Данскиот град Есбјерг на брегот на Северното Море стана глобална икона за одржливо греење благодарение на топлинската пумпа која ја претвора температурата на морето во енергија. Наместо деактивираната термоцентрала, сега е пуштена во употреба голема топлинска пумпа, која температурата на морето ќе ја претвори во 280.000 мегават-часови енергија, што доволно за загревање на 25.000 домаќинства, пишува Deutsche Welle.
Ова може да биде изненадување за жителите на јужните мориња, но Тобијас Хирш од MAN Energy Solutions објаснува како оваа топлинска пумпа работи одлично дури и при најниски температури, кога Северното Море е четири степени или дури и пониско.
„И тогаш сè уште можеме да добиеме доволно енергија од морската вода и да им обезбедиме на градот и неговите жители вода загреана на над 90 степени“, вели Хирш.
Оваа топлинска пумпа има два извора на енергија: во првата фаза голем волумен од 4.000 литри морска вода во секунда се зема во разменувач на топлина за приближно 3 степени Целзиусови. Оваа топлина се пренесува на течноста за ладење – јаглерод диоксид. Како во домашен фрижидер, но обратно, тогаш тој гас се компресира на 120 бари и на тој начин неговата температура се зголемува.
Секако, за пумпата и за компресорот е потребно многу струја, а се добива од ветерниот парк на таа постројка за индустриска топлинска пумпа.
Германскиот експерт Хармут Сплитоф од Техничкиот универзитет во Минхен вели дека ова е исклучително ефикасен систем: „Ваквата топлинска пумпа создава три до пет единици топлинска енергија од една единица електрична енергија. Ваквиот капацитет е особено разумен кога е достапна и електрична енергија од обновливи извори“.
Германскиот експерт објаснува дека температурата на водата обично е повисока од температурата на воздухот, а тоа не е случај само со морето, туку и со реките и езерата, кои во просек се потопли за 8 до 10 степени. Таквите индустриски топлински пумпи се еколошки разумни, исто како што се економски атрактивни опции, посочува Мартин Пент од Институтот за енергетски и еколошки истражувања (IFEU) во Хајделберг.
Секако, ова првенствено се однесува на местата каде што веќе постои систем за топла вода, но и во градовите каде што не е можно да се инсталираат домашни топлински пумпи. Баварскиот град Розенхајм, всушност, е првиот град во Германија кој веќе се сврте кон греење со вода, во овој случај реката Милбах. Тоа е само дел од целиот систем, кој вклучува и електричен котел и гасни мотори.
Сепак, еколозите не се сосема сигурни дали ваквите топлински пумпи на реките и морињата се навистина еколошки. Ако се однесе топлина од водите, тоа неминовно значи дека тие ќе станат постудени.
(Bizlife)
(фото: Wikimedia)