потврда за нашата работа е успешноста на компаниите и навистина ме прави горд кога ќе видам дека некоја наша компанија успеала да се пробие на пазарот, да пристапи кон глобални пазари, да обезбеди нови инвестиции. Да, патот е тежок и полн со предизвици, но затоа сме ние тука, да ги поддржиме да им дадеме „ветер во грб” и да им кажеме дека нивната приказна е можна и реална. Во овој поглед, мислам дека треба сите да се вложиме безрезервно за да обезбедиме подобри услови за компаниите и истовремено да ја позиционираме Македонија како регионален лидер во иновации и технолошкиот развој.
Во моментов нема активни повици, а оние кои беа завршени во моментот на промената на власта се во мирување. Кога потенцијалните нови корисници на ФИТР може да очекуваат продолжување на активностите?
Да, точно е дека во моментов се во мирување јавните повици на ФИТР, правиме ревизија на постоечките програми, начинот на финансирање и работиме на внесување на промени кои ќе влијаат позитивно на македонскиот еко систем, кон подобрување на иновативноста на компаниите и локалната економија. Знам дека претприемачите го чекаат нашиот старт, но многу набрзо, ќе излеземе со официјални информации за статусот како и продолжување на активностите на Фондот.
Како ја оценувате моменталната состојбата на македонската стартап и иновативна сцена?
Во последните неколку години, Северна Македонија бележи напредок во развојот на стартап екосистемот, со пораст на бројот на мали и средни претпријатија, иновациски хабови и акселератори. За тоа говорат и податоците на Глобалниот иновациски индекс, според кои Република Северна Македонија се искачи за 12 места, односно на 54-та позиција за 2023 година, во споредба со 66 место во 2022 година, а 9-та на листата со најиновативни економии во групата на земји со високо – средни приходи. Но исто така и бројките од портфолиото на ФИТР говорат дека во нашата земја има тенденција на пораст на раст и развој на мали и средни претпријатија.
Иако постојат позитивни знаци на напредок на македонската стартап и иновативна сцена, постојат и бројни аспекти кои сѐ уште бараат дополнителна поддршка и внимание. Финансиската поддршка за стартапите е едно од најголемите ограничувања за македонските претприемачи. Во нашата земја достапни се неколку извори на финансирање, но сепак не се доволни за да ги задоволат потребите на сите амбициозни стартапи во земјата. Во оваа насока, можам да кажам дека ФИТР превзема конкретни чекори, преку аплицирање во меѓународни фондови со кои настојуваме да обезбедиме дополнителен капитал за сите млади и амбициозни луѓе кои сакаат да започнат свој бизнис или пак сакаат да растат и да се развиваат.
Во моментов сме во почетна фаза на развивање на проектот „Green Business Facility“, кој вклучува советување на компаниите, советување на ФИТР, промотивни активности и развој на политики. Втората фаза од проектот вклучува инвестирање во зелени бизниси. Преку проектот ќе се обезбедат грантови, преку конкурентна постапка (таргетирани повици за предлози) на избрани компании за нивните проекти/иницијативи, во области како што се: индустриски иновации и циркуларна економија, зелени згради, чисти енергетски ресурси и одржлива мобилност, одржливо користење на земјиштето и природата и подготвеност за примена на стандардите на внатрешниот пазар на ЕУ. Ќе се земе предвид и родовата перспектива.
Работите се придвижуваат полека но сигурно. Позитивен чекор е одлуката на Европската комисија која и додели на Република Северна Македонија ознаката за регионална долина на иновации. Нашиот регион покажа јасна посветеност на подобрување на координацијата и насоката на своите инвестиции и политики за истражување и развој во поддршка на главните општествени предизвици кои се од клучен интерес на ЕУ, како што се намалување на зависноста од фосилни горива, совладување на дигиталната трансформација (вклучувајќи ја и сајбер безбедноста), подобрување на здравствената заштита, промовирање на кружноста и зголемување на безбедноста на храната.
Фондот активно беше вклучен во креирање на Стратегија за паметна специјализација 2023 – 2027 (The Smart Specialization Strategy – S3), која е од големо значење за идниот раст на македонската економија, овозможувајќи понатамошен развој преку зајакнување на истражувачките и иновативните потенцијали, олеснување на трансформацијата заснована на знаење, зајакнување на конкурентноста заснована на знаење и соработка меѓу академијата и бизнисот, диверзификација на постоечките индустрии и услужни активности. Верувам во потенцијалот на S3 да ги трансформира регионите и се надевам дека ќе придонесе за поиновативна Европа.
Во финална фаза сме во креирање на новата Национална стратегија за развој на МСП (2025-2030 год), во која ФИТР даде свој инпут, идеи и искуства во новата стратегија, која ќе отвори нови начини и принципи за подобрување на развојот на МСП во согласност со стратешките приоритети и добрите практики на ЕУ.
Секако, за да ја подобриме позицијата на Северна Македонија во глобалната стартап заедница, потребно е сите заедно да работиме и да создадеме подобри услови за развој на претприемништвото и да ја претвориме Северна Македонија лидер во стартап и иновацискиот сектор.
Во услови на голема компетитивност во светот на технологијата, колку домашните компании се конкурентни на светскиот пазар и на кој начин и со какви инструменти може да се поттикине истата?
Големата конкуренција на светскиот пазар, новите технолошки иновации и динамиката на глобалните економии поставуваат високи стандарди пред домашните компании. Ако сакаат да успеат на глобалниот пазар домашните компании мора да се прилагодат на новите трендови и да развијат свои конкурентнски предности. Ова претставува одлична шанса за сите оние храбри луѓе кои се подготвени да превземат ризик, да го превземат следниот чекор и да ги искористат сите ресурси и алатки што им се на располагање.
Иновацијата тука игра клучна улога за опстанокот и растот на бизнисите, а особено на малите и средни претпријатија. Една од најважните стратегии за поттикнување на иновациите и конкурентноста на домашните компании е соработката помеѓу академската заедница и бизнисите. Горд сум што можам да кажам дека превземавме голем чекор во поттикнување на оваа соработка и недамна го затворивме пилот повикот „Ваучери за иновации за Западен Балкан“ наменет за поддршка на научно-истражувачки проекти и поттикнување на соработката меѓу академската заедница и домашните, малите и средните компании. На повикот пристигнаа 32 проектни апликации од сите земји на западен Балкан, кои преминуваат во следна фаза на претселекција. Пилот повикот е дел од европски проект „POLICY ANSWERS“, во кој ФИТР ја доби водечката улога во пилотирање мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан. Проектот е финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската комисија
Оваа соработка не само што создава нови можности за научно-истражувачки проекти, туку и ја поттикнува примената на новите научни откритија во реалниот бизнис свет. Како што знаеме, иновациите кои се базираат на научно истражување можат да ја формираат иднината на индустриите и да создадат долгорочни конкурентски предности.
ФИТР е институција им дава шанса на младите со тоа што ја поддржува нивната креативност и иновативност. Како младите и амбициозни претприемачи да се мотивираат и заинтересираат да останат во земјата?
Генерално, „одливот на мозоци” е предизвик со кој се соочуваат сите земји а посебно оние во развој, каде што младите таленти и квалификувани работници бараат можности во развиените земји. Јас верувам во потенцијалот кој го поседуваат младите и иновативни претприемачи во Република Северна Македонија, а во текот на изминатите години се уверивме дека постојат навистина квалитетни и амбициозни луѓе кои имаат визија и храброст да направат големи промени. Горд сум што можам да кажам дека ФИТР досега реализираше пет циклуси од “Предизвик за млади истражувачи” со кој го поттикнувам креативното размислување кај децата и даваме поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод. Поддржавме преку 100 предлог проекти, на кои се вклучени 652 ученици и 142 ментори. Овозможивме младите амбициозни луѓе преку програмата Џуниор Ачивмент Македонија да добијат шанса преку практични обуки да станат идни претприемачи. Би ја споменал и UPSHIFT програмата која ја реализира CEED Hub Скопје, со поддршка на Министерството за образование и наука, Фондот за иновации и технолошки развој, УНИЦЕФ и Бирото за развој на образованието.
Развојот и истражувањето имаат значајна улога во професионалниот развој на младите, но за жал увидовме дека на младите им недостасува простор и опрема каде тие можат да истражуваат и пронаоѓаат нови иновативни решенија. Така произлегоа и двата предизвика „Fab Labs” и „MakerSpace” кои ги креиравме со цел да им дадеме шанса на сите млади ентузијасти директно да учествуваат во научно истражувачката дејност и да влијаат на развојот на нивната кариера. Поддржавме воспоставување на седум нови лабараотории во рамките на вискообразовните институции, каде младите истражувачи имаат бесплатен пристап, менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип или мало производство на иновативно решение кое можат да го тестираат во лабраториска, во индустриска средина и/или на пазарот.
Од суштинско значење за иднината на нашето општество е креирањето на стратегија преку која ќе се мотивираат младите и амбициозни луѓе да останат и развиваат тука од нашата земја. Како прво, треба да создадеме обемна образовна инфраструктура, која ќе ги обучува младите претприемачи да се стекнат со нови знаења, да истражуваат и пронаоѓаат креативни решенија, да стекнат практични вештини кои подоцна ќе ги применат во својата работа. Менторството и создавањето на специјализирани програми за обука, акселератори, и инкубатори кои ќе им помагаат на младите претприемачи да ги развијат своите вештини, да научат од искуствата на успешни бизнисмени и да добијат практична поддршка во своите бизнис планови. Секако, свесни сме дека покрај знаењето, младите треба да поседуваат и капитал за да започнат со сопствен бизнис. Оваа поддршка е важна не само за стартапите во рана фаза, туку и за оние кои се соочуваат со првиот сериозен раст и проширување на својот бизнис.
Ако сакаме да го видиме нашето општество да расте, да се развива и да ја достигне својата целосна потенцијалност, треба континуирано да инвестираме во иднината на нашата младина. Да ги дадеме можностите кои им се потребни, да ги охрабриме да ризикуваат и да ја следат својата страст. Тие се тие кои ќе ја обликуваат нашата иднина, и затоа мораме да ги мотивираме и поддржиме.